Никогаш не ми било гајле за официјалните и големи пораки

13.05.2014 08:35
Никогаш не ми било гајле за официјалните и големи пораки

Поминаа повеќе од 30 години од првиот настап на Дисциплина во Скопје. Како го гледаш Скопје низ овие три децении, се сеќаваш ли на првиот концерт, луѓето, коментарите, емоциите?

Скопје секогаш ја поддржувало Дисциплина, од самиот почеток. Концертите секогаш беа одлично посетени и успешни. Се сеќавам, некаде кон крајот на осумдесеттите, веднаш по еден од многуте концерти во тогашниот „Дом на младите 25 мај“, имаше толку многу луѓе што ми бараа автограм, што мислам дека никаде, ни пред тоа ни потоа, не сум се надавал толку автограми како тогаш. И приватно имам посебна емоција кон Скопје, бидејќи таму, во 1983 година, успешно ја завршив акцијата ослободување од служењето на воениот рок. А потоа, тука се и леблебиите со грозје...

34 години од Новиот бран. Како денес гледаш на тој период?

На ова прилично често прашање секогаш имам ист одговор, а тоа е дека Новиот бран го гледам како еден стар бран. Меѓутоа, на овие простори тој остави длабока трага, бидејќи после тоа се случи војна и распаѓањето на Југославија, така што Новиот бран ги потсетува луѓето на нешто добро, т.е. на нешто последно креативно во периодот на бившата ни татковина. Подоцна, се разбира, не можеше да се случи ништо друго со таков обем и значење, во новобранови мали држави со органичен домет.

Ако погледнеме наназад, Дисциплина е еден од ретките преживеани од старата ни земја. Која е тајната на Која?

Љубовта кон музиката, Џими Хендрикс, навлеченоста на, како што и самиот Хендрикс кажа додека го опишуваше свирењето на Алберт Кинг – „straight funk-blues“.

Оригиналноста денес е ретка појава. Како се борите со бруталниот светски индустриски музички поредок?

Што би рекле, терам по свое. Дисциплина е секогаш совршено свесна за времето во кое се наоѓа, како пред 30 и повеќе години, така и сега. Мислам дека поради тоа и имаме нови генерации во публиката.

Каде и како денес да се препознае и пронајде добра музика?

На YouTube, ете што ни се случи. Но, кога човек ќе размисли, тоа и не е така лошо, пред 20 години немаше такви можности, единствено проблемот е во тоа што во повеќето случаи истражувањето се сведува на минатото.

Дисциплина повикува на бунт. Кои форми на бунт ги препорачува Дисциплина?

Пред сѐ, умствен. Знаење. А останатото по избор и по потреба.

На 23 мај настапувате на фестивалот Здраво Млади. Што да им се порача на младите?

Да го изгаснат фејсбук профилот и да се симнат од мобилниот. Се шегувам. Сѐ е ок ако не се претерува и ако тоа нешто не ти го одредува животот. Инаку, никогаш не ми било гајле за официјалните и големи пораки, така што тоа го избегнувам, сѐ се наоѓа во песните на Дисциплина.

ОкоБоли главаВицФото