Интернетот го измислил Черчил во 1918

02.05.2014 09:11
Интернетот го измислил Черчил во 1918

Владимир Путин минатата недела најпосле исцрпно објасни што всушност мисли за интернетот. Сите досегашни изјави ни говореа за неговата целосна рамнодушност кон глобалната мрежа, а по оваа последната, минатонеделната, стана јасно дека Владимир Путин останал оној ист офицер на КГБ од крајот на 80-тите.

На Форумот на регионални медиуми (Медиафорум независимых региональных и местных СМИ) одржан во организација на Народниот фронт, одговарајќи на забелешката на „рускиот блогер“ Виктор Леванов дека САД го контролираат целиот светски интернет, Путин го напомена следното: „Сѐ што кажавте е жива вистина, чиста и апсолутна. Целиот интернет оди преку серверите кои се наоѓаат во Америка и вие мора да сметате на тоа. Таков е животот, таков го смислија Американците и морате да се помирите со тоа. Тие го направија тој интернет. Вие секако знаете дека сето тоа, во првата фаза на развојот беше замислено како специјален проект на ЦИА. Како што е замислено, така и се развива. А сѐ останато што излезе, како што обично се вели, на пазарот, оствари огромен комерцијален успех. Но сеедно, тоа е изворно воена програма, специјална програма и таа денес функционира како дел од програмата за работа на специјалните служби.“

Како што депутатот Евгениј Фјодоров верува дека песните на рок групата Кино (Виктор Цой) ги пишувала ЦИА, бидејќи тоа уште во 1980 му го објасниле луѓето од КГБ, така и претсдателот Путин кој таа 1980 работел во КГБ, верува дека интернетот го направила ЦИА.

Дознавме и дека чиновниците во Кремљ веќе разработуваат стратегија со која ќе се променат правилата на глобалната интернет мрежа. Во оваа стратегија се вклучени многу компоненти. Такво е, на пример, демаскирањето на електронскиот надзор кој го спроведува американската Национална агенција за безбедност (NSA), а со цел унапредување на идејата за „националниот суверенитет“ на интернет мрежата, то ест, од една страна за обезбедување на границата на контрола и од друга, за целосната прозрачност на сите платформи за кои руските тајни служби се интересирале. Потоа, тоа е рушењето на позицијата на американските невладини организации кои се управувани преку интернет и кои делуваат под закрила на најразлични меѓународни организации, од Меѓународната унија за телекомуникација (ITU), до форумот Net Mundial одржан минатата недела во Сао Паоло. Такви се и локалните иницијативи за „приземјување“ на глобалните интернет платформи, како што се Гугл и Фејсбук, на руска територија. Првиот чекор во тој правец веќе е направен. Минатата недела во Думата е изгласан закон со кој сите интернет сервиси, сите податоци со кои тие располагаат, мораат да се чуваат на сервери кои се наоѓаат на територијата на Руската Федерација. И на крајот, таква е играта за давање азил на Едвард Сноуден, претстава во која неговото прашање упатено до Путин за време на „директната линија на претседателот и народот“ требаше да има ефект на брехтовски сонг.

А паралелно со оваа комплицирана и повеќекомпонентна стратегија, стои и компетентното мислење на Владимир Путин за тоа како всушност сето тоа е организирано. Се испостави дека во неговата слика на светот сѐ функционира многу просто. Во неа нема детали и затоа нема разлика помеѓу тајните служби и војската. Во неа не постои времето и затоа, ако пред некои 30 години се занимавал со нешто, тоа значи дека тој и денес учествува во сето тоа. И на крајот, тука работите не се раздвоени и затоа, штом два објекта веќе се некако поврзани, повеќе не е важно кој кого контролира.

Грешките кои произлегуваат од ваквиот пристап можеби најочигледно се гледаат на примерот на двете најпопуларни конспиролошки теории кои кружат во Русија. Првата тврди дека бидејќи ЦИА во 80-тите години ги поддржувала муџахедините, оние истите кои ги финансираше и Осама бин Ладен, тоа значи дека истиот тој бин Ладен, по налог на американските служби во 2001 ги урнал кулите близначки во Њујорк. А почитувачите на другата теорија веруваат дека Шамил Басаев, по задачата која ја добил од руските служби за безбедност, ги кренал во воздух станбените згради во Москва, а потоа го организирал нападот на претставата Норд-Ост и терористичкиот напад на Беслан. Бидејќи во грузиско-абхаскиот конфликт во 1992, тајните служби на Русија ги поддржуваа Абхасците, а Басаев тогаш војуваше на нивна страна.

Оперативна истенченост, здружена со недозволиво ниски способности за анализа - тоа е карактеристика која многу експерти за прашањето на специјалната безбедност ја истакнуваа за работата на КГБ уште во дамнешните советски времиња. И затоа не е нималку случајно што дури во 1989 година е основана Дирекција аналитички работи при комитетот за државна безбедност (КГБ). Дотогаш, сите партиски буџи им забранувале на чекистите да се занимаваат со аналитика. Дури и високопочитуваниот Јуриј Андропов сите извештаи на КГБ ги пропуштал низ филтерот на своите советници кои можеле да бидат регрутирани од кој било ресор на државната управа, само не од службата за државна безбедност.

На некого можеби му се чини необично тоа што и по 25 години Владимир Путин останал верен на исконските традиции на својот ресор. Но многу поголем проблем е тоа што ни на крај памет не му паѓа да го користи андроповскиот филтер.

Извор: Ежедневный журнал, 25.04.2014.

ОкоБоли главаВицФото