Путин и Никотин!

10.05.2014 08:43
Путин и Никотин!

Шацимаркакис е во право: треба да ни го одземат кандидатскиот статус, а статусните остварувања да ги префрлат на Територијата под контрола на Внатрешната македонска револуционерна организација - интересен недржавотворен мутант во кој дееволуираше нашата слатка државичка. Или, акциите на македонската, не банка, туку републичка ебанка, да му ги префрлат лично на Надвојводата Шарло преку некои кајмански или други оф-шорови, за кои има доказ дека можат да ја избегнат контролата на регуларните финансиски системи на циничниот свет! Добро, нешто од старото портфолио ќе треба да му припадне и на другарот Ах Мети (нема врска со Џонсон Мети), но тоа е технички и технолошки процес, кој е полесен од пакувањето на пичкиниот дим во празни гласачки кутии од кои на секои три секунди излегува Хорхе и вика: Пелазги мои, сега ќе ви ја ебам мајката!

И ебе, бе, човечецот, просто, растура, таа одвратна карикатура!

Непризнавањето на изборите е прв обид да се излезе од шемата на апсолутната власт, од узурпаторски воспоставените правила на игра во кои опозицијата нема никакви шанси, а општеството уште помали, од историјата како хокеарска игра во која на Македонија ѝ е доделена улогата на пакот!

Тоа е ризичен и храбар гест, кој својата валоризација може да ја добие ако ги пробие рамките на барањето за техничка влада и нови избори, односно ако проектира една посеопфатна идеја, идеја за нови, демократски и правни норми и, на некој начин, за нова конституција на Македонија! За нов не само изборен туку и комплетен политички и културен модел. При што - тоа е особено важно - партизмот во пристапот ќе отстапи пред идејата за ослободувањето како општа платформа! Како платформа која ќе нѐ ослободи од режимот на поразените во антифашистичката и народноослободителна епопеја од пред седумдесетина години!

Ние не бојкотираме никого и ништо, ние само не ја признаваме власта што се конституира низ еден мафиотски или мафиотизиран процес. Таа криминализација не е падната од небо или не е на друг начин објективна, па да се решава преку дијалог меѓу власта и опозицијата, туку е систематски и системски производ на власта. Наметнатите, строго опортунистички и непринципиелни дијалози, не само што не ги решија нашите проблеми, туку се јавија и како директен извор на драматичното влошување на ситуацијата во Македонија! Тоа значи дека нема решение без недипломатска, да не речам груба надворешна интервенција или без внатрешно страдање и гниење низ кои крајот и сеопштиот пораз ќе ни се видат како многу добри епилози, ако не сме спремни да извојуваме победа!

Тука, значи, не станува збор само за изборите како некаква крајно непристојна, скандализирачка далавера на власта, туку за распетието на едно општество врз чие тело неделните избори беа само последна или една од последните големи шајки!

Ние се обидуваме да не ја признаеме нашата смрт и пред тоа нашата смисла во заедничките координати на демократска, модерна, нормална, колку-толку питома, не толку сиромашна колку што треба да стане низ политиките и проекциите на власта, културна, морална, единствена како рамка на конфликтите што сака, може и има сили да ги контролира, без да ги криминализира, рамноправна заедница, а не платформа на една измислена и со ништо непоткрепена етничка супериорност, МАКЕДОНИЈА! Европо!

Се разбира, ние сме тие што не можеме да избегаме од одговорноста за трагичното исчезнување на една скромна, но сепак важна култура и едно искуство, државно, национално, мултинационално, но фрапантно е тоа што меѓународната заедница тука, во некоја минијатура, се однесува како холандскиот баталјон непосредно пред и по влегувањето на Младиќ во Сребреница, како Чемберлен во Минхен и по Минхен, како Европа и САД кон Милошевиќ цели девет-десет години на страшни страдања на балканските луѓе! Како Западот кон Украинците на кои идеалите им ги остави како инструменти на самораспаѓањето!

Ние не сме амазонски бубачки! Па некој да нѐ заштитува! Македонецот ослободен од своето македонство и од својот културен постамент може да биде резервоар на евтина, роботизирана, проста, работна сила за простите, од мисла ослободени, операции на шиење или лепење пластики и текстили во логорите што се отвораат под формите на странски индустриски капацитети. Во зоните што се слободни за нив, а за нас се извор на неслободата и ропството. Можеби таа кретенизација и тоа културно мелиорирање на Македонија што го врши вемерето им е потребно (на странците) за да можат полесно да ги решат геополитичките прашања на просторот, вклучувајќи го и прашањето на името!

Но, демократскиот стриптиз што ни го игра Старата дама како одртавена Дита фон Тисе, ќе остави трајни последици врз моралниот, културен и естетски интегритет на просторот и на луѓето и тоа ќе ги зголеми нашите емиграциски потенцијали, а ќе ги намали нивните шанси да не пропаднат бидејќи се изневериле себеси! Германија нѐ ставила на листата на слободни држави за да може лесно да ги одбива азилантите од Македонија, но ако не најде начин да ни помогне да се ослободиме од оваа несреќа, тие формалности нема да ѝ вредат ниту пет стари марки! Ние сме ситни и безначајни на едно дневно ниво, но во културна смисла нашата судбина е, или може да биде, симптом на цивилизациската смрт на континентот!

Македонија ја затвори комунистичката страница на својата историска книга, но ако не собере сила да ја затвори и вмровската страница како друга форма на својата недемократска свест и култура, тогаш таа нема никакви реални шанси! Комитите се една анахрона банда што ние треба да ја испратиме од политиката во фолклорот за да можеме да се нормализираме!

Оти, што сега да правиме ние слободоумните, либералите, социјалдемократите, западњаците на кои им беше малку реалниот Запад, па си го доизмислувавме, како Серџо Леоне: да си прогласиме Македоњецка република, па да го замолиме товариш Владимир Владимирович да нѐ заштити со тенкови откако Брисел и Вашингтон ни соопштија дека демократијата, правата и слободите сме ги разбрале пресериозно! Дека можат да се борат против Путин така што во Македонија ќе инсталираат Никотин! Односно Николатин! Со мандати наместо тенкови?!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото