Жонглирање со реформи

12.05.2014 09:19
Жонглирање со реформи

Историјата не памети земја која растела толку брзо и извлекла толку луѓе од сиромаштија, како што е случајот со Кина во последните триесет години. Обележјето на кинескиот успех лежи во волјата на нејзините лидери да го преиспитаат економскиот модел на земјата кога и колку и тоа да било потребно, наспроти противењето на моќните кругови од интерес. Додека Кина спроведува нова серија темелни реформи, таквите кругови веќе се постројуваат во формации на отпор. Дали реформистите повторно ќе триумфираат?

За да се одговори ова прашање, суштинското нешто кое треба да се има на ум е дека актуелната рунда реформи, токму како и оние претходно, ќе ја реструктурираат не само економијата туку и интересите кои ќе ги обликуваат идните реформи, па дури и ќе одлучуваат дали тие се можни. Додека иницијативите од највисокото место – на пример, сè пошироката владина антикорупциска кампања – привлекуваат значајно внимание, подлабокиот проблем со кој се соочува Кина се однесува на соодветните улоги на државата и пазарот.

Кога Кина ги започна своите реформи пред повеќе од три децении, курсот беше јасен: пазарот требаше да игра далеку поголема улога во распределбата на ресурсите. Така и беше, па приватниот сектор стана многу поважен отколку што беше претходно. И покрај тоа, денес постои широк консензус дека пазарот треба да игра, како што велат официјалните лица, „одлучувачка улога“ во многу сектори во кои доминираат претпријатија во државна сопственост. Но, каква би требало да биде неговата улога во другите сектори и во економијата воопшто?

Многу од кинеските проблеми денес извираат од премногу пазар и премалку држава. Или, со други зборови, иако државата очигледно прави нешто што не би требало да прави, исто така, не го прави тоа што треба да го прави.

На пример, сè потешкото загадување на околината го загрозува животниот стандард додека нееднаквоста на приходите и имотот сега им парира на нееднаквостите во САД, а корупцијата подеднакво ги нагризува јавните институции и приватниот сектор. Сето тоа ја поткопува довербата во рамки на општеството и државата – што е тренд кој е особено забележлив во однос на, да речеме, безбедноста на храната.

Таквите проблеми би можеле да се влошат додека Кина настојува својата економија да ја преориентира од раст базиран на извоз кон услуги и домашна потрошувачка. Очигледно постои простор за раст кај приватната потрошувачка; меѓутоа, прифаќањето на расипничкиот материјалистички животен стил на Америка би можело да значи пропаст за Кина – и планетата. Квалитетот на воздухот во Кина веќе ги доведува во опасност човечките животи; влијанието на сè поголемите кинески емисии јаглен диоксид на глобалното затоплување ќе биде закана за целиот свет.

Постои подобра стратегија. За почеток, кинескиот животен стандард би можел, и веројатно ќе расте доколку сè поголемите издвојувања се определат за поправање на недостатоците во здравството и образованието. Тука државата би требало да игра водечка улога, што со добра причина и го прави во повеќето пазарни економии.

Американскиот здравствен систем заснован на приватно осигурување е скап, неефикасен и постигнува далеку полоши резултати од оние во европските земји кои трошат значително помалку. Системот насочен кон пазарот не е курсот кој треба да го преземе Кина. Во последните години државата направи значаен исчекор овозможувајќи основна здравствена нега, особено во руралните области, а овој кинески пристап веќе се споредува во Велика Британија каде приватното осигурување е додаток на основата кој го покрива државата. Има простор за дискусија за тоа дали тоа е подобро од, да речеме, францускиот модел на осигурување со кој доминира државата. Но, ако се усвои британскиот модел, целата разлика ја прави нивото на основното осигурување; со оглед на релативно малата улога на приватното осигурување во Британија, всушност државата го има она што во основа е јавен здравствен систем.

Слично на тоа, иако Кина веќе бележи извесен напредок во насочување од мануфактура кон економија заснована на услуги (учеството на услугите во БДП во 2013 година, за првпат го надмина учеството на мануфактурата) пред неа е долг пат. Многу индустрии веќе се преоптоварени со претерано производство; преминот нема да биде лесен без помош од државата.

Кина се реструктурира на поинаков начин: со забрзана урбанизација. Создавањето услови поволни за живот во градовите, во смисла на влијание врз животната средина, ќе бара опсежни државни акции за воспоставување одржлив јавен превоз, јавни училишта, јавни болници, паркови и ефикасно зонирање, меѓу другите јавни добра.

Значајната лекција по глобална економија која треба да се научи по крахот во 2008 година, гласи дека пазарите не се саморегулирачки. Тие се наклонети кон зголемување на цените на имотите и кредитите, а тие балони неизбежно пукаат – често кога текот на прекуграничниот капитал одненадеж ќе ја промени насоката – а тоа има огромна општествена цена.

Причина за кризата беше американската заслепеност со дерегулацијата. Проблемот не е само во темпирањето и следењето на фазите на либерализацијата, како што тврдат некои; исто така, се смета и конечниот исход. Во осумдесеттите либерализацијата на каматните стапки предизвика криза на штедењето и позајмиците во Америка. Либерализацијата на каматите на заемите ја охрабри грабливата експлоатација на сиромашните клиенти. Дерегулацијата на банките не доведе до поголем раст туку само го зголемување на ризикот.

Да се надеваме дека Кина нема да тргне по патот со такви кобни последици, по кој одеше Америка. Предизвик за кинеските лидери е да смислат ефикасен регулаторен режим кој ќе биде соодветен на нивниот степен на развој.

За тоа ќе биде потребно државата да собере повеќе пари. Во моментов, локалните власти се потпираат на продажба на земјиште кое е извор на многу економски дисторзии – и големи корупции. Наместо тоа, властите би требало да ги зголемат приходите со наметнување еколошки даноци (вклучувајќи и такса за јаглен диоксид), посеопфатни прогресивни даночни стапки (вклучувајќи ја капиталната добивка) и даноци на имот. И покрај тоа, државата би требало преку дивиденди да присвои поголем удел во вредноста на претпријатијата во државна сопственост (од што нешто може да биде на товар на менаџерите на тие претпријатија).

Прашање е дали Кина може да го одржи забрзаниот раст (иако побавен од неодамнешното убиствено темпо) и тоа додека ја зауздува кредитната експанзија (што би можело да предизвика ненадеен пресврт во цените на стоките), да се справи со послабата глобална побарувачка, да ја реструктурира својата економија и да ја сузбие корупцијата. Таквите застрашувачки предизвици на другите земји, наместо прогрес им донесоа општа парализа.

Економијата на успехот е јасна: поголемите вложувања во урбанизација, здравствена заштита и образование, со пари од зголемени даноци, во исто време би можеле да го одржуваат растот, да ја унапредат околината и да ја намалат нееднаквоста. Ако политиката на Кина може да се раководи со примена на оваа програма, ќе биде подобро за Кина и за остатокот од светот.

Извор: http://www.social-europe.eu/

ОкоБоли главаВицФото