Каде исчезна глобалното затоплување?

05.05.2014 12:42
Каде исчезна глобалното затоплување?

Стокхолм, 27 септември 2013 година, 11 часот претпладне. Уморни лица од последната непроспиена ноќ исполнета со грозничава работа, официјалните лица на IPPC со воздишка почнуваат да поднесуваат извештај. И тоа каков извештај! На 2216 страници ја опишува состојбата на глобалната клима, резултат на трудот на 259 истражувачи, кој го прегледале 1089 стручњаци, и во раните утрински часови го одобриле претставници на владите на 110 земји. Во салата за состаноци, кремот на светскиот печат еден час слушаше за сите видови загрижувачки податоци за концентрацијата на јаглероден диоксид, топењето на мразот, зголемувањето на нивото на морето, скокот на температурите... Има ли прашања?

Глас од првиот ред:

„Како можете да бидете сигурни во вашите предвидувања, кога моментално повеќе нема раст на температурите?“ Новинарот од Дејли Мејл продолжува: „Колку долго овој прекин на загревањето ќе потрае пред да признаете дека вашите модели се погрешни?“ Еден новинар на Блумберг и друг на Фајненшл Тајмс сакаат да го знаат истото. Под огнот на прашањата, швајцарскиот физичар Томас Стокер одговараше смирено, точка по точка. Нема сомнение дека се подготвувал за тоа.

Зашто, фактите се познати и неспорни: од 1998 година, температурата на површината на Земјата се менуваше со стапка од 0,05 степени Целзиусови по деценија, додека растот од 1951 година изнесува 0,12 степени, а компјутерските модели за последните десет години предвидуваа стапка на пораст од 0,21 степен. Значи, четири пати повеќе отколку што навистина е измерено. Од почетокот на XXI век термометрите не забележаа никаква склоност кон глобално затоплување - или тоа беше многу слабо! Ова мало чудо е дотолку поголемо, колку што е поголемо истовременото количество на јаглероден диоксид во атмосферата. Во секој случај, неочекувана добивка за климатските критичари кои многу брзо го воочија овој парадокс и на светската компјутерска мрежа се обидоа да ја урнат научната основа на климатологијата. Тој застој од петнаесетина години за нив е доказ дека IPCC погрешно го поврзал јаглеродниот диоксид со глобалното затоплување. И што сега? Треба ли сите оние кои ги ширеа застрашувачките замисли за глобалното затоплување јавно да ја признаат својата „вина“?

И природата се прашува

Долго овој податок предизвикуваше само студена рамнодушност кај климатолозите. Бидејќи, за нив еден таков застој е само мал прекин, пауза во неумоливиот раст на температурата, вообичаена и природна климатска промена какви што имало и во 20 век. „Никој никогаш не тврдел дека глобалното затоплување ќе биде праволиниско: во тој општ тренд нужно постојат и природни колебања“, вели Паскал Браконо од Лабораторијата за климатски науки и животна средина (LSCE) во Версај (Франција). Привремена и настаната поради склоп на околности, оваа неочекувана пауза во растот на температурата со ништо не го загрозува разбирањето на појавата на глобално затоплување. Сепак, бидејќи оваа температурна пауза беше сѐ подолга, ја разбуди и љубопитноста на научниците. Исто така, во текот на последниот разговор во Стокхолм, на климатолозите и од претставниците на некои влади им стигнаа барања да објаснат за што точно станува збор. Бидејќи, не може да се занемари појава која никој не можел да ја предвиди. Како можеме да преминеме преку фактот дека 111 од 114 климатски симулации не воочиле никаква назнака дека таа доаѓа? „Очигледно, тоа нѐ прозива!“, признава Робер Вотар, директор за истражувања на LSCE. „Далеку сме од целосно познавање на климатскиот систем на Земјата и неговите природни колебања. Да се пронајдат причините за овој температурен застој претставува возбудлива научна загатка и наша должност е да ја решиме“.

Конференцијата на IPCC во Стокхолм, 2013

Така овој температурен застој стана предмет на посебно истражување, дури и „жешка тема“. Додека за него во периодот 2009-2010 се објавени само малку трудови, минатата година се појави вистинска поплава. И библијата на IPCC објавена на 30 септември минатата година му посвети неколку страници. Произлегува дека решението на оваа загатка е многу сложено, тешко.

Научниците се соочени со загатка која може да се сумира во една реченица која личи на парадокс: додека причините за глобалното затоплување продолжија да се натрупуваат, истовремено, под некое чудно влијание, растот на температурите бележи застој долг повеќе од една деценија. Неопходно е да се разгледаат една или повеќе природни појави способни да го спречат моќното затоплување предизвикано од однесувањето на човекот. Но пред да се побара одговор кои се тие природни појави, би требало да се истражат можните причини за пореметувањето во енергетскиот биланс на нашата планета. Постојат само три можни начини на кои може да се објасни недостигот на топлина воочен на површината на Земјата помеѓу 1998 година и денес: или Земјата прима помалку топлина или помалку ја впива или некаде ја складира.

Логично, сите очи прво се вперени кон сонцето. Со добра причина, затоа што нашата ѕвезда, чие дејство е променливо во циклуси од по 11 години, беше посебно слаба во претходната деценија. По значајниот пад помеѓу 2000 и 2009 година, Сонцето продолжи со скржавото зрачење. Меѓутоа, Јудит Лин, соларен физичар во Поморската истражувачка лабораторија (Вашингтон), додава: „Климатските модели ја потценуваат променливоста на зрачењето на сонцето, чијшто пад ја намалува големината на затоплувањето кое потекнува од човекот.“ Проблемот е во тоа што сите досегашни пресметки покажаа дека влијанието на сонцето не може да оправда многу повеќе од 10 до 20 отсто од недостигот на енергија.

Енергетска гозба

А што ако способноста на Земјата да го впива или да го одбива сончевото зрачење се променила? Во последните неколку месеци истражувачите се свртуваат кон вулканите. И тука постои добра причина. Облаците од сулфурни гасови кои се подигаат во стратосферата се познати по рефлектирачките особини, лишувајќи ја со тоа Земјата од дел од топлинското зрачење на сонцето. Како што вели Сузан Соломон, атмосферски хемичар од МИТ (Технолошки институт Масачусетс), „до сега мислевме дека најмоќните ерупции успеваат да го исфрлат материјалот во стратосферата, намалувајќи го така сончевото зрачење и порастот на температурата. Меѓутоа, новите сателитски мерења покажуваат дека тоа е случај и со умерените вулкански ерупции.“ Така, од 2005 година, исцрпно наведува Џим Хејвуд, стручњак за аеросоли во британскиот Центар за време („Мет офис“) „светот доживеа исклучителна низа на вулкански ерупции, помалку или повеќе скромни - Суфрие (Монсерат), Тавурвур (Папуа Нова Гвинеја), Касатоши (Алеутски Острови), Саричев (Курилски Острови), Набро (Еритреја)... Секоја исфрли помеѓу 1 и 1,5 милиони тони сулфур диоксид во стратосферата.“ Толку за последиците кои не можеле да бидат вклучени во климатските модели на IPCC. Само, и понатаму е прерано да се извикне: еурека. „Јас би рекол дека вулканизмот објаснува помеѓу 10 и 30 отсто од температурниот застој“, претпоставва Џим Хејвуд, по малку оптимистички.

Бидејќи, вистинската пресметка сепак не е таму. Здружувајќи ги сите можни пречки во зрачењето, сѐ уште се неразјаснети половина од загатките за недостигот на енергија. Затоа сега научниците се свртуваат кон третата можност: во последните петнаесетина години, Земјата би можела да има корист од еден неочекуван резервоар, кој привремено ја складира нашата топлина, некаде надвор од досегот на нашите термометри.

Некаде, но каде? Не постојат многу такви места. Всушност, само океаните, нивната огромна површина за размена на топлина со атмосферата, нивниот неспоредлив топлински капацитет и 3.800 метри просечна длабочина, имаат таква способност. На истражувачите одамна им е позната тампонската улога која ја има таа огромна маса течност, која прифаќа повеќе од 90 отсто од вишокот топлина - еднаква на енергетска гозба, во секоја секунда, на експлозијата на атомската бомба фрлена во Хирошима. Треба ли од тоа да се заклучи дека светскиот океан се покажал уште поалчен во минатите петнаесетина години? Не е толку едноставно.

Зашто, како за инает, температурата на водата мерена во првите 700 метри од површината на океанот не покажува значителна промена. А тоа е местото каде што би очекувале да се крие исчезнатата топлина. Навистина, истражувачите многу малку знаат за тоа што се случува под 700 метри: топлинската содржина на големите длабочини до 2000 метри - се испитува дури од 2003 година, и тоа само повремено и делумно. Сепак, американските научници успеале да откријат дека енергетската содржина на големите океански длабочини расте.

На дното на бездната на океанот?

Навистина, некои знаци се непогрешливи: наглиот пораст на водостојот, воочен во текот на последните децении, може да се објасни само со термичкото ширење на водата на големите длабочини на океаните. Недостигот на топлина, значи, се крие во тие водни амбиси. Сѐ на сѐ, забележува Кевин Тренберт од Националниот центар за атмосферски истражувања (Колорадо), „глобалното затоплување не е запрено, само се изразува на друг начин - повеќе во длабочина отколку на површината“. Со оваа трета теорија, која добива сѐ повеќе приврзаници, пресметката за температурниот застој конечно изгледа добро, точно. Оваа неверојатна мајсторија на Мајката Природа ги збуни климатолозите. Сепак, тие ги засукаа ракавите да го откријат главното место на овој енергетски погреб, а тоа е екваторијаното подрачје на Тихиот Океан. Секои две до седум години овој дел од светот е предмет на нагли климатски пресврти, појавите познати под името Ел Нињо и под неговата спротивност, Ла Ниња.

Вулканот Мауна Лоа на Хаваите

Меѓутоа, од 1998 година, од времето на почетокот на споменатата климатска пауза, Ла Ниња преовладува во областа, туркајќи ги силно своите ветришта преку океанот. Оваа непроменета состојба на површината на океанот која трае веќе петнаесет години, објаснува Масахиро Ватанабе, стручњак за интеракција на атмосферата и океанот од Универзитетот во Токио, „влијаела на вертикалната распределба на топлината во Тихиот Океан, по механизми на пренос кои сѐ уште не се сосема јасни.“ Сите најнови нумерички симулации се движат во тој правец.

Уште подобро, уфрлајќи ги во своите најнови климатски модели температурите кои се забележани во екваторијалниот Тихи Океан, Шанг Пинг Кси, истражувач од Универзитетот Калифорнија, успеа да потврди дека тоа пореметување се проширило на целиот систем на Земјата - совршено се совпаѓаат со моменталниот застој на растот на температурата. „Оваа Ла Ниња фаза во Тихиот Океан управува со падот на температурата во светот. Здружена со затоплувањето кое потекнува од човекот, дава пауа, застој на температурите“, вели истражувачот. Резултатите се исправни на хартија, со еден исклучок, напоменува Робер Вотар: „никој не е во состојба да објасни зошто оваа сотојба трае веќе петнаесет години.“

Осомничените препознати?

Познато е дека Тихиот Океан претрпува големи колебања, давајќи предност во траење од дваесет до триесет години наизменично на Ел Нињо и Ла Ниња. Но, потеклото на овие промени остана тајна, а причината непредвидлива. Тоа е доволно сериозно сознание за мачно чекање на следната климатска промена. Овој пат таква која со доаѓањето на Ел Нињо сета своја топлина складирана во длабочинатана океанот би можела да ја исфрли на површина - предизвикувајќи глобално затоплување од големи размери!

Сонцето, стратосферата, вулканите, океаните... Сите осомничени изгледа се препознати, дури и ако за проценката на нивната поединечна „вина“ се потребни уште неколку годни истражување. Но, клучот е можеби на друго место. Во текот на повеќе од една деценија сите овие природни елементи учествуваат во корисната „завера“ да се поништи затоплувањето настанато од дејствувањето на човекот. Колку долго тој малку веројатен сојуз ќе опстане? Тешко е да се каже, бидејќи природните промени се обвиени со превезот на неизвесноста. Ниту компјутерските симулации не исфрлаат некакво посебно правило. Може да трае петнаесет години, а може и педесет. Претходниот застој на температурата, во средината на XX век, траел триесет години. Шанг Пинг Кси мисли дека тоа сега е малку веројатно, со оглед на силата која ја достигнале факторите настанати во дејствувањето на луѓето.

Ако тоа сепак се случи, ако природните промени уште еднаш успеат да излезат на крај со глобалното затоплување, во иднина наверојатно ќе бидат буквално потопени. Затоа научниците можеби имаат една од последните шанси пред себа да ги видат големите знаци на дејствувањето на автентичната природа, климата. Едно од нејзините последни треперења...

ШТО Е IPCC?

IPCC е скратено име на меѓувладината група стручњаци за климатски промени (Intergovermental Panel on Climate Change). Тоа значи дека не станува збор за едно истражувачко тело здружено да бара нови резултати, туку за комитет на меѓународни стручњаци кои внимателно се избрани доброволно (и бесплатно) да работат на „проценка на податоците кои се поврзани со глобалното затоплување“. Непристрасно, на методичен, јасен и објективен начин.

ПЕТТИОТ ИЗВЕШТАЈ ГИ ОТСТРАНУВА ДИЛЕМИТЕ

Минатата есен IPCC го објави Извештајот за состојбата на планетата. Голем по обем, двојно подебел од претходниот објавен во 2007 година, овој извештај прво проучува, а потоа сумира 9200 научни трудови. Од него произлегува дека сите симптоми на глобалното затоплување постојат. Во атмосферата, најпрво, концентрацијата на јаглероден диоксид достигна ниво кое е највисоко во последните 8 милиони години. И покрај моменталниот застој, периодот од 1983 до 2012 година е најзагаден, најзагушлив за 1400 години. Воздухот денес е потопол за 0,85 степени целзиусови во споредба со 1880 година. Потоа, тука се океаните - во последната деценија нивото на водата расте со стапка од 3,2 милиметри годишно - повеќе отколку што се стравуваше во претходниот извештај на IPCC. Причината делумно доаѓа од топењето на мразот. Гренланд сега губи 215 милијарди тони мраз годишно, односно седум пати повеќе отколку во 1990 година.

ЗАСТОЈ

Помеѓу 1943 и 1975 година, порастот на затоплувањето забележан од почетокот на индустриската ера (1750 година) имал прилично долг застој. Земјата, всушност, доживеала благо заладување. Зошто? Ова прашање остана контрадикторно. За Бен Бут од британскиот центар за време (Мет ффис) „нема никаков сомнеж дека потеклото на оваа појава е од забрзаното исфрлање на индустриски сулфатни аеросоли во атмосферата, кои делуваат разладувачки на површината затоа што одбиваат дел од сончевите зраци“. Но, оваа претпоставка неодамна е разнишана од симулациите кои во промената на однесувањето на Тихиот Океан го гледаат моторот на тој прекин на порастот на температурите. Зашто, во исто време, оваа област беше предмет на климатската промена Ла Ниња, при која океанот впива голема количина топлина од воздухот. Расправата веројатно ќе потрае, бидејќи нема доволно расположливи и веродостојни податоци од тоа време.

РАСТЕ МРАЗОТ НА АНТАРКТИКОТ

Никој не предвиде дека судбината на мразот на половите ќе биде толку различна во последните триесет години. Додека мразот во водите на Арктикот (околу Северниот пол) брзо исчезнува, површината на мразот на Антарктикот се зголемува. Арктичкиот мраз се намали за петнаесет проценти, додека на Арктикот се зголеми за пет отсто. Врската помеѓу глобалното затоплување и топењето на мразот на Арктикот е јасна, но добра причина за растот на мразот во Јужниот Океан беше тешко да се најде. Сега и таа загатка можеби е решена. Таму температурата на водата под сто метри длабочина порасна, што е во склад со порастот на температурите на океанот на големи длабочини секаде во светот. Од друга страна, температурата на површинските води и воздухот над нив опадна. Се претпоставува дека тој слој студена површинска вода служи како изолатор кој го штити преостанатиот пловечки слој мраз на Антарктикот од топлите длабоки струи.

Волас Брекер, „татко на глобалното затоплување“

КОЈ Е ТАТКО НА ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ?

Во август 1975 година списанието „Science“ го објави трудот на Волас Брекер, сега професор на Универзитетот Колумбија во Њујорк, со наслов „Дали сме на работ на изразено глобално затоплување?“ Во него овој стручњак изнесе мислење дека зголемувањето на количината на јаглероден диоксид во атмосферата, кое се случува поради согорувањето на фосилните горива, ќе доведе и до зголемување на температурата насекаде во светот. Благодарение на овој прв научен труд кој се занимава со оваа тема, тој подоцна е наречен „татко на глобалното затоплување“. Сепак, самиот професор Брекер не се согасува со тоа. Вели дека и пред тоа имало научни расправи за врската помеѓу јаглеродниот диоксид и глобалното затоплување. Наведува дека своевремено им понудил награда од 200 долари на своите студенти за пронаоѓање на некаква претходна научна статија во која се споменува глобалното затоплување. Иако оваа награда никогаш не е доделена, откриено е дека уште во 1958 година во еден весник од Индијана, се споменати двајца стручњаци од Калифорнија кои предупредувале дека наглата индустријализација ќе доведе до промена на климата. Тие научници не се споменати по име, но било јасно дека станува збор за Роџер Ревел и Чарлс Килинг. „Килинг почнал со следење на јаглеродниот диоксид на Мауна Лоа на Хаваите (најголемиот вулкан на Земјата, на висина од 10.099 метри, вклучувајќи го и подводниот дел), што секогаш се наведува. Затоа сметам дека Чарлс Килинг е татко на глобалното затоплување“, вели професорот Брекер.

Извор: Политикин забавник, бр. 3245, 18.04.2014

ОкоБоли главаВицФото