Евроскептицизам и евроступидност

14.05.2014 12:18
Евроскептицизам и евроступидност

За две недели се европските избори. Во Словенија кандидатите се или совршено безначајни, или трчилажговци кои трчаат по уште една (најдобра) функција, или такви кои по правило не можат да се откажат од кандидатурата, иако истапиле од своите партии, или пак, партиите им се распаднале. Признавам дека има и по некој нормален... Се појави група под името „Служба од вашите соништа“, која избра кандидати од пријавените на лотарија, чијшто единствен мотив е да добиваат околу 13.000 евра месечно и уште десетина за вработување на некој што тие ќе го одберат, и други трошоци. И секако, за полубожествената привилегија да ја посетат Словенија за викенд во тој период, ако баш сакаат. Баш е ограничено лицемерието! Сите изгледи за победа ги има десницата, чиишто кандидати настапуваат против уставот на државата која би требало да ја претставуваат, застапувајќи ја „светлината на животот“ и укинувањето на правото на абортус, а веројатно и на контрацепција, укинувањето на правото (Јанша мора да биде слободен без оглед на тоа во колку процеси е осуден, и може да ја води владата од затвор), и укинување на правото на кој било што не е семејно, бисексуално, национално, и културно јасно определен како домородец. Во малите и жални држави е насекаде така, во големите држави парафашистите работат како луди за да обезбедат поголемо влијание во парламентот. На сите им е јасно дека таа работа станува важна, сега кога во игра влегоа гасоводи, тенкови, референдуми и други сериозни играчки, освен милионите кои се тука или навалуваат на границите, спремни и желни за угнетување, искористување и понижување.

Некои сметаат дека виновна е левицата, која никаде во Европа не успеа да настапи кохерентно и преку своето мало буниште: не сум сосема сигурна, бидејќи тоа покажува потполна недоверба во гласачкото тело. Мислам дека станува збор за уште една манипулација на медиумите, кои претежно ги држат оние кои инаку го држат европскиот парламент денес – народско-(псевдо)-селска партија, лобистите и нивните капиталисти. Треба секоја критичка грижа за заедницата да се прикаже како скептицизам, и бидејќи поголемиот дел од граѓаните немаат поим што тој збор значи, тогаш скептицизмот се прилепува на политичките опции кои нималку не се сомневаат во своите уверувања, и така конечно сккептицизмот потонува во калта на општите банални мисли. Можеби и некои други историски пропаганди биле доволно расипани и злобни да смислат слични пресврти: но оваа денешна европска пропаганда смета на степенот на игнорација дијаметрално спротивен на можностите на медиумите. Напаѓајќи го евроскептицизмот и припишувајќи ѝ го на крајната десница, европските медиуми ја вршат конечната работа во воведување на европступидноста. Во историјата на европската мисла, скептицизмот, почнувајќи од Пирон од Елида, опоменува на самоувереноста на мислите, слепото затворање и некритичноста - особини кои се кобни за секоја мисла, особено за научната и филозофската. Самиот почеток е исклучително инспиративен - Пирон учел кај „голите мудреци“ (гимнософисти) во Индија, што не ни помага многу во откривањето кој бил тој. Се вратил со недоверба во човечките сетила, во човечките заклучоци, во усвоените вистини. Тоа е во спротивност со многу верски и филозофски далекуисточни учења од минатото и денес - да речеме со будизмот. Единствено што препознаваме се техниките на одвојување на човекот од светот (атараксија), за да може подобро да размислува. Би можело дури и да се постави хипотезата дека Пирон своето учење го обликувал во потполна спротивност со системите на своите индиски учители - ако можеме убедливо да им припишеме нешто од статичноста и мистицизмот на подоцнежните варијанти.

Сомнежот во сè, вклучувајќи ја и сопствената мисла, бил поткрепувачки во европските учења, од Кант и Маркс до Попер. Критиката на сè што постои ја црпи својата ударност од скептицизмот. Скептичната мисла е онаа што ги започнувала, придвижувала и барала промените. Мислата што ја смрзнува крвта во жилите - каде би биле да не беше скептицизмот, сега мора да ја замениме со многу пострашната - што ќе биде кога скептицизмот ќе исчезне. Бидејќи, како што не можеме да опстанеме без пчелите, така не можеме ни без скептицизмот.

Европскептиците се за Европа и европската заедница, не против. Различните облици на евроступидност се против.

Извор: pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото