Случајна војна

08.05.2014 09:00
Случајна војна

 „Никој не можеше да предвиди дека толку брзо ќе се лизнеме во најтешката криза од крајот на студената војна“. Оваа изјава за Spiegel на германскиот министер за надворешни работи Френк-Волтер Штајнмаер е вознемирувачка. Кога ќе настапи катастрофата, таквиот вид изјави подоцна влегуваат во учебниците по историја. Вистина е дека имаше сосема доволно предупредувања, но Западот ги игнорираше и подготвено се впушти во играње покер со Путин. Можен исход – војна со Русија. И тоа заради Украина? Нашите политичари потполно полудеа!

Влегувањето во војна е како кога машина ќе ни го фати ракавот од кошулата и ќе ја вшмукува дел по дел, сè додека не биде доцна за соблекување. Нашиот министер за надворешни работи вели дека разбира зошто граѓаните на Германија се плашат од војна. Во право е. И тој не мисли на ноторниот германски страв од војна. Тој предупредува на можноста за избивање војна и трезвено ја проценува ситуацијата. Но, не треба да се плашиме од намерно предизвиканите конфликти, туку од случајните инциденти кои се претвораат во катастрофи. Признанието на Штајнмаер за невнимателноста на Западот е опомена – се наоѓаме таму каде што сме, благодарение на нашите политичари.

Еве го и сценариото. Во источна Украина некој локален лидер заробува група набљудувачи од Западот. Нивната судбина е неизвесна. Русија губи контрола над грабнувачите. Но, Западот не му верува на Путин. НАТО одлучува да интервенира. Сепаратистите ја повикуваат Русија на помош. Тоа што е избегнато за време на студената војна станува реалност – конфликт помеѓу НАТО трупите и руската војска. Во Естонија доаѓа до бунт на руското население. Во конфликт со силите за безбедност паѓаат првите жртви. Русите ја преминуваат Нарва. Владата во Талин го повикува НАТО. Веќе нема повлекување, за ниту една страна. Американскиот претседател Обама и Путин имаат само уште една цел – да го зачуваат образот. За да ја надминат технолошката надмоќ на НАТО, Русите одлучуваат да употребат нуклеарно оружје.

Ако тоа го сметате за невозможно, размислете уште еднаш, затоа што првиот дел од ова сценарио е веќе на дело.

Во кој момент Западот треба да ја напушти политиката за понатамошно заострување на односите? САД изненадувачки подготвено го прифатија предизвикот на Путин, и тоа заради најлошиот можен начин – внатрешната политика. Каде ќе го одведе Обама американската десница? Нејзиниот предводник Џон Мекејн извикува: „Никогаш во својот живот не сум видел толку пасивна влада“. Дали Ангела Меркел во клучниот момент ќе има волја и разум да каже НЕ, како Шредер пред инвазијата на Ирак? Не сум сигурен, но одговорот на овие прашања може да биде само еден – Западот мора да се повлече од овој конфликт.

За да ги избегнеме недоразбирањата, еве неколку објаснувања. Путин намерно ја заострува оваа криза. Нема сомнеж во тоа. Нема потреба Грегор Гајси да ни држи предавања за повредите на меѓународното право. Die Linke згреши наведувајќи го Косово како пример. Во јули 1995 година, Србите во Сребреница убија 8 000 босански муслимани, млади момчиња и мажи на возраст помеѓу 12 и 77 години. Тоа беше геноцид. Поминаа уште четири години додека НАТО не го скрши српскиот злосторнички режим. Оваа војна беше граничен случај помеѓу заложбите на меѓународното право и заложбите за мир.

Попустливата политика кон Србија тогаш, ќе беше злосторство. Денес таа е нужна во односот кон Русија. Свесен сум дека „политиката на попуштање“ е ужасна синтагма, уште од кога Франција и Англија го толерираа заземањето на Хитлер на областа Судет, а подоцна и „остатокот од Чешка“. Но, историјата не се повторува, а Путин не е Хитлер.

Споредбите се несоодветни, невкусни, погрешни. Путин воопшто не мора да ја нападне Украина. Тој чека и го поттикнува нејзиниот распад. (И не ни се потребни американски „докази“ за руската вмешаност, затоа што не сме сигурни дали доаѓаат од независни очевидци или се монтирани од страна на ЦИА.)

Ако распадот на Украина е неизбежен, Западот треба да го прифати тоа. Не би била голема штета источниот дел од Украина да се приклучи кон Русија, а западниот кон Европската унија. Би било добро некако да се повлечеме пред да дојде до најлошото. Сè уште не сме доведени пред свршен чин. Кога кон крајот на неделата Ангела Меркел ќе отиде во Вашингтон, би можела своите домаќини да ги запознае со изреката на еден голем германски поет: „Ако речете А, не морате да речете Б. Можете да признаете дека А било погрешно“.

28.04.2014

Извор: http://www.spiegel.de/

Слични содржини

Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото