Заборавената Прва светска војна

02.05.2014 11:08
Заборавената Прва светска војна

За многу млади во Америка, Франц Фердинанд е „кул“- секако, станува збор за познатиот поп бенд. Кенет Кларк, директор на воениот музеј во Чикаго е свесен за тоа. Тој вели дека само мал дел од младите знaат дека Франц Фердинанд бил австриски престолонаследник после чие убиство во Сарево почнале злоделата на Првата светска војна која однесе 117.000 животи на американски војници.

„Во таа војна за само неколку месеци загинаа повеќе американски војници отколку за време на десетгодишната војна во Виетнам“, неодамна на фејсбук напиша вашингтонскиот новинар Мајк Мосетиг и извлече отрезнувачки биланс: „Ние знаеме која војна е заборавена; која војна помеѓу Граѓанската војна и Втората свестска војна се извлече од нашето историско паметење“.

Во војната заминале и 350.000 Афроамериканци

Кенет Кларк сака да го промени тоа со својата изложба во Чикаго: „Сакаме настаните од пред сто години да ги земеме како повод да им раскажеме на луѓето што повеќе за Големата војна“, вели тој за Дојче веле. Кларк во оваа комеморативна година ја испраќа до јавноста следнава порака: „Тоа е настан кој ја промени историјата, кој е вреден за Вашето внимание. Затоа што познавањето на историјата значи дека таа нема да се повтори“. Во неговиот музеј, веднаш до влезот, се наоѓа мала збирка на пропагандни постери. Со нивна помош, американската влада регрутирала млади луѓе за војната. На крајот во неа заминале повеќе од еден милион американски војници, а 350.000 од нив биле Афроамериканци.

Вудру Вилсон, претседател на САД во време на Првата светска војна

Германска подморница во езерото Мичиген

Има една воена атракција која е спектакуларна и речиси заборавена, а се наоѓа недалеку од изложбата на Кларк на дното на езерото Мичиген. Тоа е една запленета германска подморница која по војната е довлечена таму и е покажувана на посетителите, за на крај - со славење – да биде потопена. „Добро е конзервирана во студена вода“- вели Кларк - „и само чека некој да ја извлече од таму“.

Симон Лијанг од Чикаго знае за таа подмориница. Тој 21-годишник студира историја. Првата светска војна за него била едно од првите разочарувања на студиите. Сакал да напише есеј за неа, но бргу се откажал бидејќи во САД не можел да најде доволно релевантни информации за војната: „За нас младите е тешко да ја разбереме таа војна. Училиштата прават сѐ што можат, но и образовниот систем има дупки“.


На светот не постојат само САД

Патем, токму Првата светска војна им донесе на Американците нов поглед на светот. „На светот не постојат само Соединетите Американски Држави“, констатирале многумина триејќи ги очите, вели Лијанг „Оттука, нашето видно поле се ширеше до она што го нарекуваме глобална економија и така се создаде потреба да го разбереме светот како целина“.

Потопувањето на „Лузитанија“ во 1915 година

Историчарот и добитник на Пулицеровата награда Дејвид Кенеди констатира дека американската политика повеќепати го менувала правецот. Влезот на САД во војната од 1917 година, неполни три години по нејзиниот почеток, ја капитулираше таа земја на светската сцена. Откако германските подморници во 1915 година ја потопија „Лузитанија“ на чија палуба имаше 128 Американци, а потоа и други американски трговски бродови станаа жртви на „неограничената“ војна на германските подморници, претседателот Видру Вилсон се откажа од почетната неутралност - на 6 април 1917 ѝ објави војна на Германија.

Повторен пад во изолација

Откако централните сили се победени, САД брзо влегуваат во изолација - овојпат дури и подлабока и подолготрајна отколку пред војната. Историчарот Кенеди причините за тоа ги гледа во растечкото разочарување на Вилсон заради непомирливото држење на европските сојузници кон Германија, и во пропадната иницијатива на Вилсон за создавање „Лига на нации“, некој вид претходник на Обединетите нации. Но, со тоа не се согласува американскиот Конгрес. Билансот на Кенеди: „Тогаш сѐ уште не бевме спремни за поголема улога во светот “.

Хот-дог наместо франкфуртски колбаси

И во самите Соединети Американски Држави видиците понекогаш биле тесни. На многу Американци со германскко потекло по влегувањето во вojната им е направена „грозна“ неправда, вели историчарот Кенеди. Георг Глоцбах, Џорџ, тогаш бил доброволец. Немал друг избор „Оној кој не се борел, не заслужувал да биде граѓанин. Но, тие не сакале да пукаат на своите роднини во Германија“, вели Глоцбах, кој живее во градот Њу Улма, недалеку од Минеаполис на северот на САД. Отворените протести и отпорот кон служењето војска биле под надзор - „Комитетот за јавна безбедност“ испратил свои агенти во Њу Улм и тие таму ги шпионирале мисите и кафеанските озборувања - подеднакво.

Германските зборови се тргнати од имињата на улиците и од менијата. Така франкфуртскиот кобасица станал хот- дог. „Татко ми имал конфекциска работилница“, вели Глоцбах, „кога почнала војната, трговијата со сите оние кои не биле Германци речиси замрела“. Секој со германско име бил испрашуван - „тоа биле тешки времиња...“

Ранети американски војници во Франција, 1918 година

И многуте жртви во сопствените редови - многу мртви американски војници - за Американците претставуваа ново болно искуство. Последната војна пред тоа била водена против Мексико и од неа пред почетокот на Првата светска војна поминале повеќе од 60 години. Тогаш паднале 12.000 американски војници. Во Првата светска војна загинале десет пати повеќе.

Борба под англиска и француска команда

Во Националниот музеј на Првата светска војна во Канзас, музејскиот водич Роберт Дадли ни ги покажува бројните експонати кои покажуваат колку американската армија всушност била неспремна за акции во Европа. Некогашниот полковник и виетнамски ветеран вели дека американските единици по слетувањето во октомври 1917 најпрво биле стационирани во „мирните“ сектори. „До март 1918 не сме учествувале во жестоки борби. Дури кога започна Лудендорфовата офанзива, сме влегле во борба заедно со француските и британските единици, и тоа на почетокот под нивна команда“.

Сеќавање на сите паднати борци

Влегувањето на САД во војната дало одлучувачки придонес за победата, смета Дадли. Но, сеќавањето на војната сто години подоцна, вели, би требало да биде обележано со поинаков дух: „Сите војници учествувале во војната за да ја бранат својата земја. Комеморациите не би требало да служат за славење на победата, туку за сеќавање на војниците кои во војната се бореле за својата татковина“.

Повеќе од 150.000 луѓе годишно го посетуваат Канзас. Таму не е изложена само американската перспектива, туку и други гледишта на војната. Претставниците на музејот работат заедно со Комисијата на годишнината на избивањето на Првата свестска војна на организација на свечености и комеморации. Едно е сигурно - главните свечености ќе се одржат дури во 2017 година, сто години после влезот на САД во Првата светска војна.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото