Автомати

02.05.2014 07:47
Автомати

Овие персони, со излитени панталони на задниот дел од менувањето на многу столови, апсолутно ми асоцираа на нашиот стар и добар музички автомат од „Победа“ - фрли ја монетата и ќе ти ја пее песната што ја сакаш.

За нашата генерација, која растеше во повоените услови, новитетите и пронајдоците стигнуваа еден по друг. Секако, за нас како студенти едно од „епохалните откритија“ беше музичкиот автомат поставен во предземјотресниот период во ресторанот „Победа“,сместен во една од бившите кули спроти Старата железничка станица, денешниот Музеј на град Скопје. Ресторанот „Победа“ беше едно пријатно место, но уште попријатно беше кога дојде фамозниот музички автомат. Во една стаклена витрина беа поставени десетици грамофонски плочи од 45 вртежи, со голем број моментални хитови, во која со уфрлување на една метална паричка и притиснување на копчето со бараната мелодија, механичка рака ја земаше плочата и ја носеше на грамофонот и следуваа три минути задоволство. На тој начин, кога уште телевизијата беше во повој и не беше влезена масовно во домовите, ние уживавне во рокенролот, твистот, Доменико Модуњо и многу други хитови.

На ова навраќање на подалечното минато, пред некоја година ме натераа тројца експерти и аналитичари, кои постојано учествуваа во многу дебати организирани од „непогрешливиот“ Институт. Овие белокоси и белобради експерти, кои за време на социјализмот направија завидни научни, дипломатски и новинарски кариери, со истиот тренд продолжија во транзицијата, за време на владеењето на СДСМ, заземајќи важни и клучни положби во дипломатијата, журналистиката и науката, за на крај да завршат во владејачката партија и да дебатираат за сите прашања, од демократија, безбедност, името на државата, економијата и што уште не, со една единствена цел - величење на владејачката партија, а урнисување на постигнатите дострели како во бившиот систем, така и за време на владеењето на претходните. Значи, овие персони, со излитени панталони на задниот дел од менувањето на многу столови, апсолутно ми асоцираа на нашиот стар и добар музички автомат од „Победа“ - фрли ја монетата и ќе ти ја пее песната што ја сакаш. Само што овој пат уфрлената монета е многу поголема од нашите тогашни динарчиња. А тоа се покажа и на дело, едниот кој протрча низ неколку политички партии од демократски алтернативи, нови алтернативи, директорување во НИПОТ, кај што се сопна на некој теписон и му го стави клучот на НИПОТ, виде дека нема аир од сето тоа и си се смести под гунчето на пастирот, што се покажа корисно, бидејќи од таму е најкраток патот до сончевата Андалузија.

 

Меѓутоа, професијата автомати се негува упорно и денес. Го слушам, во една дебата на една од националните телевизии, со двајца сериозни новинари, еден од актуелните автомати, кој исто така протрча низ неколку партии, од СДСМ, ВМРО, ЛДП, пак ВМРО и успеа, иако млад, да ги излити пантолоните на задникот.

Го слушам и го гледам на екранот како тресе бисери пред своите навистина респектирани соговорници. Покрај другото, овој голем експерт и аналитичар ќе одвали дека во минатиов период решени се сите стратешки прашања во државава и за наредниот период останува само вложувањето во економијата и затоа во оваа кампања тежиштето е на економијата! Човеков или
не знае што се стратешки прашања или со уфрлената паричка ќе ја пее песната што му е нарачана.
Дали постои некоја национална стратегија за најактуелното прашање на Македонија за влезот во ЕУ и НАТО, патот и начинот по кој ќе се дојде до таа цел, дали постои некоја стратегија за решавање на спорот околу името со Грција, освен фразите дека нема да го свиткаме ’рбетот, кои се употребуваат во секојдневната реторика, дали постои некоја национална стратегија за совладување на сиромаштијата во државата по која сме на дното од скалилото, дали постои некоја долгорочна стратегија за образованието, здравството, запирањето на белата чума, спречувањето на сѐ помасовното иселување и многу други дали кои може да се постават?

Конечно, што е и најважно, дали некој се осврнува на многуте предвидувања и укажувања на релевантни надворешни институции за загрозеноста на опстојувањето на државата Македонија и Македонскиот народ? Ова се долгорочни цели за кои мора да има национална стратегија и за кои треба одговор да даде самиот народ, каде се гледа во сите овие меѓународни превирања и во последно време, прерасподелба на моќта на светско ниво. Македонија е многу мала земја и на светската мапа не значи ништо, а со преуредувањето на Балканскиот простор ја изгуби и извесната стратегиска улога која ја имаше пред некоја деценија. Дневно-политичките зафати се само „амбулантни решенија“, а не се суштински, со кои требе да се обезбеди развојот и опстојувањето на државата и нацијата. А во нашето општество толкувањата на вакви клучни прашања се препуштаат на некои гологлави „вувузели“!

Фотографии: Роберт Моран

ОкоБоли главаВицФото