Први мај на плоштадот Таксим

05.05.2014 14:41
Први мај на плоштадот Таксим

Првомајските протести ја чинеа турската опозиција најмалку 70 повредени и околу 150 уапсени во судирите со полицијата која со гумени куршуми, солзавец и водени топови ја спроведе наредбата за забрана на собири на плоштадот Таксим во Истанбул. Нереди избија и во Анкара, каде околу илјада луѓе се обидоа да стигнат до плоштадот Кизилај, исто така под забрана за јавни собири.

На улиците на Истанбул изведени се 39.000 полицајци и 50 возила со водени топови, а како што пренесуваат агенциите, специјално за оваа пригода турската полиција ги претставила и новите челични барикади опремени со камери и солзавец кој се активира на притисок. Демонстрантите возвраќале со камења и молотови коктели; според последните извештаи, во нередите се повредени и дваесетина полицајци.

Најжестоки судири се забележани во истанбулскиот кварт Бешикташ каде што полицијата претепала еден пратеник на главната опозициска партија, додека поради концентрација на солзавец во воздухот, станарите кои живееле најблиску до местото на судирот биле принудени на евакуација.

Министерот за труд претходно ги повика синдикатите поради метеж во сообраќајот и можните „провокации“ да отстапат од намерата за одбележување на меѓнародниот празник на спорниот истанбулски плоштад и да се преселат на платото Јеникапи на брегот на Босфор. Меѓутоа, ни забраните, ни апелите, па ни разните истражувања на провладините медиуми во неделата пред Први мај, според кои повеќето работници сметаат дека е „нелогично“ овој празник да се одбележи на Таксим, не ги поколебаа предводниците на широкото антивладино движење формирано долж различните линии на репресија кои ги спроведува премиерот Реџеп Таип Ердоган.

Познат по повеќенеделните протести и жестоките судири кои избија кон крајот на мај минатата година, поради плановите да се бетонира и последното парче зелена површина на огромниот плоштад, Таксим во јавното памтење на градот одамна е симбол на граѓанскиот отпор. Токму на Први мај 1977 тука загинаа околу 40 луѓе - точниот број на жртви никогаш не е утврден - откако на собраните синдикалци, припадници на различни левичарски партии и организации, до денес непознати напаѓачи отворија оган од околните згради.

Меѓународниот празник на трудот таа година се одбележуваше само втор пат во историјата на модерна Турција, со учество на комунистичката партија забранета со закон, и упорна репресија на радикализираните левичарски групи. На пукањето и хаосот кој настана меѓу речиси половина милион насобрани граѓани веднаш реагираа вооружените сили, предизвикувајќи стампедо пред оклопните возила и водените топови. Според официјалните наоди, освен неколку настрадани од огнено оружје, повеќето жртви просто се прегазени од воените возила или од нозете на избезумените луѓе.

Овој настан наречен Масакрот на Таксим, во популарната митографија на граѓанска Турција се води како една од тајните операции на американските разузнувачки служби, задолжени во тоа време под изговор на борба против комунизмот со сите средства да ги спречат демократските промени во земјите на првата линија на фронтот на студената војна.

Клучен збор на современиот наратив на кој се потпира режимот на Ердоган е „тероризам“, па и забраната на првомајските манифестации на Таксим оваа година е оправдувана од можното насилство на „илегални терористички групи“.

Организацијата Amnesty International која непосредно пред Први мај ги повика властите да ја почитуваат пресудата на Европскиот суд за човекови права против Турција поради кршењето на слободата на јавен собир, оцени дека одлуките и однесувањето на безбедносните сили се истоветни на случаите од 2008 и 2009 година, кога полицијата насилно ги прекина првомајските собири на работничките синдикати, а поради што официјална Анкара заврши во Стразбур.

Дека репресијата во Турција расте потврди и одлуката која стапи на сила во март оваа година, една недела пред локалните избори, со која е блокиран пристапот на социјалната мрежа Твитер и видео платформата Јутјуб, што е оценето како најгрубо ограничување на слободата на говор во низата мерки со кои минатите години режимот на Ердоган ја казнува опозицијата и граѓанските асоцијации. Според официјалното образложение на наредбата на јавниот обвинител, Твитер не ги отстранил содржините кои турските судови ги оцениле како криминални, додека административната забрана за Јутјуб е издадена врз основа на заштитата на националната безбедност, откако на глобалната платформа се појавија тајни снимки од разговорите на високите турски функционери за Сирија.

Според извештаите на меѓународните групи за човекови права, интернет цензурата во Турција обично се спроведува против курдските медиуми и ЛГБТ организациите. Јутјуб веќе беше блокиран од 2007 до 2010 година, порадни наводна навреда на основачот на модерна Турција, Кемал Ататурк, додека Гугл сајтовите и понатаму се блокирани и покрај пресудата на Европскиот суд за човекови права.

Низата судски процеси против организаторите и учесниците на мирните протести на Таксим од минатата година се води врз основа на антитерористичките закони, додека нивната активност на социјалните мрежи се користи како доказен материјал. Се оценува дека новите репресивни мерки се преземени по објавувањето на тајните снимки и документи за најголемата корупциска афера во која е вмешана и владата на Ердоган.

Турскиот премиер не е мета на критики само на граѓанските организации. Оваа недела за време на својата четиридневна посета на Турција, германскиот претседател Јоаким Гаук изјави дека е „ужаснат од најновиот бран кршење на човековите права“ и посебно ги критикуваше новите мерки на турската влада против социјалните мрежи, печатот и правосудството.

Притисокот врз судството кон крајот на април остро го критикуваше и претседателот на уставниот суд на Турција на прославата на годишнината од турскиот устав кој присутнот Ердоган го потсети дека „во земја во која владеат ред и закон судовите не работат по наредби и инструкции“. Уставниот суд веќе се замери со владата на Ердоган со низата пресуди со кои ги укинува спорните казнени мерки: меѓу последните се и одлуката дека забраната на Твитер е кршење на слободата на говор како и понишувањето на законските одредби со кои се зголемува контролата на извршната власт над правосудството.

Извор: pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото