1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Ако за миг го сфатиме сериозно образовниот концепт според кој една од најважните цели на наставата по книжевност е развивање на свеста за идентитетот на колективот на кој учениците по (нечија) претпоставка припаѓаат, како и приврзаноста кон традицијата од која тој колективен идентитет наводно се состои, тогаш нема ниедна причина наставниците по книжевност барем еден час во годината, да речеме баш во мај, пред распустот, да не посветат на меѓунационалното натпреварување за најдобра европска песна, значи - Евросонг. На пример, на тој час, следејќи ги идентитетските фантазми на креаторот на курикулумот, наставниците и учениците би можеле да се позанимаваат со песната која таа година ќе ја претставува нивната нација на оваа масовна европска приредба. Анализата, да речеме, би можела да се однесува на воочување и образложување на врските помеѓу национално освестеното книжевно наследство и текстот на песната. Наставникот или наставничката би можеле да бараат од учениците да им објаснат што тој текст лично им значи и на кој начин тој придонесува за зајакнување на нивното чувство на припадност на колективот и гордост на таа припадност и тој колектив. Конечно, како гости на часот, наставничката или наставникот по музичко би можеле на учениците прегледно да им ги изложат допирните точки помеѓу мелодијата на песните и изворните напеви кои припаѓаат на автентичниот национален фолклор. Покрај останатото, како мерило за успех на часот би можел да се земе и бројот на СМС гласови кои учениците им ги испратиле на своите пријатели од соседните држави молејќи ги да гласаат за нивната песна во врска со конечниот пласман на домашната песна на натпреварувањето.
Ако некој сега помисли дека се шегувам кога го предлагам ова, се лаже. Сериозно верувам дека во низата педагошки корисни ефекти на еден ваков час. Ако не претходно, тогаш токму на тој час учениците конечно би добиле можност да ја сфатат целата празнотија на приказната за нужната спрега помеѓу конкретните книжевни дела и еден наводно стабилен и еднаш засекогаш колективен идентитет. Дури, со тоа не би се исцрпила просветната кроисност на таквиот час. Расклопувањето на идентитетскот наратив и божемните недвосмислени врски помеѓу книжевноста и групното самопоимање би било всушност одличен увод во нешто поподробен разговор за феноменот Евросонг и неговата популарност. Од една страна, тој разговор може да ја следи нишката на која обрна внимание југословенската/ хрватската/ холандската/ европската писателка Дубравка Угрешиќ, споредувајќи го системот на националните книжевности онака како што го воспоставуваат, то ест, како што со него во пазарни и политички цели се користат комерцијалното издаваштво и креаторите на европските културни политики, со концептот на меѓународното натпреварување за најдобра европска песна. Од друга страна, на учениците во врска со „карневалскиот“ дух на Евросонг би можела да им се изложи концепцијата на народна култура на средниот век на славниот советски историчар и теоретичар на книжевноста, Михаил Бахтин.
Во првиот дел на својот есеј „Што е европско во европската книжевност“, под наслов „Европската книжевност како Евросонг натпревар“, Угрешиќ пишува: „Концептот на европска книжевност - со каков што најчесто се служат ЕУ политичарите, културните менаџери, издавачите, старомодните универзитетски катедри, а најчесто и самите писатели - не се разликува многу од Евровизиското натпреварување за поп песна на Европа“[1]. И понатаму: „Европскиот книжевен живот со своите книжевни претставници зад чии имиња секогаш (секогаш!) стои името на државата најчесто не се разликува многу од горе опишаната приредба.“[2] А горе „опишаната приредба“ авторката ја претстави како склоп на културни стереотипи, предрасуди, скаменети очекувања и предвидливи однесувања, од што главно и се состојат погрешно сфатените стабилни и утврдени колективни идентитети. Затоа, целта на натпреварувањето не е избор на најдобрата песна; напротив, целото натпреварување е осмислено за дополнително да ги утврди, обнови или зајакне постојаните претстави кои европските народи ги имаат за другите и за себе (значи, многу слично на школските курикулуми воопшто и на наставата по книжевност посебно). Сето тоа, нормално, со остварување на значителна финансиска добивка, додава патем Угрешиќ. Конено, авторката ќе каже дека на приредбата, навистина, се случуваат и ексцеси „како Дива (Viva la Diva!), израелскиот транссексуалец“,[3] и така ќе ни даде повод да го воведеме Бахтин во оваа педагошко-комерцијална приказна.
Имено, токму повикувањето на Бахтиновото дело за средновековната карневалска култура[4] во некоја смисла може да ни помогне да ги објасниме идентитетските „исчекори“ кои се дозволени, па дури и пожелни на Евросонг, додека се остро санкционирани со обрасците и нормите на секојдневното однесување во идентитетски строго раздвоените и ограничени национални култури. Лесно е да се види дека Евросонг веројатно е единствената јавна и масовна приредба во која учествуваат повеќето европски нации, а на која секој народ посебно ревносно ќе навива за својот претставник, па макар тој или таа бил педер[5], лезбејка или трансвестит. Србија е добар пример за тоа: иако во Србија осудата на хомосексуалните лица безмалку е прашање на национална чест, поради што е „сосема во ред“ да се тепаат педери и лезбејки на улиците или да се начекуваат во заседи по хаусторите и да се напаѓаат со ножеви,[6] тоа нималку не пречи истата таа нација сложно да се гордее со својата победничка на Евросонг - која се изјасни како лезбејка! - и на глас да ја пее „Молитва“ (победничката песна, која веќе со самиот своја наслов му годи на домашното „православно“ уво). Тој расцеп во „колективната“ свест може делумно да се објасни со бахтиновската анализа во која симболистички издвоениот простор на Евросонг ќе добие некои карневалски својства.[7] Во тој простор на „слободата“, како што го гледал Бахтин, многу нешта се дозволени, а посебно се поттикнуваат главечките извртувања на вообичаените однесувања и вредности со кои како колектив инаку сме поврзани.
Нормално, Бахтин нема да објасни[8] дека таа карневалска распојасаност и ослободеност не може да влијае на установениот поредок на работите. Напротив, оваа строго ограничена привремена слобода се плаќа со јасна согласност на редот и обичаите кои (наводно) важат трајно надвор од карневалските забрани. Така се испоставува дека бахтиновскиот карневал „некогаш“ (во средновековната европска култура, која била остро поделена на високи и ниски сталежи, од една страна, и народни маси, од друга) и Евросонг денес (во Европската унија и периферијата која ѝ тежи, каде важи острата поделба на оние внатре и оние кои останале надвор) можат да се сфатат и како некој вид краткотраен заеднички одмор од секојдневната изложеност на крутите и стеснети норми на општествените поделби. Впрочем, и карневалот и Евросонг во таквата интерпретација почнуваат да личат на општествени инструменти чија цел не е подривање на воспоставените навики и претстави, ниту некаков краток одмор од нив. Напротив, тука како да станува збор за утврдување на лекциите според кои секое играње со општествените норми е можно само во јасно повлечените граници кои го опишуваат просторот кој нема никаква врска со секојдневниот живот и скаменетите обрасци кои важат за него.[9]
Што би можеле учениците да научат, за тоа ќе одлучат самите тие. Меѓутоа, прашање е што за сето тоа знаат нивните наставници и креаторите на националните курикулуми. Од една страна, часот за Евросонг од перспектива на последниве лесно би можел да се претвори во кратокраен „карневалски“ одмор од тесните и крути национални обрасци кои со реализацијата на образовните програми доследно им се наметнува на учениците. Меѓутоа, јасно е дека тој час би можел и подобро да се искористи. Свеста за тоа дека идентитетските норми можат да се превтат главечки, а тоа да не ја загрози мерата на приврзаност на идентитетскиот означител (како, на пример, името на нацијата) претставува прв чекор кон сфаќањето дека тука станува збор токму за празен означител, кој лесно лизга од едно на друго означено (ете можност да им се дадат на учениците некои елементарни лингвистички информации за структурата на знакот). Но, кога велиме дека идентитетот всушност нема ниту може да има стабилна содржина, со тоа не сакаме да го отфрлиме самиот концепт на идентитет. Колективниот идентитет и треба да биде таков - нестабилен и променлив. Бидејќи, како поинаку да соберете под едно име најголем број членови на колективот кои по природата на нештата мораат суштински да се разликуваат? Значи, инсистирајќи на таков идентитет ние не му нанесуваме штета на колективот: крајната идеја е креаторите на курикулумот, наставниците и најпосле самите ученици да сфатат дека тој идентитет мора да биде лабав, нестабилен, променлив. Единствено на тој начин тој може да биде инклузивен, то ест може да опфати најголем број припадници на една заедница.
Инсистирањето на крут, еднозначен идентитет по правило е погубно за политичките заедници бидејќи редовно предизвикува раздор во нив. Тука не помагаат ни посебните, од вообичаениот поредок на заедницата издвоени, „карневалски“ зони на „слободата“, макар во нив - како оваа година - победувале и трансвестити. Кој и да го следел Евросонг, брзо заклучил дека и покрај сето шаренило и сите идентитетски „отстапки“, сите песни - како одраз во огледалото на оној еден, еднообразен и „неприкосновен“ идентитет - личат една на друга.
Извор: Školegijum, 11.05.2014.
[1] Dubravka Ugrešić, Nikog nema doma (Beograd: Fabrika knjiga, 2005), str. 179-192; citat na str. 179.
[2] Ibid., str. 180.
[3] Баш како што и оваа година дојде до сличен „ексцес“, па така и понатаму важи она што Угрешиќ го напиша по повод „натпреварувачот“ од Израел: ...ексцесите во рамки на меинстримот се само добредојдени.“ Ibid.
[4] M. Bahtin, Stvaralaštvo Fransoa Rablea i narodna kultura srednjega veka i renesanse, prev. I. Šop i T. Vučković (Beograd: Nolit, 1978).
[5] Зборот педер за мене не е погрден и овде го употребувам во неговиот денотативен вид кој подразбира машко лице кое сексуално го привлекува истиот пол. (Наставникот или наставничката кои ќе најдат време за тоа би можеле да поразговараат со учениците за тоа зошто зборот педер во колоквијалниот говор е погрден, додека лезбејка не е.)
[6] Минатите години, особено во деновите непосредно пред или по датумот за кој беа закажувани редовно неодржуваните Паради на гордоста, таквите напади беа особено зачестени.
[7] Овде пред сѐ мислам на карневалското главечко превртување на општествената хиерархија: имено, за време на карневалот било дозволено на лицата од општественото дно, без каков било статус и без ниту едно право, да им се укажуваат царски почести, то ест тие да се третираат со уважување кое им доликува на лицата од врвот на општествената скала, додека оние од врвот било дозволено да се исмејуваат и потценуваат како да се лишени од секаков, па и најнизок статус. Инаку, целосната аналогија помеѓу бахтиновски сфатениот карневал и Евросонг, се разбира, не држи. Тешко е да се види Евросонг во целина - приредба која е до крај увежбана и режирана и каде нема место за никаква спонтана реакција - како една распуштена манифестација на слобода и уживање, како што најчесто (од не премногу добри причини) се гледа карневалот. Така и оваа година фестивалот ја покажа својата двојна природа - од една страна, главна ѕвезда и победничка на приредбата беше австриската претставничка чие уметничко име е Кончита Вурст, а вистинско име Том Нојвирт (во карневалскиот жаргон таа веројатно би била најавувана како „жената со брада“, како што всушнсот многу новинари и коментатори навистина ја нарекуваат); од друга страна, кружи веста дека организаторите на Евросонг не ѝ дозволиле на една од танчерките во полската песна да настапи разголена на сцената, па така наместо шест на сцената играле пет танчерки.
[8] Овде, попатно, една ограда: Бахтиновите описи на средновековната народна култура треба да се земат со една доза на претпазливост, затоа што всушност не постојат историски извори кои несомнено би ги поткрепиле неговите во секоја смисла храбри анализи. Поради недостигот на такви податоци, Бахтин понекогаш се смета повеќе за визионер на една (можна) народна карневалска култура отколку за нејзин историчар. Види Dirk Šimer, „Smejte se s Bahtinom“, prev. A. Bajazetov, Treći program br. 119-120 (III-IV), 2003, str. 158-165.
[9] Дирк Шимер ќе отиде и чекор понатаму, па ќе каже дека во тој карневализиран простор нема милост за послабите: „Медиевистот Дик-Ридигер Мозер конечно раскрсти со идејата дека од антиката преку средниот век па сѐ до модерната постоела некаква латентна кутлура на смеата, докажа дека жените речиси секогаш биле исклучени од многу прецизно испланирани груби ритуали кои служеле за потврдување на општествениот поредок и најчесто биле насочени против послабите, и карневалот треба да се сфати како сосема автентичен дел на црковниот календар, а не како негово негирање“. Види Dirk Šimer, „Smejte se s Bahtinom“.