Заедничка историја, различни толкувања

07.05.2014 12:37
Заедничка историја, различни толкувања

Секоја нација има свои гледишта на историјата - па така и на причините за Првата светска војна. Типичен пример за тоа е несогласувањето на унгарските и романските историчари на таа тема.

 

Никогаш не се случува на натпреварите во романската фудбалска лига спонтано да се запее државната химна. Речиси никогаш! Исклучок е забележан на натпреварот помеѓу најуспешниот романски тим, Стеауа од Букурешт, и екипата гостин, Клуж. Градот Клуж на крајот на Првата светска војна и припаѓал на Унгарија - во 1907 го основале железнички работници. После војната кога Трансилванија станала романско државно подрачје, тој клуб едвај бил меѓу второкласните екипи. Но, во XXI век таа ситуација нагло се промени. Еден бизнисмен, припадник на унгарското малцинство во Романија, го купи клубот и од него направи првак на државата. Тоа бeше шок за фаворизираната Стеауа, тим кој е основан во 1947 година како армиска екипа за време на советската окупација, со намера да стане симбол на успехот на комунистичкиот режим.

Романија и Унгарија имаат чести средби на спортските терени. Меѓусебните односи на повеќето од спортистите и спортските функционери на две земји се сосема нормални, баш како што е нормален спортскиот дух на секој натпревар на тимовите на двете земји. Но, атмосферата што ги придружува тие средби е најчесто жешка. Печатот во Букурешт и Будимпешта носи провокативни наслови, а понекогаш и политичарите даваат националистичко обоени изјави. Тркалото на историјата во такви околности се враќа еден цел век наназад.

Спротивни толкувања

Една од последиците на Првата светска војна беше повлекувањето нови граници во средна и источна Европа.Со Тријанонскиот договор, на Унгарија и се одземени две третини од територијата, во најголем дел - во корист на Романија. Загубата на Трансиливанија за Унгарија била, како што тоа го кажа британскиот дипломат Брајан Картлеџ, „најголема катастрофа после поразот во Мохачката битка во 1526 година“. Со тие теми и во Романија е обележана културата на сеќавањето на Првата светска војна, смета романскиот историчар и новинар Џорџ Дамјан:

„Вниманието и денес е насочено кон внатрешните проблеми на Австроунгарската монархија, пред сè кон мерките кои владата во Будимпешта ги презема со цел етничка асимилација на малцинството - Романци, Срби, Чеси, Словаци и друго“.


Од таа причина, на Првата светска војна се гледа како на војна за национално ослободување, вели Дамјан. Тоа е параметар кој и сто години по почетокот на таа војна доминира со романската историографија. Таа често го игнорира меѓународниот контекст и вистинските причини кои доведоа до избивање на таа војна. На атентатот на Гаврило Принцип се гледа со симпатии. „Секое романско гледиште на Првата светска војна е во спротивност со унгарските толкувања“ - вели романскиот историчар за Дојче Веле.


Апсурдно е да се верува само во една верзија

Во овој дел од Европа историчарите се сè уште далеку од заедничка соработка, смета Лучијан Бој, еден од најпознатите романски историчари. Заради неговите критички книги, националистите жестоко го напаѓаат. Во еден разговор за Дојче Веле, Бој изјави: „Со децении секоја европска нација имаше своја интерпретација на Првата светка војна. Секој имаше свои митови и предрасуди. Крајно време е да се направи синтеза на тие гледишта за да се воспостави рамнотежа“.

Како успешен пример за таква соработка, Бој ги наведува германско-француските учебници. Такво нешто во унгарско-романските односи е сè уште незамисливо. Предрасудите и пред сè, гневот заради страдањето кое двете страни си го нанеле, сè уште се преголеми. „Ние историчарите мораме да го избегнеме национализмот и митовите - а да ги зачуваме националните особености на двете страни. Мораме да поттикнеме меѓусебно разбирање. Апсурдно е да се верува дека само една страна била во право во ужасната војна што ја зафати цела Европа“, вели романскиот историчар.

Гаврило Принцип - херој и терорист

Тој додава дека таа војна после падот на Австроунгарија донела голем вакуум на моќ. Исчезнале многу, помалку или повеќе национални држави, кои не биле во состојба самостојно да се бранат од надворешната агресија: „Видовме што се случуваше и пред и за време и по Втората светска војна....Подоцна за жал моравме да видиме и до каде стигна српскиот стремеж за создавање национално единство со Хрватите, Бошњаците и другите“.

Во тој комплексен контекст, Бој ја гледа и двојната улога на сараевскиот атентатор. Гаврило Принцип би морало да се смета за херој кога на неговото дејствување би се гледало од перспектива на самоопределувањето на една нација. Но, средствата со кои се послужил го прават неговото дело терористички акт. Комплексните причини на избувнувањето на Првата свестска војна остануваат голем предизвик за овој историчар. Фактите се знаат, но нивното толкување и 100 години подоцна е противречно. Лучијан Бој смета дека конечно мора да се обидеме да ја напишеме заедничката европска историја: „ Не можеме да имаме заедничка Европа во сегашноста и иднината, а притоа секојпат да се разделуваме кога зборуваме за минатото“.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото