1018 hPa
73 %
22 °C
Скопје - Чет, 16.07.2026 23:59

Распределбата на приходот и богатството е едно од најконтроверзните прашања на денешницата. Историјата нè учи дека постојат силни економски сили кои влечат во два правци – кон поголема еднаквост и подалеку од неа. Која ќе победи зависи од мерките што ќе ги избереме.
Америка е добар пример. Оваа земја е замислена како антитеза на покровителските заедници од старата Европа. Алексис де Токвил, историчар од 19 век, ја гледал Америка како подрачје каде има земја во толкаво изобилство што секој може да си дозволи да има имот и каде е можен развој на демократијата на еднаквите граѓани. До Првата светска војна, концентрацијата на богатството во рацете на богатите била далеку помалку изразена во САД отколку во Европа. Меѓутоа, во 20 век дошло до пресврт.
Во периодот од 1914 до 1945 година, европската нееднаквост на богатството ја избришале војните, инфлацијата, национализацијата и даноците. Потоа, европските земји основале институции кои – со сите свои недостатоци – се порамноправни и поинклузивни од оние во САД.
За иронијата да биде поголема, многу од тие институции биле инспирирани од американскиот пример. На пример, од триесеттите до почетокот на осумдесеттите, Британија одржувала рамномерна распределба определувајќи многу високи даноци на приходите кои биле сметани за непристојно високи. Но, конфискувачкиот данок на приход всушност бил американски изум – воведен во периодот помеѓу војните, во време кога оваа држава решила да ја избегне непристојната нерамноправност на класно зајадената Европа. Американскиот експеримент со висок данок не го попречувал растот, кој тогаш бил повисок отколку од осумдесеттите до денес. Оваа идеја заслужува да се обнови, особено во земјата која прва го измислила.
Исто така, Америка била првата држава во која е развиено масовно школување, со речиси универзална писменост – иако меѓу белците – во почетокот на 19 век, за што на Европа ѝ биле потребни уште речиси 100 години. Но, Европа денес е поинклузивна. Вистина, Америка создаде многу истакнати светски универзитети, но Европа поуспешно ги произведе оние средно рангираните. Според Шангајската листа, 53 од 100 најдобри светски универзитети се наоѓаат во САД, а 31 во Европа. Но, ако ги погледнете првите 500 универзитети, редоследот е обратен: 202 во Европа и 150 во САД.
Луѓето често ги истакнуваат предностите на своите национални меритократии, но – без разлика дали во Франција, Америка или на некое друго место – таквата реторика ретко соодветствува со фактите. Нејзина цел е често да се оправдуваат постоечките нееднаквости. Пристапот на американските универзитети – кои некогаш биле меѓу најотворените во светот – е многу нерамноправен. Изградбата на системот на високото образование, кој навистина ги комбинира ефикасноста и еднаквите можности, претставува голем предизвик за сите држави.
Масовното образование е важно, но тоа не гарантира чесна распределба на приходот и богатството. Нееднаквоста на приходите во САД се изостри од осумдесеттите, во голема мера рефлектирајќи ги огромните приходи на луѓето на врвот. Зошто? Дали квалификациите на управувачкиот кадар напредуваа повеќе отколку сите останати? Во голема организација е тешко да се процени колку вреди трудот на секој поединец. Но, друга хипотеза – дека врвните менаџери главно самите себеси си ја одредуваат платата – е полесно да се докаже.
.jpg)
Дури и нееднаквоста на приходите може да се доведе во ред, историјата ни зборува за уште една малигна сила која придонесува разликата во финансискиот имот да достигне екстремно ниво. Вообичаено, тоа се случува кога сопствениците на капиталот своите приноси ги добиваат побрзо отколку што расте економијата, што на капиталистите им дава сè поголем дел од пленот на штета на средната и пониската класа. Токму затоа што приносите од капиталот го надминувале економскиот раст, нееднаквоста во 19 век се влошила – и таквиот исход веројатно ќе се повтори во 21 век. Според ранг листата на глобални милијардери на Форбс, богатството на најбогатите се зголемувало трипати побрзо од светската економија од 1987 до 2013 година.
Можеби нееднаквоста во САД сега е веќе толку остра, а политичкиот процес е под толкава контрола од најбогатите, што закпренувањето е невозможно – како во Европа пред Првата светска војна – но, тоа не би требало да нè спречи да се обидеме. Идеално решение би бил голбален прогресивен данок на индивидуалниот нето финансиски имот. Оние кои почнуваат сега би платиле малку, а оние кои веќе имаат милијарди би платиле многу. Ова би ја одржувало нееднаквоста под контрола и би го олеснило искачувањето на скалата. И, би ја довело глобалната динамика на богатството во фокусот на јавниот интерес. Недостатокот од финансиска транспарентност и веродостојна статистика на богатството е еден од најголемите предизвици на современите демократски држави.
Се разбира дека постојат алтернативи. И Кина и Русија мораат да се занимаваат со богатите олигарси и тоа го прават со свои методи – контрола на капиталот и затвори меѓу чии мрачни ѕидови има место и за најамбициозните олигарси. За државите на кои им се помили владеењето на правото и меѓународниот економски поредок, глобалниот данок на финансискиот имот е подобар извор. Можеби Кина ќе го воведе пред нас. Инфлацијата е уште едно потенцијално решение. Некогаш таа го олеснувала товарот на јавниот долг. Но, инфлацијата истовремено го загрозува штедењето на најсиромашните. Изгледа дека данокот на огромните богатства е подобро решение.
Данокот на глобалното богатство би барал меѓународна соработка. Тоа е тешко, но изводливо. И САД и ЕУ даваат по една четвртина од светскиот аутпут. Ако настапат заедно, светскиот регистар на финансиски средства би бил на дофат. Би можело да им се наметнат санкции на даночните засолништа кои избегнуваат соработка. Ако не се случи тоа, многумина би можеле да се насочат против глобализацијата. Ако еден ден пронајдат заеднички глас, ќе зборуваат за заборавените мантри на национализмот и економската изолација.
Извор: http://www.social-europe.eu/