300 Спартанци на браникот на цивилизацијата на сушата

09.05.2014 08:52
300 спартанци на браникот на цивилизацијата на сушата

Доколку на овој свет постои мека за режимски новинари, тоа би била тврдината Кремљ покрај реката Москва.

Со таен указ за доделување државни награди на 300 новинари, претседателот Владимир Путин не само што е благодарен, туку и дарува (поткуп со државни субвенции) една бројна група на медиумски работници заради нивниот придонес во информациската војна што Русија ја води со Запад во Украина и на анексираниот Крим.

Официјалната нота на тајниот претседателски указ, потпишан уште во средината на април, а неделава протечен во весникот Ведомости, посочува дека вработените во медиумите се наградени за „високо покажаниот професионализам и објективноста во покривањето на настаните во Република Крим“.

Според весникот, наградени се повеќе од 300 новинари, помеѓу кои околу 90 се известувачи. „Бројноста на наградите е беспрецедентна. На пример, после војната во Абхазија и Јужна Осетија, тогашниот претседател Дмитриј Медведев награди само 11 новинари“, весникот цитираше анонимен државен чиновник кој го откри указот за јавноста.

Значи, да се разбереме, овде се работи за новинари, искусни и помалку искусни. Многумина се уредници и директори на државни медиумски куќи и еден провладин сајт, кои од името на државата Путин широкоградо ги наградил. Се дознава дека сите тие примиле високи државни почести како ордените „За заслуги пред Татковината“ од I и II ранг, „За херојство“ или орденот Александар Невски. Овие признанија котираат високо во хиерархијата на државни награди која започнува со највисоките почести „Херој на Руската Федерација,“ и „Херој на трудот.“ На пример, орденот „Заслуги пред Татковината“ е на петто, а Александар Невски е на седмо место.

Државните награди на Руската Федерација ја преземаат големата традиција на заслуги и признанија на истакнати дејци на Советскиот Сојуз, поранешната супер-сила. Посебно се акцентирани признанијата кои ги величаат изградбата и индустријализацијата на некогаш најзаостанатата земја во Европа, како и нејзините воени и разузнувачки успеси пред и по Втората светска војна. Овие виши и почесни званија, ордени и медали се бројат можеби стотина вкупно.

Официјално, тие се јавуваат како највисока форма на поддршка на граѓаните за нивни исклучителни заслуги во одбраната на татковината, изградбата на државата, економијата, науката, културата, уметноста, спортот, образованието итн.

Така, на пример, наградата „Заслуги пред Татковината“ ја имаат добиено славната руска оперска пејачка Галина Вишневскаја, славната советска и руска балерина Маја Плисецкаја, скулпторот Зураб Церетели, но и Виктор Зубков, конфидентот на Путин и поранешен премиер, како и поранешниот директор на ФСБ (поранешна КГБ), Николај Патрушев.

Човек не треба да има фантазија да погоди зошто овие 300 уредници, директори на медиуми и известувачи се нашле во списокот на високо наградени и многумина од нив се ставаат на ниво на една Вишневскаја или конструкторот Калашников – малкумина од нив се почитувани општествени дејци, или пак се истакнати уметници или научници, ниту пак некој е славен режисер или писател (според англискиот драматург Дејвид Хеар новинарите се писатели онолку колку што и стаорците се животни).

Тогаш, што се тие? Па се разбира, во психологијата на рускиот политички врв, сите тие новинари се – воини. Кремљ најдобро знае како перото во еден момент може да стане убиствен ПК, а во друг ефективна воена (пропагандна) машина, летечки тенк Ми-24, на пример. Познати се ефектите од лажните новинарски извештаи од почетокот на кризата за бранот од стотици илјади бегалци од Украина во Русија и за загрозениот руски јазик и култура на југоисток.

„Наградените журналисти како 300 Спартанци извојуваа победа во инфо-војната за Крим. Тоа не е пропаганда, туку главна светска агенда“, твитна думскиот депутат Александар Сидјакин од владината партија Единствена Русија, како глорификација на работата на режимските медиуми и поддршка на указот на својот шеф.

Руската држава е штедра и граѓаните кои ја имаат честа да бидат удостоени со државни почести и признанија добиваат разни бенефиции како дополнителни приходи, додатоци на плата или пензија. На пример, кавалер на орденот „За заслуги пред Татковината“ добива месечна доплата на својата пензија во висина од 330 до 415 отсто од просечната пензија во Русија. Држателот на секоја друга државна награда може да добие статус Ветеран на трудот кој е придружен со низа бенефиции.

Покрај тоа, поседувањето на државна награда се зема како олеснителна околност при обвиненија и судски пресуди – како што тоа беше случај со поранешниот министер за одбрана Анатолиј Сердјуков. Во еден бран на наводна борба против корупцијата (2011-2012) на тогаш по трет пат именуваниот претседател Путин, Сердјуков беше осуден за случај на примање милионски суми мита и поткупи за нелегална продажба на армиски имот. Неодамна тој беше целесно амнестиран од судот.

Конечно, кои се тие високо почестени медиумски работници, колеги и луѓе од мојата бранша? Би сакал да им честитам, да им стиснам рака и да ги прашам колку од нив имаат морално право да примат такви благородни државни признанија. Според информацијата на Ведомости, околу стотина се вработени во ВГТРК или Серуската државна телевизиска и радио компанија, повеќе од 60 се од националиот Прв канал, по неколку десетици се од ТВ каналите НТВ, Russia Today, и сајтот Life News.

Списокот продолжува со уредници и директори во агенциите Россија Севодња (Маргарита Симонјан) и Итар-Тасс (Михаил Гусман), како и во весникот Комсомолскаја правда. Многумина од нив како ТВ водителот Владимир Соловјев го примиле орденот Александар Невски, додека „Заслуги пред Татковината“ од II ранг примиле повеќе од 200 луѓе – првенствено продуценти, ТВ монтажери и инженери, како и шофери. Неколку новинари, од Прв канал и каналот Росија го примиле орденот „За херојство.“

Еден еден од наградените е и Александар Жаров, раководител на државната агенција Роскомнадзор, веројатно поради неговите „заслуги за изградба на државата“, кои се состојат во исклучување на опозициските сајтови, портали, прогон на блогери и создавање од Русија зона ослободена од независни медиуми. Радиото Ехо на Москва и ТВ каналот Дожд, единствените два критички електронски медиуми во земјата, немаат свои претставници во листата на наградени новинари.

Случајот на Сердјуков кој прими висока државна почест се мултиплицира кај илјадници федерални и регионални чиновници расфрлани по вертикалата на Путин – сите тие исто така имаат примено некакви државни почести и признанија, со тоа осигурувајќи си плишан старечки живот и имунитет за сите можни идни судски прогони.

Магичниот круг на власта е невозможно да се разбие.

За неа, овие 300 истакнати журналисти се авангардата, гутенбергови крстоносци кои го креваат мечот во одбрана на татковината и собраните земји на царска Новорусија во судирот помеѓу православна и морална Русија и „декадентите и трули“ ЕУ и САД.

Александар Дугин, истакнат руски антилиберален мислител, конзервативен филозоф и воен хушкач во слободното време, е спонзориран од државата како главен „невладин“ идеолог на проектот за Евроазиска унија на Путин. Конфликтот помеѓу украинската армија и проруските милитанти во југоисточна Укрина тој го опишува како глобален судир помеѓу „цивилизацијата на морето и цивилизацијата на сушата.“ Според него, војната на атлантистите против евроазијците започна и ќе трае до конечно уништување на Украина и украинскиот народ.

Ништо чудно ако и името на хистеричниот Дугин е ставено во тајниот список на наградени.

300-тината Спартанци треба да се одгледуваат, негуваат и обилно да се хранат, порачува врхушката. Сите ние сме извајани од истата глина.