Омраза уште подлабоко

03.05.2014 08:42
Омраза уште подлабоко

Да потсетам на анализата под наслов „Омраза длабоко“ направена во врска со текстот „Компаративност 2“.

Таму го дефиниравме говорот на омраза како: злоупотреба на слободата на изразување што се состои во употреба на изрази со кои се деградира, омаловажува, навредува одредена група (и припадниците на таа група) заради постоечки или замислени карактеристики на таа група, со цел поттикнување нетолеранција, непријателство, па и насилно однесување кон таа група, со што се повредуваат или се отежнува практикувањето на правата на луѓето кои припаѓаат кон групата или, пак, за кои само се претпоставува дека припаѓаат кон неа.

И повторно истоветна ситуација на говор на омраза во текстот „Сечење на чировите“. Во случајот со нагласена компонента на повикување на насилство и отворена закана со насилство. Уште позначајно е дека авторот е очигледно свесен дека неговиот напис претставува говор на омраза („Тоа што најразлични искомплексирани штребери вистинските дефиниции ќе ги нарекуваат говор на омраза, е нивен проблем.“), меѓутоа тој свесно избира таков начин на изразување. Вообичаено ваквите елементи во една правна постапка се искористуваат за зголемување на казната, односно, претставуваат отежнувачки околности.

„Говорот на омраза не е слобода на говорот“ – демонстрации против говорот на омраза, Сан Франциско, 2009. Фото: Media Alliance 2008

Кои се елементите од кои може да се изведе заклучокот дека во овој текст се користи говор на омраза?

 

1. Градење на предрасудата преку сознајната, емоционалната и компонентата на однесување/делување 

а) Во што се состои сознајната компонента?

Авторот почнува да ја гради предрасудата на тој начин што одредена група луѓе ја сместува во просторот на „членови и/или поддржувачи на политиката на СДСМ.“

Тој знае дека се тие дел од СДСМ. Тој, исто така, знае дека овие луѓе се педери (при што зборот педер е искористен со цел поттикнување на негативните чувства кај луѓето кои се отворено или затскриено хомофобични). Тој знае дека се тоа луѓе кои работат за интересите на грчката влада и грчките тајни служби и дека се обични платеници.

Со ваквото „знам“ не можеш да се справиш, затоа што нема никакви аргументи, нема податоци, нема фактографија, нема бројки или барем логични врски. Едноставно тврдење кое не нуди докази, туку ги става спомнатите луѓе во ситуација самите да докажуваат дека тврдењето не е точно (probatio diabolica).

б) Во што се состои емоционалната компонента?

Емоционалната компонента се гради со постепено зајакнување на етикетирањето на спомнатите луѓе (и оние кои не се спомнати, но се подразбираат или, пак, читателот ќе си ги подразбере). Прво ниво е дека се странски платеници (соросоиди, грчки, албански). Ова само по себе подразбира дека се предавници на сопствениот народ, држава, историја, традиција. Второто ниво на емоционалниот набој се постигнува со тврдењето дека овие луѓе би си ја продале и сопствената мајка, па дури и дете. Третото ниво на подигање на емоциите се постигнува со генерализација која ги идентификува како гадови, штеточини, рак рана, односно, ги сместува во шљам на секое општество. За да може емоциите да бидат посилни авторот употребува зборови како: чирови и гноеви на една држава. Со ова се предизвикува чувство на гадење, на огромна непријатност и се воспоставува врска со компонентата на однесување.

„Господ ги мрази оние што мразат“. Фото: Monado, 2011

в) Во што се состои компонентата на однесување?

Емоционалниот набој создаден со обесчовечувањето на одредена група луѓе директно влијае на однесувањето на луѓето. Имено, со овие луѓе не се постапува како со луѓе, не се третираат како луѓе, туку се исплукуваат, истискуваат или сечат: „Шлаемот се исплукува со р‘кање, гнојот се стиска и исфрла, чирот се отстранува хируршки. Со скалпел, со оштро сечиво.“

 

2. Дискриминација и насилство

 

За разлика од текстот “Компаративност 2“ каде што стануваше збор за евентуална умисла, со овој текст авторот нескриено повикува на дискриминација и насилство над спомнатите луѓе. Она што е интересно и посебно загрижувачко во овој текст е тоа дека авторот ги повикува институциите на системот на насилство, ограничување на правата и дискриминаторско постапување.

Тој ги повикува Јавниот обвинител, Владата на Република Македонија, министерството за финансии, да ги ограничат правата на одреден број здруженија на граѓани и поединци, да ги укинат, да ги стават под посебен надзор. Со цел подигање на емоционалниот набој авторот повторно се служи со тврдења за кои не само што не дава никакви аргументи, туку се и невистинити (како:

-„ЈО има законска обврска за вакво нешто“,
-„по урнек на британската, американската, германската или руската влада, да почне да го штити својот народ од овие штеточини“,
-„над половина милион луѓе му дадоа таков мандат на досегашниот и идниот премиер“,
-„Ние, на 27-ми сме дале мандат Македонија да ги истресе од себе овие вошки и крлежи“…).

Поттикнувањето на институционалната дискриминација е засилено со заканата дека

-„Доколку Владата и институциите на државата не ги преземат мерките на кои законот ги обврзува, следниот чекор ќе е вонинституционално организирање на Македонците за да си го изметат својот двор.“,
-односно „доколку не сака (или не може) државата, тогаш народот си има свои методи.“

Ваков текст е повеќекратно опасен (доколку авторот има „специфична тежина“).

1. Тој поттикнува на омраза кон одредена група луѓе и на насилство кон нив;

2. Тој ја поттикнува самоцензурата, го оневозможува поставувањето прашања, аргументираната критика и контролата над власта.;

3. Создава чувство на недоверба на граѓаните кон институциите на системот кои ги гледаат како дел од насилството, а не како можен механизам за заштита на сопствените права;

4. Создава атмосфера во која одговор на омразата со омраза претставува единствен видлив начин на заштита. Ова по правило води кон ескалација на анимозитетот и овозможува создавање критична експлозивна маса;

5. Ги обесхрабрува граѓаните да ги искористат институциите на системот за заштита на нивните права.

„Доста за говорот на омраза“, “Борете се против радикалната десница“ – демонстрации против пораките на омраза на десничарскиот радио водител Раш Лимбо. Фото: National NOW (Национална организација на жените), мај 2012

Сметам дека ваков отворен говор на омраза не смее да биде ниту премолчен, ниту да се толерира. Тој мора да биде адресиран од страна на институциите на системот, доколку тие сакаат да го задржат својот кредибилитет.

Во случај на молчење на институциите, сметам дека најдобар одговор претставува јасното идентификување на прекршувањето од страна на поголем број луѓе. Тоа ќе се направи на тој начин што сите наброени луѓе, сите оние кои мислат дека можат да бидат препознаени во овој текст и сите заинтересирани здруженија на граѓани ќе поднесат поединечни кривични пријави до основните јавни обвинителства. Актот на пријавување, направен од страна на спомнатите луѓе, е добар, но не и доволен. Мора да биде поддржан.

Во случај на одбивање на кривичните пријави, треба да се поднесат приватни поединечни тужби до основните судови на територијата на цела Македонија. Дури и ако тоа не резултира со осудителна пресуда – само доколку тие граѓани имаат можност да сведочат – тоа ќе биде повеќе од доволно.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото