Иранки протестираат против задолжителното носење хиџаб

12.05.2014 09:41
Иранки протестираат против задолжителното носење хиџаб

Во денешен Иран, моралната или верската полиција замижува на некои престапи: жените и мажите одржуваат врски, некои од нив дури и живеат заедно невенчани. Фејсбук е забранет, но владата главно го игнорира фактот дека 4 милиони Иранци секојдневно го користат.

Сепак, Иранките во јавност сѐ уште мораат да го почитуваат правилото за облекување на жените, кое наложува да бидат облечени скромно и задолжително да носат марама преку косата. На оние жени кои ќе се спротивстават на ова правило им се закануваат 70 удари со камшик или 60 дена затвор. Во руралните делови на земјата, традицијата им наложува на жените дури и во интимата на својот дом да носат хиџаб, пред мажите од своето семејство.

Сепак, повеќе храбри Иранки одлучија да го кренат гласот против ова строго правило и покренаа Фејсбук страница на која објавуваат фотографии на кои позираат без марама преку косата, на јавни места во својата земја. На фотографиите гледаме жени, млади и стари, кои своите марами ги носат како знамиња, како моден детаљ, преку рамената или околу вратот, само не онаму каде што иранската влада вели дека мораат да ги носат.

Сѐ тргнува од иранската новинарка Масих Алинејад која живее во егзил во Велика Британија и која ги повика Иранките да ги испратат своите фотографии без хиџаб. „Додека живеев во Иран, го вадев хиџабот на кое било место на кое можев и се прашував колку други жени го прават истото. Испадна дека ги има многу“, вели Алинејад. Страницата е покрената пред десетина дена и веќе ја следат 120.000 луѓе.

Иранките освен фотографиите ги приложуваат и своите лични приказни, а секоја фотографија ја проследува и мноштво коментари во кои другите жени ги споделуваат своите искуства. „Секогаш го тргнувам хиџабот бидејќи не беше мој избор да почнам да го носам“, пишува една од корисничките. Друга се присетува: „Мојата мајка не носеше марама преку косата до почетокот на 80-тите години, кога еден припадник на моралната полиција ја впери пушката во неа и ѝ се закани. Мојот дедо велеше дека не треба да седиме со хиџаб на главата пред него, дека тоа го растажува.“

Ова не е прв обид на Иранките да се ослободат од обврската за носење хиџаб. Слични напори се направени уште во 1997 година, кога на власт дојде Мухамед Хатами, а жените почнаа да носат марама полежерно, така што им се гледа косата под неа. Марамата преку половина коса и денес преовладува меѓу помладите и полиберални Иранки.

Алинејад се соочила со бројни критики откако настанало движењето. Не добила поддршка ниту од левицата. „Ниеден политичар во Иран не се обиде да го реформира законот за обврска за носење хиџаб. Иронично, повеќето Иранки отсекогаш гласале за најлибералните кнадидати на изборите, кои ветуваат помалку строги прописи, но во стварноста прописите не се менуваа“.

Извор: en.iranwire.com