Како овци

15.05.2014 08:21
Како овци

Никогаш нема да ги заборавам жестоките расправии во училишниот двор. Бев млад, гласно застапувајќи ја школата на размислување наречена „Како можеа да одат како овци на колење?“ Се срамевме од нив. Се срамевме затоа што не пружаа отпор, затоа што не се бореа. Сакавме помалку маченици, а повеќе херои на Денот на мачениците и хероите од холокаустот.

Тоа беше време на секаков вид срам: се срамев затоа што моите родители носат нееврејски имиња (Теа и Хајнц), се срамев од нивниот нехебрејски јазик (германски), се срамев од имињата на родниот град на дедо ми (Карлибаба), од називот на илегалниот имигрантски брод на мојот татко (Фросула) и називот на логорите во кои беа убиени некои од моите роднини (Приднестровие и Треблинка). Сето тоа беше толку настрано и толку срамно, особено оној дел за „овците кои одат на колење.“

Бев млад а сега сум стар, па сè ми изгледа поинаку. Нееврејските имиња се претворија во копнеж, а овците отидоа на колење и тоа беше единствената достапна патека. Но, детската вера во императивот на отпор кон тиранијата остана.

Пред да пролетаат шовинистички коментари на веб страницата Haaretz, морам јасно да кажам: холокаустот и окупацијата не можат да се споредуваат. Но, чинот на отпор е подеднакво легитимен и праведен во двата случаи.

Денес, пред Денот на мачениците и хероите од холокаустот, би требало да собереме ментална сила за да сочувствуваме со луѓето кои живеат под тиранија на друг народ. Токму како што им се воодушевуваме на силата на отпорот на окупираните европски народи, партизаните и движењата на отпорот, би требало да можеме да го сфатиме палестинскиот отпор кон израелската окупација. Ова би требало да биде една од лекциите на холокаустот, извртена од државното перење мозоци кое почнува од детските градинки.

Всушност, палестинскиот отпор е меѓу најслабите во историјата. Со исклучок на проклетите години од втората интифада, кога двете страни пролеваа крв, 47 годишната окупација беше мошне пријатна за окупаторите.

Минатата недела ја одбележа крајот на второто депресивно поглавје од најдолгиот „мировен процес“ во историјата и израелската пропагандна машинерија повторно се обидува да го прикаже ограничениот палестински отпор – сега речиси без никакво насилство – како нелегитимен, а Палестинците како исклучително одговорни за неуспехот.

Што ѝ препорачува Израел на Бенјамин Нетанјаху на Палестина на Махмуд Абас? Седи мирно и не помислувај на отпор. Седи мирно и гледај ги новите населби кои сè уште неконтролирано се градат на твојата земја. Не користи терор, но ни дипломатија, која, како што знаеме, е „политички терор“. Нема граѓанска непослушност и нема бојкотирање на установите. Купувај само „сино-бели“ израелски производи. Не демонстрирај и не размислувај за ненасилни протести.

Соработувај со окупаторската војска и нејзините мрачни институции. Ангажирај лица за безбедност со договор, дури и против сопствениот народ. Дочекувај ги неделата за „расчистување сметки“ со љубов. Признај го Израел како еврејска држава, дури иако Израел не знае што значи тој израз и, се разбира, дури иако Израел не го признава твојот народ ниту за момент, како народ со еднакви права.

Заборави на правото за враќање, не споменувај го дури ни во шега, препушти ги бегалците на нивната судбина, избриши ја својата историја и своето наследство. Најмногу можеш да се надеваш на преполовена и демилитаризирана држава, компромис над компромис, долго откако веќе си се откажал од поголемиот дел од територијата. Со други зборови: запиши се во Ликуд, помагај им на Израелските одбранбени сили и не ги вознемирувај „сабрите“. Сè што е помалку од тоа ќе се смета како отежнувачка околност.

Вистина е дека Абас, а тоа е шокантно, веќе ги исполни повеќето од овие услови. Но, не сите и тоа не е доволно за Израел. Всушност, ништо не е доволно за Израел – Израел ќе продолжи да поставува нови услови сè додека овој ги исполнува претходните.

Абас ќе влезе во палестинската историја како соработник на окупаторот, како Рудолф Кастнер без убивање или пари. Одевме како овци на колење, а сега бараме Палестинците како овци да се согласат со окупацијата. Евреите и Израелците, барем на денешен ден, би требало да го сфатат тоа.

27.04.2014

Извор: http://www.haaretz.com

ОкоБоли главаВицФото