Селфи од Радишани

14.05.2014 09:11
Селфи од Радишани

Огромниот број корисници на социјалните мрежи не можат да го избегнат напливот на селфи слики (на англиски, selphie, авто-слики со фотоапаратот на мобилните телефони), каде фокусот е на лицето на центарот на сликата. Држејќи го телефонот со една рака, екранот се користи како огледало за сликање, најчесто на некој важен настан каде присуството е задолжително (или барем колку да им се покаже на другите дека ете, и јас сум тука). Позадината најчесто е покриена од лицето и не е видлива.

Што покажува лицето на последниот случај во скопско Радишани, каде семејството Зеќири немаше друг избор освен да се отсели во Германија, по постојаните напади врз нивниот дом?

Според медиумите на албански јазик, 16 членови од поширокото семејство решиле да бараат азил во Германија, бидејќи не се чувствуваат безбедни во својот дом, кој за последен пат беше вандалски нападнат пред еден месец. Медиумскиот мрак беше пробиен преку приватните безбедносни камери, кои делумно го снимиле последниот инцидент. Вестите стивнаа по официјалните најави за шест кривични пријави, а останатиот дел од семејството ќе се отсели во Турција, без оглед на неуспешните обиди за пост-фестум релативизација.

Кога едно семејство се сели под закана на насилство, напади и заплашувања на етничка или верска основа, со цел создавање чиста етничка средина, тоа е пример за научна дефиниција за етничко чистење. Можеби имаме поголем праг на толеранција по системското и насилно чистење во Босна, Хрватска и Косово, но помалата бројност не ја намалува важноста на суштината.

Во Македонија, овие сцени се невидени од конфликтот во 2001 година, барем не јавно. По тринаесет години, случајот во Радишани ги отпишува сите говори за прогрес, интеграции, пролети на достоинство и што уште не. Едно семејство ја спасува главата селејќи се во Германија поради постојаните закани, незаштитено од институциите на еден систем во кој не владее правото. Недостоинствено за XXI век, уште помалку за земја кандидат за ЕУ.

Судбината на тоа едно семејство може да се чини небитна, но всушност, овој случај е поважен од сите „големи прашања“ и проекти за кои повеќе слушаме, отколку што ги гледаме. Ако не може да му се гарантира безбедноста на едно семејство во својот дом, што може да се очекува за покомплицирани прашања? Институционалната незаинтересираност и политичкото игнорирање кон семејството Зеќири дава малку надеж за безброј многуте случаи на тепачки низ скопските улици и автобуси. За ова не можат да се амнестираат институциите и нивните претпоставени, особено не албанските претставници, чија одговорност е дотолку поголема како самопрогласени заштитници на колективните етнички интереси. Чиста среќа што не се соочуваат со вакви проблеми во Тетово или Кичево, што од друга страна можеби е причина за игнорирањето на овој случај.

Длабочината на македонската бездна се гледа и во фактот што нема речиси ниедно известување за селењето на семејството Зеќири во медиумите на македонски јазик. Беа потребни два дена за веста да се појави на само две-три веб-страни. Дури и да постои некакво објаснување за молкот на медиумите под контрола (поради што сме на 123 место по слобода на изразување), нема причина зошто случајот не доби ниту еден ред од другите медиуми на македонски јазик, кои сепак држат некаква дистанца за политичките прашања. Ете, за вакви ситници не беа заинтересирани.

Мали се надежите за позитивни промени, доколку не е научена лекцијата дека институционалните повреди – во овој случај врз грбот на Албанците – многу брзо ги преминуваат етничките граници. Кога системот не е основан врз закон, брзо им се удира од глава на сите оние кои го поддржуваат, било директно или молкум. Без да се разбере ова, не може да зборуваме за отворено општество за сите граѓани, без разлика каде живеат и без разлика на нивната општествена положба.

Последната епизода, кога чарето од опасноста и мизеријата дома се бара преку азил во Германија, треба да ја потсети ЕУ на многуте проблеми со кои се соочува Македонија. Поттикот за европски интеграции е добредојден, но уште побитно е да се наведат јасно критичните причини поради кои граѓаните се интегрираат во ЕУ – индивидуално. Како за почеток, доволно е да се ревидира оцената од последниот Прогрес извештај на ЕУ (страница 12), каде се наведува дека „коалиционите партнери имале заеднички обиди за намалување на етничките тензии“. Ова не е е олеснување, сигурно.

Извор: gjakushkabashi.wordpress.com