Интелектуална автобиографија (7)

15.05.2014 09:22
Интелектуална автобиографија (7)

На Шестиот меѓународен конгрес на слависти во Прага, 1968, со професорот Здењек Матхаузер и останатите колеги

 

ЕДНА ДРУГА РУСКА ЛИТЕРАТУРА


Кога така императивно ми беше ставено на знаење дека треба да се откажам од своите компаративни усовршувања, што ми остануваше освен да се свртам кон нешто друго. Тоа „друго“ беше - руската авангарда од почетокот и првите децении на XX век. За неа во текот на белградските студии знаевме мошне малку, а и подоцна во Скопје одвај нешто повеќе. Но, Париз беше во тој поглед вистинско сокровиште. Сосема мала, одвај забележлива уличка rue de l'Eperon во која низ малото дворно место се одеше кон влезот на богата книжевна ризница сместена во мал простор од два дела - во првиот целиот десен ѕид беше исполнет со драгоцена и ретка руска периодика, а потоа се влегуваше во поголема просторија пренатрупана со книги, подредени (сепак!) по абецедата на одделните автори. Зад бирото ве гледаше низ спуштени окалки крупен човек со кого општев на руски и кој, откако подобро се запознавме, секогаш беше склон да ми направи некоја „универзитетска скидка“ за книгите што толку ги посакував, а за кои парите не достасуваа. Тоа беше „Домот на руската книга“ во кој поминував долги часови, бидејќи живеев во средиштето на Латинскиот кварт, недалеку од него.

Второто сврталиште, подобро познато на париските југобиблиофили, беше богатата и пространа книжарница „Les editeurs reunis“ на улица „Монт Сен Женевјев“ под Сорбона. Таа содржеше многубројни и доста скапи „репринт“ изданија, а особено примамуваше со тукушто појавените такви книги од американското издателство „Чехов“ преку кое дојдов до извонредните „Лица“ на Евг. Замјатин, до книгата „Темниот гениј“ за Вс. Мејерхолд, до мошне инструктивната „Руската литература во изгнанство“ од Глеб Струве која ми беше првиот патоводител и во која видов колку беше сложен и заплеткан животниот лавиринт на чудесната Марина Цветаева. Овде го купив еднотомникот на Ахматова, стиховите на Мандељштам, овде ги набавив ретките и страшно скапи зборници на критички статии, манифести, документи преку кои пред мене се откри еден наполно нов и непознат свет за кој и не сонував и за кој само бев наслушувал во Белград, Скопје и Москва од моите колеги и пријатели Милан Табаковиќ, Александар Флакер и Миливое Јовановиќ.

Co крајно скромните средства со кои располагав не можев сето тоа да го имам како своја книга, па еден дел од таа новоразбудена глад и љубопитства за новосогледаниот и возбудлив космос морав да ги заситувам преку читањето во библиотеките. Во Париската Национална библиотека јас ненаситно ги читав делата на Борис Пиљњак кој ми се откриваше како исклучителен прозаист. Бев убеден дека е тоа еден од најдобрите светски раскажувачи на XX век, се чудев што за него речиси ништо не се знае и не се пишува, се готвев да напишам некаков монографски труд за него, што за жал, никогаш не го остварив. Уште повеќе време поминував во засолнетата и манастирски тивката библиотека на „Институтот за славистички студии“ на улица Мишле, зад паркот Ликсамбур. За неа добив некоја препорака и можев слободно да работам. Во неа упорно и стрпливо читав се од и за Пастернак. Набргу собрав голема граѓа, сѐ што за него беше напишано во СССР и на Запад и бев цврсто решен, по моите „искуства со компаративата“ во наредниве години целосно да му се посветам, наспроти сите политички трендови и состојби во мојата земја. Така, наоѓајќи се уште во Париз, јас ја подготвив студијата „Поетската посебност на Б. Л. Пастернак“, го стокмив изборот на неговата поезија, (тоа беше прв од таков вид во Југославија) и преведов дел од неговата скоро излезена на Запад автобиографска книга „Луѓе и ситуации“. Накусо речено, не губев време во Париз и покрај големото разочарување што го носев во себеси. „Во ред, си реков, ќе преминам на славистика, иако не поради неа дојдов во Париз, - но тоа ќе биде една друга руска литература, поинаква од онаа што дотогаш се предаваше на Филозофскиот факултет во Скопје.

Со професорот В.И. Кулешов, колегите од Катедрата и студентите по славистика на Филозофскиот факултет во Скопје, во 70-тите години

Така настана мојот универзитетски курс „Руска литература на XX век“ во кој започнав да ги предавам писателите кои никогаш претходно не беа застапени во официјалната програма: Ахматова, Гумиљов, Мандељштам, Хлебников, Мерешковски, Сологуб, Баљмонт, А. Бели, со посебните предавања за поетиката на рускиот симболизам, акмеизам и футуризам. Овие програмски едиции ги внесов самостојно, бидејќи таква ингеренција ми беше дадена однапред. (Очигледно, главната стратешка замисла на „хируршкиот рез“ беше - да се тргнам од предметот светска книжевност и катедрата за југословенска (вклучувајќи ја и македонската) книжевност.

Бев мошне задоволен од работата, студентите пројавуваа голем интерес за авторите за кои дотогаш одвај да беа чуле и мислев сѐ ќе биде во ред, т.е. дека, сакајќи да ми направат лошо, ми направиле добро, самиот се збогатив, влегувајќи во еден широк и возбудлив свет кој кореспондираше со моите погледи и критериуми при вреднувањето на македонската литература и кој, подоцна, кога тоа ќе ми биде дозволено, ќе го интегрирам во моите курсеви за европската и светската книжевност.

Но, одново испаднав наивен. Се покажа дека некој внимателно ја следи мојата нова ориентација и дека само чека погоден момент за да истапи и идеолошки да ме дискриминира. Тој „некој“ беше постарата колешка од Катедрата која предаваше стара руска литература. Тогашниот политички миг во Македонија (во почетокот од 60-тите години) го карактеризираше значајно „одмрзнување“ сврзано со доаѓањето во Скопје за претседател на ЦК СКМ на Крсте Црвенковски. Веднаш се почувствуваа големи промени, особено во кадровската сфера. Бев вчудовиден кога меѓу кандидатите за највисоките партиски органи го чув и моето име. При предлагањето кандидати за највисоки тела во новиот ЦК „постарата колешка“ (проф. Цветанка Органџиева), партиски секретар на наставниците на факултетот има изјавсно: „Ѓурчинов не поседува такви квалитети, какви што овде се изнесоа... Впрочем, тој предава на факултетот „писатели кои не се признаени од советската критика“. Бидејќи, прашањето се постави и пред Катедрата, таму го реков во одговор следново: „Точно е, колеги, дека програмата што ја изведувам не се совпаѓа со официјалната советска програма, но тоа го правам свесно, сметајќи дека таквиот став е во духот на гледањата врз советската книжевност кои сега владеат во нашава земја. Според мене, нема „официјални“ и „неофицијални“ руски писатели. Ги предавам најзначајните автори меѓу кои спаѓаат и Достоевски и Пастернак и други. Предавам и за едните и за другите. На руската литература гледам поинаку од Органџиева и мислам дека секој треба да предава и повеќе да му се посветува на она што најповеќе го знае и најповеќе го интересира. Сето тоа јас и го публикувам во јавноста, сето тоа на јавноста и е достапно. Секој може да проучува одделни прашања, да дискутира за нив, да спори за нив“.

Секако, јас тргнував од принципот на „слободата на мислењето“ и на „правото на разлики“, што беше општо усвоено, дури и од највисоките партиски документи. Сето тоа се одигруваше во април 1965 година. Но, и овој пат се покажа дека едно се прокламираните принципи и ставови, а сосема друго конкретната општествена практика, што подоцна и ќе ја одведе југословенската заедница во амбис.

На меѓународниот собир за Борис Пастернак во културниот центар Cerisy La-Salle во Нормандија, 1975

На еден од последните собири пред претстојниот Конгрес на Партијата моето име одново се спомна. Некој беше рекол - предложил: „Човек кој ги поседува тие квалификации, што ги изнесе претходно партискиот секретар не може да биде ни обичен член на СК, а не пак да стане член на највисокиот партиски орган!“ Знаев што значи тоа: некој кој како повеќегодишен член отпаднал од Партијата, не можеше да остане на факултетот. Тоа веќе беше многу посериозно.

Се разбира, мојата висока партиска кандидатура беше симната и каменот од моево срце падна. За да ги смирам духовите, воведов курс за Максим Горки, a предавав и за Демјан Бедни, како и за некои други автори кои „официјалната советска критика ги признава“. Но, од главното не се откажав: продолжив да ги предавам А. Бели, Сологуб и Ахматова, ја подготвив и ја објавив книгата за Пастернак. Пишував и го објавував она што го чувствував и мислев. Кога луњата помина често си го поставував прашањето: Што ли ќе станеше со мене, доколку на патот кон политичкиот врв не ми се испречеше „постарата колешка“ Органџиева? Без ни најмалку иронија, си мислев дека треба да ѝ бидам мошне благодарен. Она што го работев беше бездруго стопати поинтересно и позначајно за мојата средина од бесконечните конференции и расправи во рамките на дневната политика и политичкиот прагматизам. Но и тука бев лековерен.

Откако отпаднав од членството на ЦК сепак не отпаднав сосема од кадровската листа. Ми „натоварија“ безброј задолженија, некои од кои прифаќав со задоволство, од морален долг спрема разурнатиот град (тоа беше најтешкиот пост-земјотресен период, кога Скопје беше разурнато и требаше да се кренат на нозе и да се изградат основните културни институции), но некои од кои ме измачуваа со бесконечните состаноци и чувството на јаловост и напразно губење време. Во тоа време (1966) бев избиран за вонреден професор.

Кога во биографскиот дел се читаа моите општествени обврски и задолженија, сите во Факултетскиот совет се погледнуваа, шепотејќи: „Кутрата негова сопруга. Како е можно со олку оптоварен човек да се живее“. Се разбира, јас дома имав повремени недоразбирања во врска со мојата мошне честа отсутност. Но, тактичноста и благородната стрпливост на мојата сопруга не дозволија проблемот да ја премине границата на толерантноста. Впрочем, таа беше доволно интелигентна да сфати дека секое поенергично спротивставување не би дало никаков резултат. Едноставно, вие неусетно се вовлекувате во некаква спирала, се лизгате надолу, имате впечаток дека работите нешто многу корисно, се вградувате во општите напори за напредокот на сите, а дејствува и Вашата суета: вие организирате, вие решавате, вие зборувате, другите Be слушаат, зборуваат и тие, но само кога ќе им дадете збор итн. итн. Сѐ додека во еден момент не сфатите дека поминале неколку години, а Вие ништо позначајно не сте напишале, дека заостанувате и го губите времето и силите во спалните вагони, авионите, брзите и удобни државни коли, но од сето тоа Вие самите ништо немате, бидејќи сето тоа и некој друг кому не му се во главата Достоевски, Хлебников или Живко Чинго - исто така сосема добро би го извршувал...

По две-три години таква активност и мене ми зовре. Co списокот на моите функции (мислам дека беа 24 на број) и безбројни задолженија кои произлегуваа од нив отидов кај претседателот на Градскиот комитет на Партијата кој одговараше и за кадрите и го замолив - со ваквите обврски кон мене - да се престане. Тоа, за среќа, беше усвоено. Едно по друго отпаднаа моите задолженија, но затоа мојата трета книга „Определувања“ можеше да се појави дури кон крајот на 60- те години.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел
Кон шестиот дел

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото