Турција е надвор од контрола

03.05.2014 11:13
Турција е вон контрола

Приказ на книгите: The Rise of Turkey: The Twenty-First Century’s First Muslim Power (Подемот на Турција: Првата муслиманска сила на 21 век), Soner Cagaptay, Potomac 2014; Gulen: The Ambiguous Politics of Market Islam in Turkey and the World (Гулен: Двосмислената политика на пазарниот ислам во Турција и светот), Joshua D. Hendrick, New York University Press 2014; I’mamin Ordusu (Војската на имамот), Ahmet Sik, 2014

„Двајца пилоти во кабина авион почнуваат физички да се пресметуваат. Едниот ги исфрла членовите на посадата за кои мисли дека се блиски со неговиот ривал; другиот извикува дека неговиот копилот воопшто не е пилот, туку крадец. Авионот ја губи контролата, се врти и забрзано ја губи висината, додека патниците тоа го гледаат во паника.“

Ова е цитат од неодамна објавената колумна на Чан Дундар, турски новинар, и оваа метафора одлично ја илустрира ситуацијата на перверзниот, непотребен, речиси апсурден конфликт кој трае во Турција од декември и кој се заканува да ги поништи политичките и економските успеси од претходната деценија.

Страните кои се во конфликт се премиерот, 60 годишниот Реџеп Таип Ердоган и триесет години постариот турски проповедник, Фетулах Гулен. Ердоган е на чело на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) во политички хаотичната Анкара, турската престолнина. Гулен е најпознатиот турски проповедник и морален учител. Живее изолирано во Пенсилванија, наводно со нарушено здравје (има проблеми со срцето). Гулен, посредно, но цврсто контролира цело царство училишта, претпријатија и мрежа симпатизери.

Токму таа империја Ердоган сега ја опишува како „паралелна држава“, односно паралелна со државата со која тој е избран да управува. Сега реши да ја елиминира. Конфликтот изби во декември и доведе до исклучително деструктивни последици. Многумина следбеници на Гулен работат во владата и беа многу моќни. Но, сега, големи делови од државните служби се отстранети, многу медиуми се сведени само на пренесувачи на политички мотивирани прогласи и гласини, а економијата е забавена по силниот децениски раст. На турското чудо му дојде крајот.

Владата на Партијата на правдата и развојот (АКП) на Ердоган и движењето на Гулен споделуваат иста модернизаторска исламистичка идеологија, и иако нивните односи веќе одредено време се сè полоши, пред актуелната криза можевте да бидете блиски со двете страни. Коегзистенцијата одеднаш прекина на 17 декември, кога државните обвинители, кои ги сметаат за луѓе на Гулен, на информативен разговор приведоа 50 припадници на АКП, вклучувајќи ги и директорите на Халкбанка, државната банка, еден градежен магнат и синовите на тројца министри.

Рациите наводно ги извршиле гуленистички полицајци и посветено им е големо внимание во печатот и на телевизиските станици кои се наклонети кон Гулен. Обвиненијата се дека уапсените се виновни за корупција, шверц и други злоупотреби и истите беа твитувани и ретвитувани во поплави од осуди; гуленистичкиот напад од позиции во владата и од страна е вешто испланиран. Навистина се откриени некои неспорни докази, вклучувајќи и 4,5 милиони долари во кутии од чевли на генералниот директор на Халкбанка, со индиции дека некои министри биле подмитувани. Наскоро стана јасно дека втората фаза од истрагата ќе го закачи и синот на премиерот.

Брзината и силината на реакцијата на Ердоган укажува на тоа дека овие настани ги доживеал како најава за негово уништување. Веднаш почна да ги чисти компромитираните или потенцијално нелојални луѓе од своето окружување и во рок од неколку дена замени половина од својот кабинет, вклучувајќи ги и оние членови чии синови се приведени. Чистката се прошири до ниските позиции во државната управа. Во кампањата на Ердоган против влијанието на Гулен се преместени илјадници полицајци, како и виши обвинители кои работеле на случајот за корупција. И бирократските чиновници поврзани со сменетите министри, исто така се преместени или отпуштени.

Во почетокот на февруари, владата започна истрага против гуленистичките полициски службеници под сомнеж дека „оформиле илегална организација во рамки на државата“. Ердоган ја запре судската истрага и наместо тоа презеде директни мерки. Два месеци пред локалните избори и шест месеци пред претседателските избори кои планира да ги оспори, тој сè уште опстојува. Но, разнишана е политичката традиција која претставува синтеза на исламизмот и слободниот пазар, а премиерот е тешко разнишан и се очекуваат уште поголеми потреси.

Пред да се открие раздорот помеѓу Ердоган и Гулен, во почетокот на 2013 година, и секако пред протестите низ целата земја минатото лето кога турските либерали се дигнаа против својот авторитарен премиер, турската модернизаторска исламистичка струја уживаше голема поддршка. Ердоган беше нејзино олицетворение. Дојде на власт 2003 година, по повеќедецениската борба на исламистите против репресивните тактики утврдени во секуларните институции, првенствено во армијата и судството. Неколку години откако ја презема власта, изгледаше дека Ердоган решава многу проблеми во земјата. Користејќи го силното парламентарно мнозинство на АКП во парламентот, ја стабилизираше и либерализираше непредвидливата, полупланска економија, што ги правеше Турците побогати од кога било претходно дотогаш и спроведе многу либерални реформи (како што се забраната на тортура и поголеми права за Курдите). Можеби најважно, ги заузда вооружените сили кои од 1960 година срушија дури четири влади.

За тоа време АКП беше во неофицијална коалиција со помалку видливите исламисти, а најголем коалициски партнер им беше движењето на Фетулах Гулен. Од неговите училишта излегуваа убаво воспитани, патриотски ориентирани, побожни Турци, а владата ги воведуваше во бирократската и бизнис елита која постепено ја заменуваше старата секуларна гарда. Изгледаше дека Ердоган и Гулен ја остваруваат желбата на многу Турци за исламот во хармонија со изборната демократија, претприемништвото и конзумеризмот. Исламскиот елемент во оваа равенка требаше да гарантира високи стандарди на етиката и однесувањето. Јавниот живот со години беше расипнички, мангупски и алчен; исламистите ветуваа дека ќе бидат поинакви.

Но, ни исламистите не се оперирани од алчноста. Набрзо откако гуленистичката полиција ги изврши првите апсења во декември, на интернет се појави видео снимка со истакнат функционер на АКП фатен на дело. (Абдурахман Дилипак, водечки провладин колумнист, тврдеше дека постојат уште четириесет такви „монтирани“ снимки.) Се појавија и телефонски разговори на Гулен кои ги слушнаа неколку милиони луѓе. Во еден разговор тој одредува која турска фирма треба да добие договор со странска влада. Во друг, тој и неговиот соработник разговараат дали тројца „пријатели“ (т.е следбеници) на високи позиции во банкарското регулаторно тело на Турција ќе ја заштитат гуленистичката банка Bank Asia од државна истрага. (Набрзо потоа, овие тројца останаа без работа.) Сето тоа беше многу далеку од имиџот на скромен болен старец во ридовите на Пенсилванија, кој Гулен го градеше внимателно.

Тонот на конфликтот е незауздан и доаѓа од врвот. Ердоган одбива да го изговори името на Гулен, но кога зборува за „лажни пророци, видовити луѓе и псевдо-мудреци“, се знае на кого мисли. Во една од честите проповеди кои Гулен ги одржува од својот дом, а кои преку телевизија и интернет ги следи огромна публика во Турција, протераниот проповедник неодамна ги проколна своите непријатели, молејќи го Бога да им ги изгори куќите, да им ги згази огништата, да им ја разбие слогата“. Обвинувањата за голема државна корупција, кои опфаќаат наместени договори за градежни проекти и кршење на законот за зонирање, се повторуваат во гуленистичките медиуми доволно често за да им се всадат во главите на луѓето. На 24 февруари, снимки од телефонски разговори на премиерот и неговиот син Билал каде тие двајца планираат да сокријат десетици милиони евра, се поставени на YouTube. Премиерот тврди дека снимките се монтирани, но една снимка за дваесет и четири часа ја слушнале два милиони луѓе. Дури и чистките на Ердоган во правосудството и полицијата да значат дека нема да има успешно процесирање (а пратеничкиот имунитет ќе заштити некои од сојузниците на Ердоган), тешко е да се замисли дека владата ќе ја обнови својата некогашна репутација на чесност.

Природата на спорот е комерцијална колку и политичка. Владата ја обвини гуленистичката банка Bank Asia за купување две милијарди долари вредна странска валута, непосредно пред декемвриската полициска операција, што веројатно значи дека раководителите на банката имале дојава и очекувале пад на турската лира. Банката сега се мачи да го заузда масовното повлекување на штедењето по падот на нејзините акции за 46 проценти од 16 декември до 5 февруари. Дури и финансиските експерти кои не се наклонети кон Гулен веруваат дека владата го оркестрирала повлекувањето на влогот обидувајќи се да ја уништи банката, без оглед на можната колатерална штета за штедачите и банкарскиот систем во целина. Турскиот капитализам само формално се базира на владеење на правото.

Имиџот на Ердоган е нарушен. Летните протести на народот му го открија премиерот кој се раководи со бес и страв, бидејќи на незадоволството на главно секуларното малцинство не реагираше со некаков благороден гест, со кој би задоволил многу демонстранти, туку со пендреци, солзавец и обвинувања дека се работи за заговор на странските сили под контрола на „каматното лоби“, на кое му пречи Турција. Кога го споменува „каматното лоби“ Ердоган мисли на бескрупулозните западни шпекуланти – со други зборови, на Евреите – и неговите забелешки будат стари спомени, како што е турскиот долг кон европските банкари од времето на Отоманското царство, кои ја разнишаа империјата пред нејзиното рушење во Првата светска војна. Но, исто така, тој ги евоцираше и мрачните деведесетти, кога со инфлаторната, презадолжена и непродуктивна економија си поигруваа инвеститорите кои го собраа профитот кога пазарите кулминираа, па потоа повторно по неизбежниот крах – користејќи просечни реални каматни стапки од 32 проценти.

Овие трауми го одредија пристапот на Ердоган кон монетарните аспекти на кризата. Уште пред 17 декември, со комбинација од намалено купување обврзници од Федералните резерви, со закани од растечки глобални каматни стапки, докази дека турската економија се лади и полититички земјотреси предизвикани со летните протести, вредноста на лирата падна на 9 проценти. Овој пад е забрзан по декемвриските апсења, но премиерот го поддржа зголемувањето на каматните стапки откако вредноста падна за дополнителни 13 проценти и кога турските компании, изложени на краткорочен доларски долг, се мачеа да ги исполнат своите финансиски обврски. Најпосле, на 28 март централната банка ги зголеми каматните стапки и падот на лирата е запрен.

Идеолошкиот отпор на Ердоган кон зголемувањето на каматните стапки, скапо ги чинеше турските компании. Како што вели Инана Демиар, економист од Finansbank во Истанбул: „Немаше друг избор освен зголемување на стапките, инаку би избила целосна паника, но тоа требаше да се направи порано. Сега, турските компании ги снајде најлошото можно сценарио, со тешка отплата заради слабата лира и поголеми трошоци за финансирање заради зголемување на стапките“.

За само четири месеци, Finansbank ја измени прогнозата на растот за 2014 година, од 3,7 проценти на 1,7 проценти – по цела деценија просечен раст од над 5 проценти.

И покрај сите неволји, турската економија сè уште е голема, турските граѓани се за 43 проценти побогати отколку пред доаѓањето на власт на Ердоган. Оваа успешна земја е тема на книгата The Rise of Turkey: The Twenty-First Century’s First Muslim Power на Сонер Кагаптај, експерт за Турција од вашингтонскиот Институт за блискоисточна политика. За жал, Кагаптај ја заврши книгата далеку пред избивањето на сегашната криза, но неговиот тон дури и тогаш на моменти звучеше триумфалистички – како потсетник дека многу набљудувачи беа маѓепсани од примерот на Турција која ги губи комплексите од минатото, сколни да ја намалуваат сериозноста на идните опасности. Кагаптај долго се задржува на политичките и економските достигнувања на годините на Ердоган, но не им посветува доволно внимание на тензиите во рамки на турскиот исламизам, кои веројатно уште долго ќе ја дефинираат тамошната политика, ниту на корупцијата која го поткопува капиталистичкиот успех на оваа земја.

Исто така, The Rise of Turkey не зборува многу за проектот на Гулен – освен во поглед на неговата улога во организирањето на грандиозниот меѓународен собир на кој присуствувал Кагаптај, за „улогата на лидерите во Арапската пролет“. Денес, таков собир би бил незамислив, бидејќи сојузниците на Ердоган од Муслиманското братство се соборени во Египет и дека неговата сириска политика, базирана на брзо рушење на Башар ал Асад, сега е уништена. Кагаптај воопшто не е единствениот академски експерт кого го пречека движењето на Гулен, а неговиот опис на движењето како „престижно“ не е спорен. Но, Фетулах Гулен не може да се сведе само на престиж.

Gullen: The Ambiguous Politics of Market Islam in Turkey and the World е насловот на книгата на американскиот социолог Џошуа Хендрик, кој седум месеци волонтираше како уредник во една гуленистичка издавачка куќа во Истанбул. Како некој кој неодамна поминал неколку дена во друштво на гуленистите и кому нивното воздржано држење на почетокот му било чудно, а потоа помалку заморно, можам само да му честитам на Хендрик на истрајноста. Се исплатело, затоа што ова е корисен и детален приказ на движењето кој е дефиниран, ако такво нешто воопшто е можно, со замаглување.

Фетулах Гулен не признава дека предводи какво било движење или дека има каква било институционална врска со организациите кои го обожуваат. Неговите следбеници – според некои проценки ги има околу пет милиони – велат дека не се никаква мрежа, туку дека ги обединува уважувањето на оџаефендијата, односно „ценетиот учител“, и дека се инспирирани од неговата визија на модерен, толерантен ислам кој го вреднува знаењето и материјалниот напредок, како и побожноста и милосрдието. Гуленистичките компании не се претставуваат како такви, иако постои здружение, Турската конфедерација на индустријалци и стопанственици, чии членови признаваат дека го почитуваат. Заради тоа не е лесно да се процени нивната тежина во милијарди долари. Сликата на Гулен не виси на ѕидовите во над илјада приватни училишта, во над 120 земји, кои ги основале неговите поддржувачи, ниту неговото име е на импресумот на гуленистичкиот Заман, најголемиот дневен весник во Турција.

Како што истакнува Хендрик, многу луѓе не ни сфаќаат дека се наоѓаат во орбитата на Гулен – родителот кој го запишува детето во лиценцирано училиште во Јужна Африка, на пример, или подизведувачот кој работи со гуленистичка градежна фирма во Русија. Можноста за негирање и двосмисленост биле „пресудни за непречен подем (на движењето) во текот на три децении“.

Друг фактор е самиот Гулен. Со својот магнетизам придобивал следбеници од шеесеттите години, кога како млад имам бил познат по емотивниот стил на своите проповеди, на кои леел солзи и се фрлал на земја. Еден следбеник кој штотуку се вратил од посета кај оџаефендијата во Америка му зборувал на Хендрик дека „тој има моќ каква што просечниот човек... не може да замисли. Тоа е дар од Бога“. На некој начин, Гулен ужива сличен углед каков што има суфистичкиот „кутуб“, човек кого го избрал Бог да ја шири божјата вистина, но гуленистичкото движење е премногу световно за да се смета за суфистичко. „Акцијата“ е водечки пристап на гуленистите, а не одвоеноста од животот и интроспекцијата.

Потпирајќи се на учењето на турскиот проповедник од 20 век, Бадиузаман Саид Нурси, Гулен верува дека човештвото треба да се спаси од гревот и да му се покаже патот кон куранското откровение и пророчкиот пример. Со истото гледиште, други муслимански реформатори од 20 век, а особено Саид Кутуб во Египет, го оправдувале насилството како остра примена на светиот закон. Гулен влече на друга страна. Тој повикува на „прифаќање на луѓето без оглед на разликите во мислењето, светогледот, идеологијата, националноста или верата“ и на „демократија, универзални човекови права и слобода“ – што било анатема за Кутуб.

Гулен упорно се труди да го објасни интернационализмот на своето движење, со нагласок на учењето јазици во неговите училишта и трагање за меѓуверски дијалог преку конференции и универзитетски фондации. За разлика од многу други исламски организации, движењето на Гулен не собира пари исклучително за муслиманите, туку и за немуслиманите (на пример, за жртвите од земјотресот на Хаити). Гулен и неговите блиски соработници со сите сили се обидуваат да се дистанцираат од антисемитизмот, па дури и од критиките на Израел. Тоа го олесни продорот на движењето во САД, каде движењето има околу 135 лиценцирани училишта и силни сојузници во политиката, образованието и уметноста. И покрај тоа, Американците кои ги праќаат децата во овие лиценцирани училишта денес сè попретпазливо гледаат на гуленистите, грижејќи се заради нетранспарентноста на нивните цели и методи, додека останатите набљудувачи не се сигурни за што точно се залага Гулен.

Од почетокот на 19 век, образованието било преокупација на муслиманските реформатори – особено во природните науки – по што ниту движењето на Гулен не се разликува од останатите. Во Турција, тие контролираат осум универзитети, десетина приватни средни училишта, како и околу 350 подготвителни училишта кои ги подготвуваат децата за факултетските приемни испити. Во Турција образовниот систем не е на цена, па родителите се откажуваат и штедат за да го испратат своето дете во подготвително училиште.

Во една таква институција, беспрекорна, добро опремена и гуленистичка, еден наставник ми рече дека подготвителните училишта на Гулен ги испраќаат учениците на најдобрите универзитети во земјата и дека чуваат 15 проценти од местата за сиромашните стипендисти. Го прекина нашиот разговор за да оди во џамијата отспротива за да се помоли, па се врати во друштво на две фини, учтиви момчиња (женскиот дел од училиштето е одвоен). Ми зборуваа за системот „постар брат“, кој овозможува морална и практична поддршка за учениците кои се далеку од дома, сместени во училишен интернат. Едно момче спомена дека наставниците го третираат „како син“. Движењето на Гулен сака семејни аналогии. Не ги сака луѓето кои работат од девет до пет, посветеноста се цени и кај учениците и кај наставниците.

Богатство, успех, воодушевување затоа што им припаѓаш на оние кои ја познаваат вишата вистина – движењето на Гулен енергично ги трансформира и тоа е неговиот поттик. Може да се замисли какво чувство на долг негуваат сиромашните гуленисти откако ќе ги изберат и примат во овој блескав, космополитски, и пред сè, вмрежен свет. И покрај книгите и приказните за оџаефендијата, тие се придобиваат и со пријателство, а ако семејството не сака да ги следи, мораат да изберат помеѓу старото и новото семејство.

Сектите и затворените организации ширум светот се служеле со слични методи, а исходот не бил секогаш најсреќен. Еден психолог во Истанбул ми зборуваше за сиромашно момче, син на домар од најскапата градска населба, кој дошол кај неа по искуството со група гуленисти. Почнале да се дружат, го повикале во куќата во која живееле заедно, го запознале со идеите на оџаефендијата и го навеле да се чувствува умен, остварен и прифатен. Потоа, еден ден, додека другите не биле дома, претурал по ДВД-та, пронашол некое и го пуштил. Тоа било упатство за регрутирање следбеници каде се објаснувала тактиката која тој ја препознал дека ја употребиле за него. Така завршил кај мојата пријателка, психолог.

Некаде на почетокот од книгата, Хендрик пренесува дел од пронајдената видео снимка која е користена во 2000 година како доказен материјал во судската постапка против Гулен, кога му е судено во отсуство – веќе побегнал од Турција во Америка – за завера против секуларната држава. Во познатиот инсерт, Гулен им порачува на своите поддржувачи: „Морате да се вовлечете во артериите на системот, а никој да не ве забележи додека не дојдете до сите центри на власта... Морате да го дочекате моментот на контрола на целата државна власт“.

Но, Хендрик не се задржува на разните обвиненија кои во текот на годините можеле да се слушнат против Гулен; како социолог, можеби смета дека тоа не е негова задача.

Тврдењата дека Гулен се обидува да ги преземе државните органи, првенствено судството и полицијата, датираат барем од 1971 година, кога одлежал седум месеци затвор за поткопување на секуларизмот. Овие тврдења се засновани на една важна разлика помеѓу движењето на Гулен и другите турски исламистички традиции. Додека другите, на поставените правни и политички пречки реагирале на вообичаен начин, оспорувајќи ги изборите и обвинувањата, гуленистите се труделе да не се замеруваат со секуларните институции (не секогаш успешно, како што покажува лежењето в затвор на Гулен), додека во нив лесно се инфилтрирале. Во 2011 година, новинарот по име Ахмет Шик ја објави книгата Војската на имамот, која открива како гуленистите ја преземале контролата над полицијата во текот на две децении.

Војската на имамот е преполна со фасцинантни детали. Во неа се наоѓа и директива која наводно им е издадена на гуленистичките полицајци кон крајот на деведесеттите, во екот на кампањата на секуларната власт против турските исламисти. Во таа директива, на следбениците на Гулен во полициските редови им е наредено од куќите да ги отстрануваат книгите, во собите да чуваат конзерви од пиво и да им наложат на своите жени да ги тргнат шамиите за да остават впечаток дека се секуларни. Исто така, Шик пишува за преместувањата и смените кои го чекаат секој полициски службеник и обвинител кој ќе се замери со гуленистите, како и за кампањата за нивна сатанизација во гуленистичките медиуми, особено во весникот Заман.

Дел од материјалот, Шик го позајмил од постарата книга на поранешниот шеф на полицијата, Ханефи Авџи. Во септември 2010 година, два дена пред да ги поткрепи своите обвинувања на конференција за новинари, и наспроти своето десничарско определување, Авџи е уапсен под обвинение дека е припадник на левичарска организација. Шик е уапсен наредната година, непосредно пред планираното објавување на Војската на имамот. (Наспроти обидите на полицијата да го уништи секој дигитален примерок, книгата е објавена на интернет и преземена 100 000 пати за два дена.) Уште неколку новинари се уапсени под разни изговори, а обвинувањата против нив се поврзани во голема истрага за наводен заговор против државата која ја плетел стариот секуларен естаблишмент. Заговорот е наречен Ергенекон, според митската средноазиска колевка на турската нација.

Кога во 2007 година беше отворена истрагата за Ергенекон многу Турци ја поздравија како можност државата да повлече црта и да расчисти со злоупотребите кои ги направиле вооружените сили и нивните сојузници. Но, многу пред истрагата да кулминира, во август, со апсењето 242 лица вклучувајќи го и бившиот началник на генералштабот, заради „припадност на терористичката организација Ергенекон“, флагрантните неправилности во водењето на постапката натерале многумина да се предомислат. Луѓето беа осудувани врз основа на нелегално прислушување; имаше бројни случаи на аматерски подметнати докази. Можеби најшокантен пример, во една поврзана постапка, 330 активни и пензионирани припадници на вооружените сили се осудени на затворски казни заради планирање државен удер во 2003 година – иако обвинението се засновало на диск за кој е утврдено дека содржел верзија на пакетот Microsoft Office од 2007 година.

Ергенекон требаше да биде конечна победа на турските исламисти, кои со години биле потчинувани и Ердоган како нивен лидер; но постојат силни индиции за тврдењето дека никогаш не постоела таква организација под називот Ергенекон и дека главни мотиви за постапката биле злобноста и одмаздата. Според Гарет Џенкинс, британски научник кој детално го анализирал овој случај, прогонот не го започнал Ердоган туку „тајна група следбеници на Гулен од полицијата и пониските ешалони на судството“. Како што се развлекуваше процесот, тврди Џенкинс, гуленистите сè повеќе го користеа за пресметка со своите непријатели. Џенкинс смета дека Ахмет Шик, Ханефи Авџи и другите уапсени новинари – од кои некои сè уште чекаат изрекување пресуда – се казнети затоа што биле „критичари, противници или ривали на движењето на Гулен“.

Во 2006 година Гулен беше ослободен од обвиненијата за обид за преземање на власта во Турција, но Ердоган, неговиот поранешен сојузник, ја обнови таа идеја. Иако ја поддржуваше истрагата за Ергенекон, Ердоган сега едвај чека повторно да се отворат досиејата, не сомневајќи се во намерата да ги разоткрие судските злоупотреби на гуленистите. Минатиот месец, Ердоган одговори со една своја злоупотреба, протнувајќи во парламентот закон кој на владата ѝ дава поголема контрола над судиите и обвинителите. Конфликтот на овие двајца означува крај на соработката која во Турција на власт го донесе исламизмот и го доведува во прашање некогашното убедување дури и на некои либерали дека Турција, доколу го признава своето побожно мнозинство, ќе стане поправедна земја.

Извор: http://www.nybooks.com/

ОкоБоли главаВицФото