Заедно против хомофобија и трансфобија

14.05.2014 08:15
Заедно против хомофобија и трансфобија

Одбележување на Интернационалниот ден против хомофобија за првпат на јавен простор во Македонија

 

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија оваа година ќе го одбележи Интернационалниот ден за борба против хомофобија на 18 мај (недела) во Градскиот Парк. Од пладне до 16:00 часот во градскиот парк активистите од Мрежата ќе организираат јавен настан на кој ќе побараат измени и дополнувања на анти-дискриминацискиот закон со внесување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во членот 3 меѓу останатите основи на дискриминација.

Имено, Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД) донесен 2010 година како основи за дискриминација во член 3 не ги содржи сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Законот во оваа форма беше предмет на дебата и предизвика реакции на незадоволство на здруженијата кои ги застапуваат правата на ЛГБТИ[1]  заедницата и нивните поддржувачи. Исто така, меѓународната јавност посочи на потребата од јасно дефинирање на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како дискриминаторски основи со што би се овозможила недвосмислена заштита на ЛГБТИ лицата.

Четри години по донесувањето на ЗСЗД, потребата за заштита на ЛГБТИ заедницата од дискриминација и насилство е сè поочигледна. Имено, Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) заклучува дека ЛГБТ популацијата е жртва на дискриминација мотивирана од омраза, сторена преку изјави или однесувања на поединци со кои се нарушува достоинството на едно лице или група на лица.[2] Во 2013 година, Македонија доби 13% на Rainbow мапата на ИЛГА[3]-Европа , односно најниска оцена во регионот за состојбата на човековите права на ЛГБТИ лицата.

Активистите за ЛГБТ права ги повикуваат сите граѓани и граѓанки да се приклучат на настанот, да се забавуваат со DJ сетовите на Соња Исмаил, Зоки Бејбе и Мирко Попов и заедно да кажат НЕ! на хомофобијата, трансфобијата, дискриминацијата, говорот на омраза и насилството врз лезбејките, геј мажите, бисексуалците, трансродните и интерсексуалните луѓе.


[1] Кратенка која се користи за лезбејки, гејеви, бисексуалци, трансродови луѓе, интерсексуалци.

[2] Редовен годишен извештај на Комисијата за заштита од дискриминација за 2012 година, Скопје, март 2013, §14.

[3] ILGA-Europe Rainbow Map May 2013

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото