Шпанија 1914: Војна само на хартија

13.05.2014 18:10
Шпанија 1914: Војна само на хартија

Првата светска војна уште нe e ни почната, кога владата во Мадрид одлучува да прогласи неутралност на Шпанија. Но, расположението на народот е поинакво. Едни ги поддржуваат „сојузниците“, други Германците. Војната се води во медиумите.

 

„Војната е за жал прогласена. Владата има обврска да ја истакне својата неутралност“, со тие зборови Гацета де Мадрид, во тоа време официјален гласник на владата, на 7 август 1914 година ја обзнанува шпанската неутралност во Првата светска војна, десет дена по нејзиниот почеток (на фотографијата долу кралот Алфонсо XIII кој прогласиl неутралност). Расположението меѓу граѓаните е поинакво. Народот е поделен. Едните ги поддржуваат сојузниците, други Германците. Весниците им се главна платформа за препукување.

На текстот на владиниот весник одговорила редакцијата на „Иберија“, истакнувајќи дека државата можеби настојува да биде неутрална но, но „ние не сме“. За војната можело да се чуе некаде на друго место, но не во Каталонија. Во весникот кој бил основан среде војната, писателот Рамон Перез де Ајала објавува „Манифест за пристапување на сојузничките нации“ , кој го потпишуваат интелектуалци како што се Хозе Ортега Гасет, Фернандо де лос Риос, Вале Инклан, Грегорио Маранјон и музичарот Мануел де Фала.

Приврзаници на „сојузот“ и на Германците

Потоа следува одговор на одговорот. Во отворена дискусија се вклучуваат повеќе весници. Еден од нив е и дневникот „Германија“, кој за време на војната се залага за поддршка на Германците. Нема одмереност во излагањето на ставовите, се зазема едната или друга страна. Единствено „El Imaprsijal“ (Независност) се обидува да балансира, давајќи им можност и на приврзаниците на сојузот, како и на оние кои се на страната на Германците, да изнесат свое видување за судирот во Европа. „Всушност, би требало да зборуваме за приврзаниците на Французите“, вели професорот по книжевност Хорхе Урутиа, бидејќи во Шпанија на почетокот на XX век француската култура посебно ја ценеле. Ја доживувале како либерална и отворена - без цензура. Со време и бранителите на германските интереси и приврзаниците на францускиот либерализам се нашле на една страна.

„Од оваа војна ќе никне нова Европа, па така и една поинаква Шпанија“, пишувал Ортега.

Со други зборови, eдвај да имало неутрални во јавната дускусија, на која не ѝ се гледал крајот. Еден од малубројните е Еугенио Д’ Орс , кој Првата светска војна ја нарекувал граѓанска војна на Европејците. Неутралните во Шпанија биле малцинство, а нивното мислење било релативизирано, бидејќи во дискусијата се сфатени како заштитници на германските интереси.

Принудна неутралност

Според мислењето на Мануел Азањ, подоцна претседател на Шпанската република (1931-1936/1939), неутралноста во таа земја била наметната. „Тоа може да се нарече присилна неутралност, што ја наметна нашата беспомошност и недостатокот на воени средства за судир со другите европски армии“, вели Азањ во својот говор, на 25 мај 1917 година - кој отсекогаш важел за верен заштитник на „сојузничките“ интереси.

Фелипе Дебаса, професор по политички науки и стручњак за воена историја, ја потврдува оценката на Мануел Азањ. „Шпанската војска била застарена и слабо опремена. Флотите биле десеткувани, едвај да имало некои бродови на располагање. Истовремено, голем број офицери и млади војници биле импресионирани од прускиот воен систем, значи Германија“. Во тоа време Прусија не била гледана како држава со силна војска, туку како војска со држава.

Познатата писателка и шпионка Мата Хари е уапсена во Париз по враќањето од Шпанија.

И покрај неутралноста, шпанската трговија за време на војната била прилично силна. За прв пат е остварен позитивен платен биланс, а на располагање биле и значајни резерви злато. Но, тој економски просперитет на Шпанија траел кратко. Завршил со крајот на војната. Сепак, Мадрид од Првата светска војна економски профитирал. Цените пораснале, но народот не ја почувствувал значајно инфлацијата. Текстилната индустрија, како и индустријата за челик во Каталонија и Баскија, го зголемиле производството. Индустријата за оружје исто така имала корист од војната на стариот континент. Во тие краеви, засолниште нашле разни шпиони, одговорни за трговија со оружје.

Вооружени интелектуалци

Сите угледни писатели и влијателни интелектуалци во Шпанија, вмешале прсти во воената пропаганда. Кај некои до тоа дошло сосема случајно, како во случајот со Калвето Паскал, кој со тек на време се профилирал во истакнат шпански новинар на XX век. Во моментот на избивањето на војната престојувал во Париз каде ги завршувал студиите. Со своите дневници се враќа во Барселона каде почнува да пишува за весникот „La Vanguardia“ (кој и денес постои, и на кој подоцна станува директор). Иако многумина верувале дека ќе се ориентира кон филозофската кариера, тој се посветил на новинарството.

Жени на фронт

Случајноста ја одвела Кармен де Бургос на северот на Германија, во моментот кога на Европа ѝ се случила војна. Под псевдонимот Коломбина, Де Бургос во Шпанија ги објавува своите воени приказни. Така станала прва жена воен известувач, чии статии во весникот „Diario Universal“ биле многу читани.

Во тоа време само делумно познатата писателка, Софија Касанова, која била мажена за полски дипломат, се затекнала во Варшава за време на Првата светска војна. И таа се нашла во улога на воен известувач, објавувајќи текстови во монархистичкиот весник АБЦ.

Нобеловецот Хасинто Бенавенте во „La Tribuna“ го објавил својот манифест под наслов „Германско-шпанско пријателство“.

Всушност, ништо не било случајно. Шпанските весници наменски трагале по најдобрите писатели на таа епоха, на кои би им ја довериле улогата на дописници. Бидејќи во Шпанија војната се водела во медиумите, на хартија, и авторите кои ги бранеле интересите и на едната и другата страна, внимателно биле бирани. „Тоа биле писатели, но не би требало да се заборави дека пишувале за војната и дека биле дел од пропагандата“, потсетува Урутија. Првата светска војна можеби се водела со оружје во рацете, но во случајот на Шпанија таа војна се водела со модерно оружје - медиумите.

Денес на тие времиња и ангажирањето на шпанските интелектуалци во известувањето за војната се гледа како на пропаганда која ги поддржувала сојузниците, но тоа не одговара на вистината. Добитникот на Нобеловата награда, Хасинто Бенавенте (1922), бил голем германофил. Она што може да се прочита во неговиот Манифест за германско-шпанското пријателство, било дело објавено во весникот „La Tribuna“. Има и други примери. Васкез де Меља или Пио Бароја исклучиво заради „литерарните обврски“ го одбиле повикот на Германците да го обиколат фронт.

Рикардо Леон - во сенката на орелот

Не би требало да се заборави на академикот Рикардо Леон, автор на книгата „Трагична Европа“ кој од германскиот фронт известувал за весникот „El Imarsijal“. Своите воени приказни ги праќал од Берлин. Го обиколувал фронтот трагајќи по хероите „кои би зборувале за своите дела“. Меѓутоа, војната го променила. По враќањето во Шпанија, во неговите статии немало епика. „Неописливо запрепастување, заморна тага, далеку од возвишените епови и од ужасниот спектакл кој се очекува“. Војната одблизу изгледа поинаку отколку на хартија.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото