Затворот во кој живееме

05.05.2014 09:28
Затворот во кој живееме

Да се затвори човечко суштество во неколку квадратни метри, со месеци, со години. Да се надгледува, да се понижува, да му се одземат емоциите. Затворот е злоупореба. Но, сепак му е неопходен на ова општество. Дури би можеле да речеме дека затворот не е само еманација на државата која настојува да ги неутрализира и изолира „девијантните“, неприлагодени, излишни или непосакувани човечки суштества. Напротив, тој е составен дел на општеството. Ако подобро размислиме, би можеле да кажеме дека затворот не е продолжение на општеството, туку дека општеството е продолжение на затворот. Затворот во кој просторите за казна се само највоочлив и најбрутален аспект на системот, кој сите истовремено нѐ претвора во соучесници, жртви и затвореници.

Овој текст е кратко патување низ „квартовите и отсеците“ на нашиот свет, патување кое не сака да биде научна експедиција, кое сака само да укаже на одговорноста затоа што неправдата има име, лице и адреса.

Укинувањето на затворите е незамисливо без укинување, или подобро кажано деструкција, на сегашните општествени односи. Да се аргументира укинувањето на државната изолација со тврдењето дека затворите не постоеле отсекогаш (бидејќи се современа творба) не води, во најдобар случај, никаде, а во најлош (како што често се случува), кон креирање теории на кои целта им е реинтеграција на „девијантните“ поединци во општеството преку алтернативни коерцитивни мерки. Што во суштина значи да се предложи надминување на затворот преку присилно „реускладување“ на поединецот преку негово вклопување во процесот на културно, морално и интелектуално превоспитување. То ест, преку дефинитивно уништување на неговата слободна волја. Модерната држава веќе направи многу чекори во таа насока и затоа сигурно не ѝ е потребна помош во облик на демократски аболиционизам. Темниците, камшиците и систематичните телесни казни (иако не исчезнаа сосема) се заменети со посуптилни методи на присила, чијашто цел, освен искупување на телото, е уништување на умот. Психијатризацијата на затворениците, „ресоцијализацијата“ преку општествената работа, надзорот на социјалните работници, технолошките изуми како електронската ракавица, сѐ се тоа механизми кои го кршат отпорот и го претвораат „девијантното“ лице во полицаец на самиот себе. Преку наведената коерцитивна насока можеме многу лесно да забележиме до која мера ѕидовите на затворот го стегаат целото општество.

Ако го сфаќаме затворот како генерализација на казната на индустриско ниво, ќе го доживееме како израз на своевиден политички и економски систем, а не како неизбежен елемент на општеството. Кога неговата еволуција ќе мора да се прилагоди со новите политички и економски услови и потреби, власта спремно ќе го надмине. Во суштина, човекот не се ослободил од ропството, мачењето и бесилките, туку политиката ги прилагодила своите коерцитивни и казнени средства на потребите на производството (идеолошки и пазарни). Што не подразбира исчезнување на затворите. Напротив, и историјата ни покажува дека коерцитивните синџири сѐ повеќе се стегаат како што сликата на „присила“ станува сѐ помагловита и понеопиплива.

Значи, ако тргнеме од претпоставката дека затворот е условен од ова општество и дека на денешниот систем на владеење во моментов му е неопходен, јасно произлегува дека уништувањето на затворот мора да биде проследено со уништување на денешните општествени односи. [...] Сегашните економски услови и тоталитарната насоченост на власта ги претвораат сите сиромашни во потенцијален иден „лов“ за затворите. Старата изрека „ако си згрешил, плати“, иако присутна во идеологијата на ограничениот граѓанин, во голема мера е надмината од фактите: вината повеќе не ја одредува само избирањето на незаконски или противзаконски постапки, туку и едноставното припаѓање на класата. Законодавните јажиња кои секојдневно сѐ повеќе се стегаат околу сиромашните, јасно покажуваат дека сиромаштијата е инкриминирана и прогонета, а не самото дело. Со зголемувањето на бројот на сиромашни расте и бројот на кривични дела во казнениот закон. Во денешното општество ликот на криминалецот речиси исчезна, за да му го отстапи местото на виновникот. Затоа, сите ние, жителите на општеството-затвор, сме осудени на заменлив начин да скапуваме зад бодликавите жици: без разлика дали станува збор за затвор, центар за азиланти, психијатриска болница или за центар за прогонети, сеедно. По таа логика воопшто не изгледа парадоксално што при ширењето на насилството (симптом на граѓанска планетарна војна) не е толку казниво самото насилство (бидејќи не е закана туку животна лимфа на сегашната состојба), колку чистото постоење и бидување. Луѓето се казнуваат и затвораат (а често и елиминираат) само затоа што се сиромашни и непотребни за производната и пазарна машинерија, а не затоа што навистина претставуваат закана со своето противзаконско дејствување. Затоа секојдневниот живот во затворите, општествените односи меѓу затворениците, стражарите, управителите и нивната интеракција не почива толку на присила колку на рекомпозиција на оние исти отуѓени од општествените односи кои постојат од оваа страна на решетките.

Имбецилноста на витезите на „човековите права“ се истакнува со тврдењето дека затворската казна подоцна предизвикува полошо однесување на поединецот на слобода. Наведената теза го прикажува затворот како школа за насилство и дивјаштво. Преку овие ставови е видлив присниот однос помеѓу овие „добри души“ на човековите права и системот што ги опкружува. Насилството не влегува во општеството од затворот, се случува токму спротивното: хиерархискиот систем, злоупотребата на власта, маскилизмот и потчинетоста во односите помеѓу затворениците се еднакви на односите кои секој од нас ги доживува и во општеството-затвор. Затворот само го одразува она што се наоѓа однадвор. Ако сакаме да ги бараме причините за отуѓените односи во затворот, тој ќе стане сѐ, целокупна егзистенција на човечките суштества контаминирани со заробеништво. Ако под затвор подразбираме вршење принуда над телата и умовите, отуѓеност на чувствата, наметната хиерархија и принудно покорување на законите (морални, правни, обичајни) станува очигледно дека преживувањето на кое сме осудени се одвива во еден затвор околу кој не постои „надвор“.

Од најраните години „цивилизраните луѓе“ почнуваат да ја служат својата казна во општеството-затвор и на тој начин таквиот живот им станува правило. Таканареченото воспитување во институциите како што се семејството и училиштето е само почеток на доживотната казна која нѐ претвора истовремено во затвореници и чувари на репродукцијата на идеологијата на затворот. И токму на правилото и идеологијата се темели пасивното прифаќање на улогата на затвореник: од мали нозе поединецот го учи потчинувањето (наречено почитување, иако не подразбира реципроцитет) на авторитетот и хиерархијата. Односот со родителите, со наставниците или со свештеникот не се воспоставува на „природен“ начин, со избор и слободна волја, затоа што е задолжителен. Во таквите односи однесувањето на стражарот е неважно (можат да прават сѐ додека ја играат доделената општествена улога), како и чувствата на поединците затвореници: родителскиот и школскиот авторитет (или на заедницата, во ретки случаи кога ќе преживее нејзиниот принцип) делуваат за неговот добро, за идното вклучување во општеството, да не направи „грешки“ и пред сѐ малиот поединец растејќи да ги репродуцира оние исти механизми кои се темел на целата структура на затворот.

На овој принцип на „дополнителна казна“ забележуваме како се применува правниот метод. Наставникот или таткото не потпишува никаков договор со субјектот, само наметнува закони кои при прекршувањето ја одредуваат казната за поединецот, но не задолжително и санкцијата за прекршокот. Како во секој аспект на општествениот живот, повеќе се казнува човекот во својата севкупност и неговата егзистенција, отколку неговите дела. Оваа разлика би можела да биде и незанемарлива, бидејќи казнувањето на делото и онака физички „го допира“ човекот. Меѓутоа, станува фундаментална кога доаѓаме до идеолошката конструкција за потребата од казнување и „обвинување“ на самото постоење и дејствување на човечките суштества. Организацијата на училишните згради, а сѐ почесто и на местата за забава, е само „предјадење“ кое општеството го нуди за да го скроти духот и умот и да нѐ привикне на животот во кафези. Во инкубаторите за пасивнос и отуѓување луѓето ја прифаќаат подвоената и парадоксална „личност“ која од една страна живее во маса, а од друга поседува хиерархиска идеја за доаѓање на врвот на истата таа маса (но секогаш како нејзин составен дел). Во суштина, надевајќи се на пофалба од авторитетот или станувајќи најдобар во одделението, по можност угнетувајќи го најлошот, но сепак во одделението. Важно е никогаш да не се запрашаме дали е праведно да добиваме пофалби од висината на која било проповедалница, пофалби кои притоа не се врзани за ниту една наша заслуга или специфичен талент, туку за целокупното наше постоење: затоа што постоиме во затвор.

Доволно е да го разгледаме кој било кварт изграден во последните педесет години за да сфатиме како власта се поима самата себе. Особено е доволно да ги погледнеме таканаречените социјални квартови, кошниците во кои се собрани и затворени сиромашните, затоа што прво нешто на кое нѐ асоцираат се зградите на затворите. Сите влади одново и одново ги осудуваат сиромашните, превентивно, поради нивните услови и потенцијалните опасности. Последователните народни востанија, занесени од сонот за подобар живот, против ароганцијата на моќниците, наведоа на „реакција“ да се обезбедат средства за надзор и да се канализира незадоволството од улиците. Едно од тие средства беше и проектирањето и реструктуирањето на урбаните средини. Би можеле долго да се задржиме на таа тема, а сепак не би успеале да ги наброиме сите изградени монструозности, пред сѐ во втората половина на XX век. Наспроти неодамнешните немири во различни делови од светот, сепак еден аспект на метрополското чудовиште заслужува посебно внимание.

Архитектурата на периферијата претставува триумф на алиенацијата. Квартовите се места во кои масовно се туркаат потчинетите за да „загинат“ во својата општествена и индивидуална атомизација, додека недвижнините од армиран бетон никнуваат насекаде со опсесија за надзор, по примерот на оние долги ходници со бројни решетки кои го филтрираат пристапот на потенцијално опасните лица до местата на репродукција на пазарот и власта. Со наведениот механизам, кога прогонетите од „пролетерскиот сон“ се вознемируваат и почнуваат да удираат по решетките, или пак ги палат своите ќелиии, стражарите едноставно ги заклучуваат ходниците, ги контролираат влезовите и излезите, пред да почнат да пукаат од кулите за надзор. Затоа цели сектори на метрополите се надгледуваат со камери за видео надзор (на секој агол од улиците), комуникациите меѓу стражарите стануваат перманентни, а информатичките уреди, оптичките кабли и бежичните мрежи (каблите и антените се наоѓаат насекаде во затворите) овозможуваат многу брза координација на репресивните сили. Архитектурата на затворите доживеа квалитативен скок: во минатото луѓето биле затворани по евентуална побуна, а денес живеат постојано затворени.

Во таков контекст, побуните на затворениците често се дефинирани од самиот затвор, то ест нападот се врши на маргиналните делови на затворот, а неговата срж останува недопрена, сведувајќи го потоа и митот и одбраната на затворот на негов детаљ. Затоа, фразите како „одбрана на квартот“, „мојот град“, „не сакаме полиција на нашите улици“ означуваат присвојување на идеологијата на затворот. Како инаку би можеле да го дефинираме како „наш“ затворот кој е изграден против нас? Квартовите се одраз на затворот на кој сме осудени и односите кои ни се наметнати. И како такви ѝ припаѓаат на власта. А сето она што ѝ припаѓа на власта не смее да опстане. Со тоа не сакаме да кажеме дека треба да ги запалиме становите во кои живееме (барем не веднаш), туку дека надзорот може да се скрши само со напуштање на лажната припадност која ја создаде затворската идеологија, за реално да спречиме илјадници јазли на мрежата за контрола, бидејќи немаме што да зачуваме.

Извор: Nella prigione sociale, Machete # 5, 11/2009, Italia
Слики: Скот Кемпбел, Машини за тетовирање направени во затвор

ОкоБоли главаВицФото