„Трип-млек“ произведе јогурт со минус пет отсто масленост

07.05.2014 09:42
„Трип-млек“ произведе јогурт со минус пет отсто масленост

Скопје, 7 мај 2014

Компанијата „Трип-млек“ денес го претстави својот нов производ, јогуртот „Ептен фит“ со минус пет отсто масленост.

Од „Трип-млек“ порачуваат дека овој производ е резултат на висок технолошки процес и дека јогуртот со минус пет отсто масти е најдобар избор за луѓето кои се занимаваат со активен, спортски живот, а најмногу за оние кои сакаат да ја подобрат својата линија.

„Јогуртот со минус пет отсто масленост е совршено решение за презафатениот човек. Овој јогурт се добива во квантен акцелератор кој ги забрзува атомите на млечната маст до 98 отсто од брзината на светлината, претворајќи ја така во масна антиматерија. Кога влегува во организмот, оваа масна антиматерија во допир со мастите прави мастите во нашето тело да исчезнат. Затоа, за намалување на масните наслаги е доволно само да се испие овој јогурт, без какви било вежби и тренинзи“, објаснуваат во „Трип-млек“.

Уште првиот ден новиот производ наиде на голем интерес кај потрошувачите ширум земјата, посебно меѓу оние кои веруваат во секој нов производ кој ќе се појави на пазарот, како и меѓу анорексичните девојки кои јадат еден грејпфрут дневно.

„Досегашниот јогурт од 0 отсто масти премногу ме здебелуваше. Овој со минус пет повеќе ми одговара. Веќе изгубив 200 грама од сабајле и се чувствувам ослободена од стресот“, вели 27-годишната Марија Поповска.

Во „Трип-млек“ веќе го најавуваат новиот јогурт со минус 7,5 отсто масленост кој ќе биде исфрлен на пазарот кон крајот на годината, кога потрошувачите ќе заклучат дека и овој јогурт не дава доволен ефект.

Извор: www.njuz.net

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото