Молитви, стравови и халуцинации: искуствата на еден изнајмувач на точаци

07.05.2014 11:03
Молитви, стравови и халуцинации Искуствата на еден изнајмувач на точаци

Претежно изнајмував велосипеди од Треска и Воена болница, па искуствата се главно поврзани со тие два пункта.

Прво и основно, уште кога ќе излезеш од дома, добро е да почнеш да се молиш. Ако не си верник, ова се моментите кога сериозно треба да ги преиспиташ твоите ставови. Идејата е да те има господ на мукает и да си најдеш точак, оти шансите да си се вратиш дома со рацете в џеб се прилично големи. Второ, кога ќе наближиш до пунктот, не дозволувај да те залаже она што го гледаш. Ако забележиш дека има 5-6 точаци, не се олабавувај, туку напротив - засили со молитвата. Шансите еден од нив да е исправен се минимални. Во 30% од ситуациите ми се има случено да не најдам точак. Еднаш за една Критична маса, па ќе си пукнев од мака, зашто ептеееен сакав да дојдам :)

Интересно ми беше дека во најголем дел од случаите имаше само еден исправен точак на паркингот. Ептен ретко – два, па да можиш да си одбериш. Логичко објаснување за ова немам. Единствено ми останува да го објаснам со постоењето на виша сила. Значи, молитвата упали :)

Многу пати имав впечаток дека на вработениот му се крева косата кога ќе види дека некој изнајмува точак. Заради ова незадоволство, секогаш кога ќе ми речеа дека нема исправен точак, јас инсистирав да си проверам сам. Дури мислам дека еднаш си најдов и исправен. Само не сум сигурен дали беше така, не ме држете за збор. Незадоволството кај вработениот претпоставувам доаѓаше заради папирологијата која од него бара дополнителен петминутен напор.

Добро е ако имаш стратешки распореден близок член од фамилијата. Што значи тоа?

Во мојот случај, јас живеам блиску до Треска, а сестра ми блиску до Воена. Сигурно претпоставувате зошто е ова важно. Ако не најдам на Треска, да не шпартам за џабе до Воена, па и таму да го добијам истиот резултат. Неколку пати се случуваше да ја замолам сестра ми да оди да види дали таму ќе најде точак.

Но, од сите доживувања, како најекстремно би го напоменал она кога еднаш сакав да изнајмам точак од кај Градска. Гледам оддалеку... и не ми се верува! Ги тријам очите. Страв ми е дека халуцинирам. На паркингот можеби преку 20 точаци! „Аха“ - си помислувам, „еве ги кај се точаците од Треска и Воена“. Изгледа сите што изнајмуваат таму, ги остават овде во центар. А не им текнува на овие од Градски паркинг одвреме-навреме и да ги враќат назад.

Задоволството дека конечно ќе можам да си одберам точак не се опишува со зборови. После месеци на принципот „дај шта даш“, се наоѓам во оазата на изнајмувањето на точаци. Како оние рекламите за Кока кола, со тој шо ќе пешачи низ пустина и на крај отвора кока-кола. Само шо во мојот случај крајот е различен. Напатен, испотен, го отворам шишето и го накревам кон моите пресушени усни. И тогаш капирам: Шишето е празно!!!

„Дечко, нема точак“ - ми вика вработениот. „Како бе нема???“ - а позади него 20+ точаци. „Ниту еден не е исправен“ - одговара смирено. Не ми се верува шо слушам. А бе, не зедов еден по еден сите да ги проверувам. Издишана гума, паднат ланец, гума, двете гуми, нема кочници, пак гума, паднат заден запчаник, гума, гума, гума, фали цело тркало, и повторно гума... од сите 20+ точаци, ниту еден не беше исправен! Оние позаразените со теории на заговор ќе помислат дека вработениот намерно ги дише гумите, за да не мора да се мачи да ги изнајмува точаците. Но, не јас. Јас воопшто не го помислив тоа ;)

Поздрав,

Иво

П.С. Ова се само критики за да се подобри системот. Бидејќи верувам дека не е идејата само да го поставиш, туку и да го направиш да функционира добро во пракса. Ова ни е генерално слаба страна. Секако дека многу пати изнајмив точак без никаков проблем и со голем ќеф се возев по кеј и низ град. Иницијативата во секој случај е за поздравување.

ЗАКЛУЧОЦИ - НАКРАТКО:

-Системот е несигурен. Не знаеш дали ќе најдеш точак.
-Точаците треба да се сервисираат почесто.
-Службата навремено да ги распоредува по сите пунктови.
-Да се внимава на односот на вработените. Нека земаат процент од секое изнајмување, ако не се доволно мотивирани.
-Контакт телефон е добра идеја, само прашање е дали вработениот ќе ти ја каже вистината. Неколку проверки, со евентуални казни за лажење, мислам дека можат да воведат каков-таков ред.

Да ми е мене в раце цел тој систем за изнајмување точаци, лесно ќе му најдам чаре.

Извор: www.facebook.com/NaTochak