1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
На „Денови на македонската култура“ во Париз, 1972, со Андре Френо, Жан Касу и Марија Бежановска
МОЈОТ ПРВ ПРЕСТОЈ ВО ПАРИЗ
Петпати конкурирав за една од француските стипендии преку Советот за култура на СРМ, петпати добивав ист одговор - негативен. Кога ми јавија дека овој пат сум избран, бев пресреќен. Конечно ми се укажуваше можност да се најдам таму каде што (на книжевен и уметнички план) се одигруваа главните светски збиднувања, каде што се раѓаа и емитуваа идеи што како книжевен критичар веќе кај нас дома, во нашиот книжевен живот, ги застапував. Париз, впрочем, во тој момент беше сѐ уште врвна светска културна метропола со богат театарски живот (Јонеско, Бекет, Адамов, Жене, Ануј), со интензивен пост- егзистенцијалистички книжевен живот, со „nouveau roman“ (Роб-Грие, Клод Симон, Мишел Битор, Натали Сарот), со непрегледното море од сликарски изложби и настани (славното време на Бернар Бифс), со Сорбона и компаратива, со традициите на Ф. Балденсперже, Пол Азар чии книги и статии веќе ги познавав и ги бев читал, но онака, оддалеку, од големо растојание, а сега, сето се нудеше непосредно, блиско, живо...
За Париз, за сето она што тој град можеше да му го понуди на младиот љубопитен човек во нашето семејство често и со огромна почит се зборуваше. Дедо ми Ристо Мизо предаваше француски во едно солунско училиште во почетокот на веков, татко ми таму, во Париз, студираше за време на Првата светска војна, мајка ми рано научи француски, тие заминаа на свадбен пат токму во тој прекрасен град, во нашата куќа често се зборуваше француски. Мојата сопруга беше романист и професор по француски јазик: француската култура и францускиот дух беа мошне присутни во нашиот дом, ние од нив на определен начин бевме опседнати. (Само руската култура, посебно книжевноста, мислевме, можеше нејзе да ѝ соперничи.)
Погоре опишав при какви околности започна мојот прв престој во Париз. He можам да ги заборавам првите импресии од средбата со него. Ha „Gare de Lyon“ нѐ пречека нашиот добар пријател Тошо Барутчиски и ни помогна да се сместиме. Отседнавме во Латинскиот кварт во мошне неугледниот „Hotel de Paris“. Се најдовме во крајно скромна собичка, во приземјето, која беше со постојано затворени капаци, бидејќи минувачите ѕиркаа во неа, но во една од најубавите улици на Париз - Rue Jacob, во 5-от арондисман. Улица за која секогаш мислев дека токму неа ја имал предвид Пастернак кога рекол: „Улиците на Париз не личат на улици - па, тоа се пејзажи.“
Со Морисет Бегиќ и Жак Гошрон во Париз, 80-тите години
Нашата беда и неговите богатства
Сопственикот на „Hotel de Paris" беше вистински Шајлок. (Така и го завикавме). Наемот беше доста висок, а она што го добивавме, речиси мизерно. Кога му се пожаливме, тој ни рече: „Секако, наемот е висок, но ова е ретко отмен кварт (!?). He заборавајте дека само на неколку чекори, ене, во онаа зграда живее славниот Жан Ануј.“ Се разбира, ние знаевме сосема добро кој е Жан Ануј и ги сакавме неговите пиеси, но не сакавме да плаќаме толкава наемнина само затоа што сме негови соседи и што постои шанса некогаш да го сретнеме на истата улица. Кога во декември застуде, а греењето беше никакво, пак се пожаливме, а нашиот патрон нѐ успокои со зборовите: „Јас тоа нарочно многу не греам. Зарем не ви е познато дека силното греење не е добро за здравјето“. Сфативме дека нашиот патрон го надминал најскржавиот Шекспиров јунак и - решивме да го напуштиме. Квартот навистина ни се допаѓаше и посакувавме да останеме некаде во близина. Најдовме соба во хотелот „Saint Sulpice“, спроти театарот „Одеон“, на истоимениот плоштад. Таму останавме извесно време, а кога поради сѐ позачестено внесување прехранбени артикли во собата, патронката започна да негодува, конечно преминавме во хотелот „Delavigne“ на аголот од истоимената улица. Во овој мирен хотел, со мошне љубезни домаќини и незаборавната мадмоазел Терез живеевме во собата бр. 16 на третиот кат цели седум месеци. Co него ме врзуваат многу драги спомени. Во истиот хотел во исто време живееше мојот белградски професор Радован Лалиќ, потоа македонскиот филмски режисер и наш пријател Бранко Гапо, пантомимичарот Макс Јанковиќ, кој специјализираше кај славниот Марсел Марсо, нашата млада пијанистка Снежана Муратовска, како и нашите добри скопски пријатели Милка и инж. Виктор Бајалски. Накусо, бевме една компактна и сложена колонија, а нашиот хотел, посебно нашата соба, стана собиралиште и на други наши познаници и пријатели: кај нас често доаѓаше проф. Русиќ, Тошо Барутчиски, речиси секојдневно Паскал Сотировски, кој учеше интензивно француски, а Ана му помагаше, навраќаше српскиот поет Миќа Данојлиќ, нашиот писател Борис Вишински. Во нашето собиче за сите нив имаше доволно место и атмосферата беше извонредна, бидејќи сите го обожувавме Париз и - сите бевме сиромашни...
Мојата стипендија беше сосема недоволна за нормален живот. Co крајни напори врзувавме крај со крај. Бидејќи во Скопје ми течеше асистентската плата, макар и во намален износ, поголемиот дел од неа ја претворав во франкови и така го дополнувавме месечниот буџет. Но и тоа се покажа недоволно. Co помош на нашите пријатели во Амбасадата на Ана ѝ беше овозможено неколку пати да дежура на изложби што ги приредуваше Југословенскиот културен центар и за тоа добиваше скромен, но за нашите потреби доволно значаен надомест. Иако никогаш не располагавме со пари и живеевме и во Скопје скромно, нашиот стандард со доаѓањето во Париз страшно опадна. Моравме да се лишуваме од безброј нешта, но за компензација Париз ни ја откриваше својата раскош на уметничката трпеза, така што духовната храна ја надоместуваше онаа другата. Во почетокот мислевме дека проблемот ќе го решиме со исхраната во студентските мензи во Латинскиот кварт. Навистина, навидум за еден или два франка добивавме цел оброк, но по месец-два забележавме дека од таквата исхрана деловите од облеката пливаа по нашето тело. Се храневме во мензите „Mabillon“, во Израелската менза, спроти паркот Luxembourg, во мензата Сен-JIyj на улица Расин и не знам која од која беше полоша по однос на квалитетот на храната.
Со Данило Киш во Југословенскиот културен центар во Париз, февруари 1988
Најмногу останавме во мензата на колеџот Сен-Лyj, покрај другото, бидејќи таму со оброците даваа бесплатно убаво црно вино. He можам да ги заборавам миговите кога ненајадени, но зашеметени од традиционалниот француски пијалак излегувавме од мензата, а на улицата секојдневно нѐ пречекуваа групата бучни и весели клошари, кои другарски нѐ поздравуваа со кренати шишиња и со кои продолжувавме да пиеме и да наздравуваме, крстосувајќи прегрнати низ улиците на овој неспоредлив град.
Но, секако, Париз не беше за нас исполнет само со житејски проблеми. Нашиот бит страдаше, но нашиот дух беше во постојан замав, бидејќи на чекор од нашата беда (на која ретко помислувавме и со неа правевме шеги), се наоѓаше сето она што за нас беше битно: пред нас беше театарот „Одеон“ кој таа година беше во рацете на големиот сценски маг Жан-Луј Баро и Мадлен Рено, стотина метри од нас беше Сорбона со своите строги аули и амфитеатри, се спуштивме ли низ булеварот Сен Жермен, упаѓавме во вистински лавиринт од ликовни сензации и доживувања, влегувавме во улицата Rue de Seine, или Jacob или... секоја од нив беше долга, неизодлива, отворена изложба во која постојано се сменуваа уметници-творци и нивните необични и чудесни платна, ќе се вратевме ли малку наназад до кафето „Cluny“, упаѓавме во една од најубавите и најживи авении на големиот Париз - во булеварот Сен-Мишел каде што нѐ очекуваа богатите книжарници со книги од сите видови и изданија и каде што застанувавме и пребарувавме со часови по изложените книги на тротоарските витрини, кои наркотички го дразнеа нашето љубопитство, заборавајќи го притоа времето и сѐ останато. А, впрочем, на два чекора од нас беше и Луксембуршкиот парк, најубавата и најдемократска градина во светот во која секогаш можеше да се наврати и да се здивне, а духот одново да се поткрене и умората одеднаш да исчезне, застанати пред бескрајно интелигентниот лик на бистата на Бодлер. Ете, окружени од овие места, улици и знаменитости се одвиваше најчесто, најголемиот дел од нашето секојдневије, нашиот живот во десетте студиски месеци.
Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел