Што и како со бојкотот?

06.05.2014 08:47
Што и како со бојкотот?

Изминативе денови, барем за мене, се разјаснија неколку причини и аргументи поради кои сметам дека опозицијата треба да остане цврсто на одлуката за бојкотот, и да не се занимава со тоа како власта формално-правно ќе се справи со осакатениот парламент, која сама го произведе. Дури и целава лакрдија со ефикасното и добро организирано сквернавење на демократијата да заврши со дополнителни избори само за бојкотираните мандати, со пропорционалниов модел, тоа ќе биде само по себе доведување на апсурдот до крајност, оти тие избори ќе мора да се распишат во сите 6 единици, бидејќи опозицијата освои мандати во сите од нив. А со тој апсурд нека се справат тие кои се силат со 500.000 гласа и глумат мнозинство, наспроти речиси милион и пол граѓани, нека се занимаваат тие што ја избербатија државата, што ги поматија границите помеѓу неа и партиите на власт, што создадоа нерамноправен терен за политичка борба, што од медиумите создадоа свои послушници. Сѐ додека не се адресираат овие проблеми, а пред сѐ со спроведен попис и пречистен избирачки список, резултатот на овој натпревар ќе биде секогаш однапред познат.

Бојкотот треба да потрае и за време на такво дополнително гласање, со активно набљудување на процесот и прибирање докази за неговата „ефикасност“. А на ваквото гласање, доколку го има, бидете сигурни дека ќе се води нималку нежна битка за поделба на пленот. Судејќи според ударите под маса и љубовниот триаголник на релација Груeвски-Ахмети-Тачи, тоа ќе бидат закржлавени избори достојни за сеир, право сеирџиско финале. Е, на такви избори не се оди, туку се гледаат на телевизија. Подобро од каква било сапуница или серија, реалити шоу, пар екселанс.

Секако, опозицијата не смее да се однесува стихијно во овој период, и дотогаш и оттогаш треба да изгради цврста, но отворена стратегија за водење на бојкотот до следните вистински парламентарни избори, кои ќе се случат набрзо потоа. Но, секако дека не треба да се плаши со приказните дека без учество во Парламентот ќе изгуби од натпреварувачката кондиција. Има и други начини да го прави тоа, без да ги легитимира ваквите институции, преку директна демократија, референдум, над и преку сѐ поголемо присуство на теренот и активна борба со демократски средства надвор од институциите.

Наместо да се занимава со правни каламбури и играње споредна улога и декор во оваа лакрдија од општество, опозицијата треба да ја прошири својата платформа. Ќе повторам, по не знам кој пат, 300.000 гласа не се доволни за промена. Опозицијата треба да се договори со независните синдикати и директно со работниците, со земјоделците и со граѓаните од рурални средини, со граѓанските здруженија и активистите, со помалите партии и здруженија на етничките заедници и маргинализираните групи, со сите оние кои се најпогодени и најзагрозени од ова владеење, со оние што за 9.000 денари или за 500 денари гласаат од страв и од сиромаштија, со оние што ги чекаат субвенциите пред избори, со оние што гореа на протестите наместо опозицијата, со оние што поради нефер изборниот модел се втурнати во слугување на власта или отерани на маргините на општеството. И да им понуди конкретен договор, подобра понуда, со обврзувачки потпис дека тоа ќе се реализира во конкретен рок по преземање на власта. А сѐ е можно, само ако се заштеди тоа што со децении се краде. И, како што пишувам повеќе пати, за тоа да се случи, сегашните политички елити од опозицијата треба да се здружат, без ниски математики околу позиции и функции, да изготват заедничка платформа која би ги обединила сите, и да побараат сојузници за својата борба и меѓу многу структури во општеството кои се против ваквиот начин на владеење. Нужно е потребно да се создаде таа нова сила, да се мобилизираат најдобрите меѓу нас, да им ја дадеме безрезервно поддршката во оваа битка со оние кои ги поставија неписменоста, нечесноста, кражбата и лагата како врвни општествени стандарди.

Ова е моето мислење, не мора да се согласувате со него. Мене едноставно ми е доста од скапување и стоење во место. Еве ја шансата за сите. За кусо време ќе се докаже колку е власта способна сама да владее, непречена од опозицијата, „предавниците“, „платениците“ итн. Теренот за „преродба“ е сега чист. Еве шанса и за опозицијата - да покаже од што е направена и низ еден цврст и храбар бојкот, секако воден на цивилизиран начин и во рамките на демократските правила, да не врати назад во нормалноста. Сѐ друго ќе биде само глумење лудило.

Извор: Слободен печат
Слики: Fra.Biancoshock

ОкоБоли главаВицФото