5 причини зошто штрајкот во Кина е застрашувачки за транс-националниот капитализам

01.05.2014 12:12
5 причини зошто штрајкот во Кина е застрашувачки за транснационалниот капитализам

Повеќе од 48.000 работници од кинеската фабрика Јуе Јуен (членка на Pou Chen Group) која произведува патики за Најк и Адидас, на 14 април стапија во штрајк по информацијата дека фирмата во последните дваесетина години им давала да потпишуваат лажни договори. Работниците бараа надоместување на неплатеното социјално осигурување, значително зголемување на платите и правно валидни договори за работа.

Компанијата понуди мизерно зголемување на платите и плаќање на трошоците за живот, понуда што работниците ја одбија. Размерот и траењето на штрајкот претставуваат историски пресврт во устројството на глобалниот капитализам.

Иако повеќето штрајкувачи се вратија на работа, 10 илјади работници и понатаму штрајкуваат. Нејасно е зошто дел од работниците се вратиле на своите работни места, бидејќи поголем дел од барањата не се исполнети. Меѓутоа, се наведува дека Адидас еден ден пред делумниот крај на штрајкот се заканил со преместување на производството, а бидејќи производсвтото продолжило, тие изјавиле дека сепак остануваат „верни“ на фабриката и на „Кина како земја добавувач“. Активистите велат дека управата на фабриката, во соработка со полицијата, ги натерала работниците да се вратат.

Бројни се причините зошто овој штрајк е застрашувачки, не само за директорите во кинеските фабрики, туку и за транснационалниот капитализам воопшто.

1. Тоа е најголемиот штрајк во модерна Кина

Штрајковите во Кина обично завршуваат со исполнување на барањата кои се однесуваат на одредено прашање. Овој штрајк е неодреден и ексалира, барањата се повеќе структурирани, работниците не ги прифаќаат трошките кои им ги фрлаат директорите, а штрајкот се шири во останатите покраини. Промените во кинеското производство можат да имаат последици за глобалното производство.

Поради штрајковите, платите во Кина во просек пораснаа за 17% годишно од 2009 и сега се речиси пет пати поголеми отколку во 2000 година. Штрајковите од овие размери уште повеќе ќе ја продлабочат кризата на индустрискиот капитализам.

2. Репресијата на кинеските власти е омекната

Иако во Јуе Јуен имаше апсења, во последните години кинеските власти помалку се склони кон милитантно задушување на работничките акции. Тоа треба да се сфати како пресметана економска одлука, односно пренасочување на економијата кон потрошувачката. Повисоките плати значат и поголема куповна моќ. Државата е помалку заинтересирана за одржување на малите плати за да привлече странски инвеститори.

ММФ во извештајот од 2012 година ја гледа кинеската економија во процес на реориентација, со нагласок на внатрешните инвестиции и оддалечување од растот преку извоз. Ако овој потег се покаже успешен, ќе се продлабочи, барем краткорочно, кризата на профитабилност и акумулација на меѓународниот капитал кој зависи од улогата која Кина ја има денес. Отстапувањето од оваа конфигурација ги поткопува темелите на индустрискиот капитализам.

3. Преголем е за cut-and-run

Индустријата за обувки се потпира на потрошувачите, што значи дека брендот и трговецот, а не производителот, се двигатели на вредноста на ланецот. Тоа значи дека, на пример, Адидас, едноставно ќе премине во друга фабрика доколку постои проблем во сегашната. Меѓутоа, производството почна да се консолидира во неколку земји, поголемите добавувачи ги презедоа помалите и се проширија на складирање, логистика, па дури и трговија на мало. Развојот доведе до монополизација, што доведува до поголема вредност на крајот од ланецот за снабдување. Тоа особено се однесува на обувките.

Pou Chen Group е најголем произведувач на обувки во светот и еден од „стратешките партнери“ на Најк и Адидас. Транснационалните брендови и фабрики се меѓусебно зависни. Поголемата вредност на крајот на ланецот значи и помала моќ на брендовите да ги диктираат цените и поголема моќ за преговарање кај работниците на поголемите добавувачи, независно од брендовите. За Најк и Адидас стана исклучително скапо да преминат кај некој друг добавувач.

4. Цената на потрошувачкте добра е во пораст

Од кризата во 1970-тите западните пост-индустриски економии прилично профитираа од растечкиот долг и евтината стока како што се обувките. Како што кинеските работници бараат поголеми плати, цената на трудот може да порасне, како и конечната цена на производот. Во комбинација со падот на платите на запад, намалувањето на вредноста на имотот, забрзаната автоматизација на услугите и индустрискиот сектор, како и намалувањето на задолжувањето, ефектот ќе биде пад на потрошувачката моќ. „Тоа е крај на евтината сткока“, вели Брус Роковиц, извршен директор на Li&Fung, која држи 4% од вкупниот кинески извоз во САД. Предвидувајќи дека цената на стоката ќе расте за 5% годишно, тој смета дека „не постои следна“ после Кина, истакнувајќи дека Li&Fung веќе работи со просечно поскапување од 15% годишно.

5. Стана глобално

Локалните организации во покраината Гуангдонг и Хонг Конг кои ги поддржуваат штрајкувачите, ги повикаа меѓународните сојузници да преземат мерки за да го принудат Адидас да интервенира и да обезбеди да се исполнат барањата на штрајкувачите. Од 23 април протестите се шират глобално низ Тајван, Мелбурн, Сан Франциско, Лос Анџелес, Чикаго, Милвоки, Њујорк, Оксфорд и Лондон.

Извор: wire.novaramedia.com

ОкоБоли главаВицФото