1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
„Демократијата има смисла кога имате економски независен и добро информиран гласач, некој кој има информации и умее да мисли. Инаку, тоа просто броење гласови зад кои не знаете што стои, тоа е глупост! Воопшто не сум импресиониран од бројките. Можеме утре да излеземе на избори и да изгласаме дека два и два се пет, но тие тоа никогаш нема да бидат. За вистините не се гласа!“
Срѓа Поповиќ тука мисли на Србија, се разбира, но ако ја пропуштиме нашата ситуација низ интелектуалните филтри на големиот човек од Белград, ќе можеме јасно да видиме дека Македонија е жртва на огромното мнозинство немислечки луѓе, на луѓето кои наместо вистински информации секојдневно добиваат антимозочна вениш розевина преку строго контролираните медиуми и, можеби најважно, ја добиваме одмаздата на економски неслободните луѓе, на економско-социјалните робови кои се вработени како гласачи односно гласаат како робови или, уште поточно, како електорални терористи! Дури би можело да се каже дека сме жртва на самоубијци кои разорувајќи ја својата несреќа ја убиваат и самата идеја и елементарните норми на заедништвото и на сите нас.
Непосредно пред изборите и јас пишував дека ние живееме во културно-политички амбиент во кој кобилата на Груевски сѐ уште не е првата претседателка на Македонија само затоа што машкиот фактор сѐ уште доминира во неговата православнособорна светогледност! Маскуларноста доминира во неговиот поглед на животинското царство. Уште порано, можеби и пред четири-пет години пишував дека гомното негово не е прогласено за споменик на културата само затоа што човекот сѐ уште не решил да се посере на плоштадот „Македонија“!
Но, самата бројчана доминација на немислечките луѓе не е главниот проблем! Тоа место му припаѓа на општествениот дискурс кој од немисловноста направи гравитациона точка, вистинска црна дупка којашто ја собра комплетната општествена супстанца. Да си немислечки човек стана релевантен општествен стандард во Македонија! Ориентир на опортунитетот, препорака, висока класа! А тоа значи дека сржта на нашиот проблем е од културна природа. Проблемот, значи, не е политичкиот противник туку монструмот кој ја окупирал целата држава!
На немислечките луѓе можете да им продадете каква сакате нарација. Во принцип. Но, не можете да им придадете никаков дискурс ако немате пари и други ресурси какви што се монополизираните државни инстанци и државата како таква!
Опозицијата, а и Македонија, можат да се рехабилитираат ако престанат да му се обраќаат на немислечкиот човек, односно ако се трудат да го сменат општествениот дискурс кој ја фаворизира немисловноста! За тоа се потребни време, енергија, страст, луѓе и мисла! Второ, треба да престанат да ја спасуваат Македонија од економско-финансискиот и институционално-правен колапс и да преминат на програмата на стимулирање на овие распаѓачки процеси! Се налага прифаќање и стимулирање, со одредени резерви, се разбира, што ги диктира македонската конкретност, на политичка стратегија која е блиска до една сјорановска филозофија којашто е сублимирана во следните постулати:
„Вистинскиот предвесник не е тој што предлага систем што никој не го сака туку, пред сѐ, тој што го забрзува доаѓањето на хаосот како негов создател и апологет. Вулгарно е да трубиш догми среде исцрпените векови, кога секој сон за иднината изгледа како делириум или измама. Да се упатиш кон крајот на историјата со цвеќе на реверот - ете тоа е единственото достојно однесување во одвивањето на времето.
Грешката на оние што ја разбираат декаденцијата е во тоа што сакаат да ја побијат, а фактички, треба да ја охрабрат: развивајќи се таа се исцрпува, а со тоа допушта појава на нови форми.“
Ова не е ситуација која води кон анархизам, како што многумина би сакале да ја интерпретираат, туку во тој правец водат безидејноста на опозицијата и деструкцијата на власта!
Бојкотот има смисла ако е дел од еден ваков деструктивен концепт, односно нема никаква смисла ако е морализаторска категорија којашто се стреми да ги поправи работите! Треба да се знае дека основната концепција на вемерето е тотална деструкција и дека единствената активна опција е да се стимулира развојот на тој концепт, а не да му се прават блокади и отпори! Мене ми се чини дека во есдеесето се за губитничката опција затоа што првата опција не ја разбираат.
Не верувам дека во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија има некој кој може да ги процесуира работите на овој начин! Но, тие немаат ниту време ниту алтернативи: или ќе прифатат ваков приод во политичката битка или ќе го загубат статусот на потенцијален субјект на промените и ќе се претворат во објект на расчистувањето на ситуацијата што ќе го направат други субјекти!
Извор: Глобус
Слики: Свирачиња