„Нашиот клас“ - симфонија против злото

08.05.2014 09:39
„Нашиот клас“ - симфонија против злото

НАШИОТ КЛАС – од Тадеуш Слобоѓанек во превод на Ема Маркоска Милчин и режисерот Владимир Милчин – премиера во ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ, Скопје – Република Македонија – среда, 30 април 2014.

 

ШТО Е ПОГРОМ?

Во едно полско гратче на истокот од земјата живеат и одат на училиште деца на Полјаци и деца на Евреи. Како и сите деца – се дружат, се забавуваат и се тепаат, си играат и сонуваат заедно и одделно, сами и во друштво. Но на училиште имаат часови по веронаука – кога децата на Полјаците – католици го имаат својот катихизис – децата на Евреите мора да бидат мирни и да седат во последните клупи! Законот за тоа е донесен, во тие 30-ти години на минатиот век, во врвот на државата! Напнатоста не може да се избегне – иако кај децата сè се сведува на палавост и кикот на незаинтересираните ученици Евреи за длабокомисловните молитви на католиците. Но градот е близу источната граница и, според договорот меѓу Хитлер и Сталин – во 1938 година влегува во советската окупациска зона! Традиционалното непријателство меѓу Полјаците и Русите, стриктниот, но еманципаторски социјалистични режим и окупација – го поврзуваат еврејското население со советската власт, а Полјаците формираат Движење на отпорот! Се разбира – напнатоста и понатаму расте – дури и поранешните ученици од ист клас – иако пораснале заедно – стануваат сè полути непријатели. А потоа советската окупација ја заменува Хитлеровата – Третиот рајх со своите антисемитски закони во 1941 година станува врховна власт! Полјаците католици покажуваат ревност во ПОГРОМОТ на своите соседи и другари од класот – една Кристална ноќ ги убиваат СИТЕ Евреи од гратчето – некои ги фаќаат по околните шуми, а некои, последните 370 – ги собираат на Градскиот плоштад, а потоа, под изговор дека ги подготвуваат да ги одведат во Гетото – ги затвораат во дрвен амбар што ќе го полеат со керозин и, во трансот на триумфализмот – во него живи ќе ги запалат! Горат довчерашни ученици, мајки со деца, старци, возрасни жени и мажи – во агонија на задушување и жив оган, престанува да постои сето еврејско што живеело тука со векови! Замираат песните, замираат верувањата, замира надежта, замираат мислите, замираат знаењата, замираат сеќавањата, замира љубовта – сè што било еврејско! За само еден миг во тоа гратче се остварува КОНЕЧНОТО РЕШЕНИЕ НА ЕВРЕЈСКОТО ПРАШАЊЕ! Останале куќите во кои се вселиле соседите, останала покуќнината – машини, завеси, тенџериња, лонци, зимница, вотка – сето тоа го презеле соседите и школските другари – Полјаци!

Но неколкумина Евреи се спасуваат – се кријат кај своите школски другари кои, со многу страв и храброст, ги кријат – и тие подоцна ЌЕ СВЕДОЧАТ! Завршува војната и прикриваното злосторство, ПОГРОМОТ од 1941 година, кој веќе смислено им го припишале на и онака злите фашистички окупатори – е откриено! Пронајдени се и главните виновници –поранешните другари од класот! Изведени се пред суд – но поради лошо водената процедура се – ОСЛОБОДЕНИ! Оние неколкумина преостанати Евреи од гратчето – се селат во Америка или во Израел. Не останува никој – злосторството се исплатело – етничкото чистење е извршено – ТРАЈНО! Но – вината останала – вечно да трае и да ги измачува мислите и искуството на сите што учествувале во тоа, па и нивните наследници, та и цел народ! Тоа е суштината на античката ТРАГЕДИЈА.

Врз основа на овие документарни и документирани вистини, Тадеуш Слобоѓанек го напишал драмскиот текст НАШИОТ КЛАС кој е игран и во Полска – многу малку и во Будимпешта, многу кратко. Владимир Милчин одлучил да одговори на прашањата на нашето време и се нафатил да го постави овој текст во Театарот за деца и младинци во Скопје. Сфатил дека суштината на трагедијата на општеството е во продлабочувањето на поделбите меѓу луѓето – по национална, по верска, или по политичка и социјална припадност. Сфатил дека Македонија, дека Балканот, дека Европа, дека светот е – ЗАТРУЕН со тие поделби кои на разни, политички и идеолошки, верски и национални начини – смислено се индуцираат и генерираат омраза, врз која моќните и богатите стануваат помоќни и побогати, а сиромашните уште посиромашни! Сфатил дека единствено УМЕТНОСТА ја има таа моќ, и тоа со образовна цел – да ги отфрли тие крвнички матрици на општествено однесување и се впуштил во компонирање СИМФОНИЈА ПРОТИВ ЗЛОТО. Сосема оправдано – претставата им е наменета, пред сè, на младите – тие се веројатно сè уште на таа возраст кога сè уште е можно да се ПРОМЕНАТ оние облици на однесување со кои веќе ги трујат на секој чекор оние нивни модели кои се борат за нивната доверба за да ги искористат подобро – како војници, како купувачи, како ударни тупаници, како робови, како мравки, како стаорци, како пирани, како стока за колење – зашто тоа е она што се нуди со подмитување со лаги и со генерирање на омразата! Напротив – претставата НАШИОТ КЛАС во Скопје е претстава на автентичната античка трагедија која го потресува најдлабокото чувство на светот и времето – ги возбудува заспаните дамари на бунтот и создава јасен пат на ОСЛОБОДУВАЊЕТО од идеолошките и националните предрасуди! Претставата, слој по слој, со сложената композиција на глума, режија, музика, простор, костими, бои, крикови, погледи, бегства, храброст, топлина, слики на зло – ги разобличува сите наноси од оние полувистини и алузии, скриени осила и подмолни подметнувања, лаги и традиционализми – сè како гориво за живиот жар на политиката на спалена земја, спалено тело и спалена душа... и со сето срце станува ПРОТИВ мрачното зло, кое во оној животинскиот дел на човечката природа, вешто и бездушно, го подгрева моќниот слој на омраза и насилство во секое општество – од најмало до најголемо, од примитивно до најразвиено, сеедно, само да се прави КАПИТАЛ! Жртвите се подразбираат – само подобро е да се ДОБРОВОЛНИ, а ако не се – секогаш е тука ПОГРОМОТ!

До самата срцевина е освоена вистинитата, длабока трагична драматика – видовме ИМЕНО што е античка трагедија – вистинско доживување на актерите искажано со целосна присутност и големо вдахновение и знаење! Триумф на театарот – во мизансценот, во секој гест на актерите, во боите на големиот број костими, во сценографијата, во различната и богата музичка матрица, во тишините и криковите, во болката која се излева од сцената и го опфаќа гледачот, го тресе со ужасот на стореното зло и му го пика огледалото под носот – ТОА СМЕ НИЕ, доколку не се одбраниме од таквите нас!

На неверојатно малата сцена, десет актерки и актери од сите генерации, во прецизно сценско ткаење – како одлично извежбан и прецизен оркестар, ја изведуваат симфониската ПАРТИТУРА на оваа претстава, која мајсторски, искрено и одговорно – ја компонирал и водел Владимир Милчин, како севкупен инспиратор на креативната буица, која навира од сцената и трае речиси цели три часа – на бол, преиспитување, самосознавање, откривање, признавање, сомневање, гордост и тага. Сцената едноставно и минималистички ја поставил Крсте Џидров – како остаток од изгорен амбар – со крвави траги на агонија во чадот и огнот на исчезнатите граѓани и соседи, другари од класот – Евреи. Само неколкуте реквизити – десетина едноставни клупи и малку ситна реквизита – со неизбежниот ритуален свеќник – во текот на претставата стануваат цел еден универзум на движења и опстојувања – тоа се и клупи и ѕидови и кревети и крст на грбот на несреќната девојка и гроб и споменик и врата на рајот и пеколот – едноставно и повеќезначно, уверливо и функционално дело на искусен сценограф – уметник. Браво! Костимите на Марија Пупучевска и куклите на Кире Василев – скоро во секоја сцена речиси сите актери носат нов костим – униформи – школски и војнички, свештенички и рабински одежди, црна венчаница и весели фустани – и во смртта и во животот на ликовите, кои постојано се враќаат на сцената и во свеста на сите... костимите се како и секогаш во нејзините дела – богати, смели, речити и драматични – вистинска музика на костими! Одлично! Музиката во претставата ја избрал режисерот Милчин – внимателно и сосема авторски, а глумците отпеаја, како вистински оперски пејачи, два мошне сложени сонга во повеќе гласови, на композиторот Марјан Неќак.

И, се разбира – АКТЕРИТЕ – навистина со големи букви! Сето она што веќе се губи од сцената во многу театри од Балканот до Европа и Америка – сета искреност и предавање до крај, со истовремена самоконтрола и висок вкус, без евтини патетични изливи на површни емоции – сè што е суштина на глумата – вистина, свест за пиесата и општественото значење, концентрација и присутност, едноставна функционалност и игра за претставата – сето тоа го изведоа, навистина вдахновените актери во, до крај простудираната, секоја сценска секунда. Секој имаше свое место во сложениот оркестар на оваа богата симфонија и никој не отсвири ниту еден погрешен тон! Несекојдневна средба со ансамблот и поединците, развиени и одговорни актерски – творечки личности! Еве ги нивните имиња – Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Емра Куртишова, Драган Довлев, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Мики Анчевски, Мартин Јордановски, Бојан Кирковски и Ненад Митевски. Не владее залудно длабоко вкоренетото мислење во театарскиот свет на Балканот – дека македонските актери се НАЈДОБРИ! Тоа во целост се потврди и во претставата НАШИОТ КЛАС на Тадеуш Слобоѓанек и Владимир Милчин, во ансамблот на Теаратот за деца и младинци во Скопје. Во малата театарска сала и на минималната сцена – се случи голем и назаборавен театарски и општествен настан. БРАВО!

Горан Цветковиќ, Радио Београд 2 – 5 мај 2014.