1020 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 05:59
Тргнувајќи од начинот на кој бeше обмислен, од хипокризијата и лажноста што го карактеризираа, од внатрепартиските судири и пресметки кои излегоа на површина, подемот на Зоран Заев како лидер на СДСМ наликува на некогашните промени на номенклатурите во болшевички Кремљ. Конгресот во неделата беше само последниот чин на еден процес кој трае подолго време, неколку години, процес кој не е стрикно партиски, туку е и општествен и антрополошки. Многу работи требаше да се сменат и се сменија во нашето општество, за човек како Заев да стане лидерот на една опустошена, безидејна, на умирачка постела, опозиција. Во неделата го видовме само погребот на СДСМ.
Да, СДСМ повеќе не постои, затоа што не е доволно да постои макар и една упропастена структура, ако таа ги погазила и се откажала од својот идентитет и политика, таа повеќе не е партијата што била. СДСМ денес е претворен во симболична политичка и културолошка супструктура на партијата на власт и на режимот. СДСМ денес е само уште еден жлеб, уште едно шрафче во машината на моќта. Партија која ги уништува своите луѓе, се откажува од нив како од шаховски пиони, политички ги убива оние кои ѝ пречат, лаже за своите намери и цели, го погазува дадениот збор и оди дотаму, да се обиде да го убие и својот историски лидер.
Се вели дека секој политички лидер треба да има инстинкт на убиец! И работата е што нема ништо инстинктивно во оваа опозициска борба, туку само смислени потези, на штета на сите. Цела оваа демократска глума со Конгресот е само една маскерада, да се покрие јавното, во живо, убиство на Црвенковски. И ова не е продукт на еден конгрес, туку нешто одамна подготвувано, смислено, можеби не договорено, но направено во дослух со режимот. Сега верувам сите се многу посреќни, сега, кога големото зло и најголемиот виновник е надвор од играта, далеку од сцената. Но, внимавајте, најопасно за еден систем е кога виновникот и вечниот непријател ќе исчезнат.
Еден ден некој ќе треба морално да одговора за овој пустош, за оваа штета што ѝ се нанесе на опозициската и слободарска кауза, да објасни дали сето ова вредеше, само за да се стане лидер на упропастена партија?!
Некој ќе треба да се носи со храброста на донесите одлуки, на искажаните лаги, на глупите тези, на омразата која беше демонстрирана. Заев лажеше за многу нешта и денес сѐ е јасно како ден. Лажеше дека отпорот бил убиен од Црвенковски и странците, кога всушност правеше заговор заедно со Шекеринска. Лаже дека немал контакти и комуникација со Груевски, како што лажеше и за Тачи, како што впрочем и тој и Шекеринска, кој со Протогер, кој со странците, работеа против СДСМ и Црвенковски. Лажеше дека работи на единство, кога ја подели целата партија и избрка или одалечи сѐ што е квалитетно. Лажеше дека добивал закани, лажеше дека претходно опозицијата не вадела афери, пласираше глупави тези дека ако не го изберат за лидер власта ќе го апсела. Демонстрираа несфатлива, невидена и невкусна омраза за една партија која се нарекува демократска, кон поранешните раководства и кон неистомислениците. Конечно, Заев ги пушти своите вазалски кучиња не само да плукаат по неистомислениците, туку и да си дозволат да клоцаат по Црвенковски, да го оцрнуваат како вмровец или во дослух со Латас.
Делегатите на СДСМ, овие од новиот културолошко-антрополошки ков близок до груевизмот, во неделата ги легитимираа двајцата најголеми лузери и двете најголеми зла во историјата на СДСМ. СДСМ го легитимираше катастрофалниот пораз од кој излезе со 100 илјади гласа помалку, и на денот на Конгресот, со потврдата на Заев, јас ви гарантирам дека изгуби уште 100 илјади членови. И тоа е соодветен политички парадокс, иако работата е сурово логична.
Замислете, колку што овој СДСМ се приближува и ќе се приближува до културолошкиот модел и до општествените и политички пракси блиски на режимот, толку повеќе ќе ги губи искрените членови, вистинските социјалдемократи, слободарите. До степен, кога ќе стане прост сурогат на ДПМНЕ, кој само нуди повеќе од истото, но никогаш нема да наиде на нови гласови, затоа што ќе се сведе на лоша копија на веќе катастрофалниот оригинал. Дури и некогаш, по некоја си космичка случајност, овој СДСМ со Заев и Шекеринска да дојде на власт, тоа повеќе нема да биде промена, ќе биде само повеќе од истото, затоа што СДСМ денес не е вистинска опозициска партија. Не е тоа од политички аспект, не е од морален, а уште помалку пак е од културолошки аспект.
Ќе ви ги кажам аргументите зоштo така мислам. СДСМ и порано имаше проблем со идеологијата, но денес оваа партија нема ништо со левицата и со социјалдемократијата. Зарем, Заев кој е само политички лост на милионерскиот струмички клан од Муртино, кој живее и опстојува благодарение на непотизам и тендери, кој нема три чисти со национална политика, ќе ја спаси Македонија од Груевски?! Или Шекеринска, снобот кој пере пари преку кирии, метеората која од политичар со европска димензија, се потврди како најголем уништувач и сплеткар на СДСМ, денес, само е рурална марионетка на Заев?! И толку е од СДСМ. Мислите дека некој друг во таа партија има право на збор и став?! Се обидоа со Пендаровски да глумат некаков си триумвират, кога видоа дека станува опасен го дистанцираа. Секаде наместија, од листи до кабинети, тотални анонимуси и климоглавци, луѓе кои ниту знаат, ниту можат да ги загрозат.
Овие ли ќе гинат за опримираните, за маргиналците, за обесправените?! Имаат само една цел која нема никогаш да ја постигнат, или кој знае, а тоа е власт! Па, и градоначалник е власт, а видовме на што е подготвен Заев, за да ја задржи таа позиција. Нив двајца, ни историја, ни вредности, ни демократија не ги интересираат! Заев го интересира како да ја комплетира својата метаморфоза во човек-партија, а Шекеринска како да не излета комплетно од шините. Впрочем, трагедијата на Заев, што тој сѐ уште не ја разбира, е дека никогаш нема да биде наследник на Црвенковски. Заев е наследник на Груевски, на неговите логики, тој е носител на таа иста физиономија и провинциска итрина, тој е негов сурогат. Тој нема никаква автентична политичка идеја или традиција, исто како Груевски, може да се потпре само на национал-популизамот од десничарски ков. Со тоа не велам дека Заев е тиранин каков што е Груевски. Првично не е тоа, затоа што не владее, но по тоа што го прави со и во опозицијата, дефинитивно врти накај авторитативен тип. Гледате, денес немаме само режим на власт, денес имаме и режим во опозицијата. Луѓе со исти логики, со слични пракси, со идентични цели.
Неколку работи тука се многу индикативни. Денес не мора некој да стигне до власт за да го процениш, доволно е да го набљудуваш со какви средства се користи, и како целта всушност му се изедначува со средствата. Односно, целта може да постои, како опција, сѐ додека постојат и се потхрануваат средствата кои наводно ќе ни помогнат да ја оствариме.
Прва работа, Заев и компанија се покажаа како крајно неспособни да артикулираат една рационална политичка алтернатива на тоа што веќе го прифаќаме како нормално и дадено, а тоа е бескрајното носење на одлуки кои го фаворизираат и го привилигираат тесното и олигархиско малцинство, наспроти обесправеното мнозинство. Зошто? Па, затоа што и самите се претставници на една тесна олигархија. Тие можат да се обидат со некаков популизам тоа навидум да го променат, но бидете убедени, не верувам дека знаат што е левичарски популизам, па така се наклонети само кон имитирање на десничарскиот.
Немаат ништо заедничко со левицата и со нејзините традиции. Немаат никакво решение за социјалната драма, за нееднаквоста, за економската и материјална мизерија која го мачи мнозинството. Всушност, по тоа како се однесуваат потсетуваат на основната идеја на тачеризмот: дека општеството не постои освен како поим, и дека постојат само индивидуи и семејства! Гледано пак од нивните бизнис инклинации и неспособноста да се приближат со некаква алтернативна политика и приказна до општеството, Заев и Шекеринска се суштински „државо-центричен картел“, наместо да бидат сосема спротивното. Знаат дека повеќе моќ во партијата ќе имаат само доколку партијата се централизира, иако помалку апсурдно, денес во СДСМ се централизира, поточно увезува, само провинцијата.
Тоа што мене најмногу ме погодува е сепак сличноста на вредносниот систем кој ова СДСМ го имитира, а всушност ДПМНЕ го инкарнира. Тоа што ме боли е што ова СДСМ ни ја уби, ни ја уништи можноста да си избереме различни цели од оние што ни ги нуди режимот. Јас кај овој СДСМ и кај режимот гледам ист културолошки идентитет, исти индивидуални вокации, исти или слични материјални можности и предиспозиции. Јас не гледам добра политика која разбработува проект за алтернативно општество. Јас не гледам принципи на достоинство, слобода, еднаквост, правда, солидарност, граѓанство. Јас гледам само глупави слогани од типот: дечко помести се, одиме ние по власта. Ќе вадиме афери, ќе продаваме пуфки за средна класа и ништо суштински нема да промениме.
Гледате, тоа што ме иритира и ме турка во очај е што борбата за демократија се претвори во обична фарса, глума, во театар. Дајте ни само декларативен демократ кој ќе гарантира стабилност, во превод: непроменливост во владејачката класа која се самоперпетуира; дајте ни иста парализа на институциите, културата, медиумите, политиката, и ние ќе си глумиме дека сме демократи или дека спроведуваме демократски промени.
И, забележувам како сѐ повеќе луѓе лошо ги интерпретираат моите предупредувањa како онаа народната: Иде волкот, иде волкот! А, волкот никако да дојде, па затоа и сѐ помалку ќе ми верувате. Но, вистината е дека волкот одамна е меѓу нас и е дел од нас. И, верувам дека затоа толку се нервозни реакциите кај некои квазидемократски групации, зашто се плашат да не биде разоткриено нивното лажно крзно.
Ужасно ми е да гледам како повеќето глумат некаква си опозициска и слободарска обединетост против криминалниот режим, додека секој ден стануваме сѐ порасули, сѐ повеќе поделени и подалечни, затоа што додека некои пропаѓаат и ги снемува во борбата, некои други сѐ повеќе лично профитираат, стануваат комотни, а големата слика никако да се подобри. Па, кој е тој успех на слободарите денес, има ли такво нешто, ако секој ден сѐ повеќе тонеме? И, демек, сите сме сложни околу принципите и вредностите и драма е ако некој проговори надвор од тој смешен и затворен хор. Некои никогаш нема да разберат дека принципите не постојат сѐ додека не се создаде политичка мисла и идеја која ќе ги интерпретира и која ќе им даде прецизен приоритет на вредностите, принципите и интересите.
Ние сме обична глума, ние сме имитатори, невидени комформисти, и случајот со опозицијата е само најеклатантниот пример. И денес дури и најголемите декларирани демократи не можат да прифатат различни или ривални поимања на политичките идеи и проекти, не можат да прифатат различни политички концепти кои се во контраст помеѓу себе. И пак не разбираат дека без таа различност, принципите и вредностите, пак, не значат ништо. Колку повеќе си замислуваме дека нѐ водат исти принципи, колку некој сака таа перцепција да ни ја направи поочигледна, толку самите принципи сѐ повеќе секојдневно се повредуваат и се прекршуваат.
Ми е гајле веќе кој ја води опозицијата, кој е тој или таа, кое име или презиме. Јас се борам за идеи, и кога ќе видам дека една опозициска (не)политика погрешно ја интерпретира слободата или принципите, дека од демократијата прави фарса, ете причина заради која немам никаква намера да замолчам во мојата критика.
Нели разбирате дека како што власта се крие зад принципите на лажен легимитет, лажна демократија, лажна слобода или фер избори, така, денес, голем број од демократите се кријат зад лажно повикување на вистинските вредности. Едните ја користат демократијата за да се легитимираат, а другите за да ги делегитимираат првите.
Но, што очекуваме од опозиција која плаче за овие принципи, а во своите кругови не ги практикува? Како што власта си дозволува да маргинализира огромен дел од општеството, истото, во помали рамки, го прави оваа опозиција. Како што власта се сведува на една тесна олигархија, денес на исто се сведува и опозицијата. Како што власта сака да има целосна медиумска контрола над јавноста, така и опозицијата денес не дозволува слободна мисла и критика во рамките на слободарските медиуми. Кај власта постои „режимски сервилизам и клиентелизам“, кај опозицијата се создаде „демократски сервилизам и клиентелизам“. Разликата е што кај режимот тој сервилизам значи „потчинување“, а кај демократите се интерпретира како „партиципирање“. Режимскиот сервилизам искрено бара помалку труд, тој е кристално јасен. Овој демократскиот е далеку потечен, мобилен, нестабилен и стресен. Ете, опозицијата денес претставува ист очај како и власта. А, како да се има доверба во очајот?!
Истиот маѓепсан круг кој владее кај режимот, денес завладеа и кај борците за демократија. Нихилизам-цинизам, пари и клиентелизам, моќ и контрола. Не постои ништо автентично демократско, не постои групација блиска до опозицијата или невладиниот сектор која автентично се бори за демократија. Едните се борат за власт, другите ги поддржуваат како извор за фининасирање или извор на нови проекти. Секаде вертикали од моќ и интереси, секаде прокламации и декларации, а всушност, само тивки и тајни борби за одржување на статус-квото, или за подобра позиција еднаш кога можеби работите ќе се сменат. Но, работите нема да се сменат, а нема да се сменат додека сите ние не се смениме. Ако не го растуриме овој расипан круг на интереси, ако не вратиме малку од вистинската политика и здравите идеали, ако не се ослободиме од фактичкото, нема ништо никогаш да се промени.
Се наоѓаме во слободен пад додека режимот се залажува дека вози на автоматски пилот, а опозицијата се занесува дека ќе го преживее тресокот. Во ова општество останаа само неколку антитела кои не се резигнираат во прифаќање на наметнатото и бегаат од големите нарации кои тоа го правдаат или лажно го расклопуваат. Неколку интелектуалци се антителата кои сѐ уште нѐ штитат од болеста, но самите не се доволни. Уште повеќе, денес тие малку луѓе се на удар дека биле уништувачи на промените и им се негира правото и должноста на критика, здравиот разум, дискусијата околу тоа кои се целите на едно општество кое наводно се стреми да стане демократско.
Нашиот проблем денес е што не разбираме дека повеќе нема едно, апсолутно зло! И тој што денес повикува или сака да му пркоси на апсолутното, тоа го прави затоа што мислејќи дека ни открива голема вистина, се надева дека нема да ја видиме неговата лага. Светот одамна не е црно-бел и Македонија не е исклучок. Денес проблемот е што доброто и лошото се измешани, и прашање е на нашата етика или етос, на нашиот разум или критика, да разликуваме што е што во таа општа конфузија. Од тоа ние си патиме и понатаму ќе се мачиме, од медиокритетите, од дволичните, од хипокризијатга, а не од апсолутните лаги.
Слики: Jessica Harrison