Првомајски штрајк, првоаприлска шега

02.05.2014 09:05
Првомајски штрајк, првоаприлска шега

По повод Први мај, меѓународниот ден на трудот, Координативно тело на Повелбата за солидарност на синдикатите и организациите за заштита на работничките права вчера делеше летоци - јавно, на улица - со кои повикуваше на солидарен протест. Што ќе се одржи утре сабајле.

Ако се реални, тогаш организаторите мора да знаат дека го бараат невозможното. Од најмалку две причини. Прво, во Македонија нема незадоволни работници - ако се незадоволни, не се работници, ако се работници, се презадоволни и, второ, не одговара времето - ако не врне, ќе капне и ќе ја прелее чашата на незадоволството од вакви утописки проекти со однапред промашена цел (понадежно звучи повик на второмајски контрапротест).

Одамна овде никој не само што не знае како, туку не знае ни зошто воопшто се одбележува Први мај. Така е зашто историјата, поточно трагедијата со работници на барикадите во Чикаго од 1886 година, во последниве седумдесетина години ни се повторува како фарса со плескавици на скарите.

Единствено што може да направи Сојузот на синдикатите, најбесмислената од сите постоечки организации, е да организира протест пред конфекцискиот погон на Илинденска бб во Скопје. Да ја спречи Софијанова да воведе ново работно време – 36/9, односно да остане законското 24/7, да инсистира на надомест за прекувремено доцнење и за ноќен труд (гасење светло), стриктно почитување на правилото за минимална сметка на Кајманските острови, како и селективно право на тајно користење годишен одмор во Грција.

Извор: Слободен печат