Претседателот доби држава

05.05.2014 12:54
Претседателот доби држава

Секој прво добива тоа што не му треба. Ѓорге Иванов вчера доби уверение од државата (ДИК) дека повторно станал нејзин претседател; наместо уверение дека станала држава, Македонија пак го доби својот Иванов.

Огромното мнозинство, вклучувајќи го тука и поголемиот дел од тие што гласале уште пет години да остане во вилата на Водно, не е уверен дека токму Иванов заслужил да ја води земјата. Позагрижувачки е фактот што никој и не очекува од него да биде татко на нацијата, претседател на сите граѓани, човек што со својот личен авторитет, став, визија и интегритет ќе го врати изгубеното достоинство, смислата на функцијата шеф на државата.

Во ова општество поединецот и индивидуалните квалитети уште долго ќе бидат потценети, девалвирани и стопени со колективот, поточно со партијата. Тука придонесот на Иванов е и ќе биде голем. Во граматиката на неговата предизборна кампања немаше прво лице еднина, а повеќе од сигурно е дека нема да се осмели да каже „јас“ во текот на наредниве пет години. Беше уверен дека само ако настапува тимски, партиски, колективно, во прво лице множина, има шанси на крајот да добие уверение дека ќе остане на функцијата.

Како Македонија ќе се снаоѓа со вака деградирана институција, целосно ставена во функција на владата и премиерот, со изгубени ингеренции и углед во јавноста, значи што ќе прави со ситуацијата во која претседателот има држава, а државата нема претседател, тоа е веќе нејзин, а не проблем на Иванов.

Слики: Свирачиња