Интелектуална автобиографија (8)

16.05.2014 02:22
Интелектуална автобиографија (7)

ПРОБЛЕМИ CO СЛОБОДНОТО КРИТИЧКО МИСЛЕЊЕ (Епизодата со Б. Ѓузел)

 

Во 60-тите години постојан лајт-мотив во јавните расправи во културата беше „слободата на уметничкото творештво". Сите пледираа за неа, и Партијата се залагаше за неа. Барем во своите програмски документи и прокламации. Јас ѝ верував. Бидејќи, поради должностите што во овој период ги вршев доаѓав во ситуации и самиот да истапувам од нејзино име - јас ѝ верував и бев убеден, а сигурно дека во тоа не сум бил единствен, дека водата ја мати некој од изворот кон оние што треба од неа да се напојуваат. Тој „некој“, си мислев, беше партиската бирократија против која требаше најенергично да се борат интелектуалците кои немаат амбиции во политичката власт, но имаат стремежи и желби да ја бранат вистината и слободата. Во 60-тите години, во втората нивна половина, јас бев еден од немалубројните такви. Особено држев дека спомнатава „слобода“ може и треба да се однесува и на книжевната критика и дека таа под никакви услови не смее да биде некаква партиска и идеолошка трансмисија меѓу творците и Партијата, туку дека треба да биде наполно независна и слободна. Колку во реалниот живот прокламираните принципи имаа можност да се изразат, ќе покажат двата примера во кои како критичар непосредно учествував. Првиот се однесува за 1967 година кога се најдов во жирито за доделување на нашата најпрестижна поетска награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Во жирито во кое бев избран за претседател, беа уште и Георги Старделов и Слободан Мицковиќ. Пред решавањето, во најтесниот избор се најдоа збирките на Славко Јаневски и поетот од помладата генерација Богомил Ѓузел. Старделов веднаш се изјасни за Јаневски, Мицковиќ за Ѓузел. Требаше јас да решам со својот глас. Ситуацијата беше мошне мачна.

Јаневски - истакнат, афирмиран писател, близок до власта и влијателните политичари, Ѓузел, поет кој израсна во едно од водечките имиња на нашата поезија во 60-тите години, но писател кој беше политички хендикепиран и кој никогаш не добил пред тоа никакво позначајно признание. Хендикепот беше во фактот што тој беше син на познат политичар кој за време на Втората светска војна тесно соработуваше со бугарската фашистичка власт и кој набргу по доаѓањето на партизаните беше стрелан со другите колаборационисти. Но, во тој момент Богомил Ѓузел имал само пет години! Го следев пишувањето на Ѓузел од првиот момент и повремено општев со него: семејството на мојата сопруга и Ѓузелови биле пријатели во минатото. He наоѓав ништо „опасно“ или слично на идеологијата што ја застапуваше неговиот татко во она што тој го создаваше. Напротив, видов дека е мошне талентиран и ги поддржував неговите напори да се афирмира. Тој беше изучил странски јазици, објавуваше одлични стихови и беше меѓу најдобрите поети од помладата генерација. Неговата збирка „Мироносници“ мошне ми се допаѓаше. И книгата на Јаневски „Евангелие по Итар Пејо“ беше мошне успешна. За неа со недели се водеше забележлива и натраплива агитација во медиумите и во печатот. Речиси веќе го прогласија за лауреат, впрочем, до тој момент тој беше добитник на сите можни признанија за литература. За Ѓузел никој не зборуваше. Тој беше далеку од сета таа фестивалска гунгула, се наоѓаше некаде на отслужување на воениот рок...

Доделувањето на наградата „Браќа Миладиновци“ на Блаже Конески 1972 година на СВП

Се одлучив за книгата на Б. Ѓузел. Тоа предизвика шок. Беа убедени дека ќе се определам за писателот кој беше фаворизиран од власта, а мене ме сметаа за еден вид партиски активист што веројатно и бев во тие години. Можев да ја очекувам реакцијата на Јаневски кој беше и главен уредник на најмоќното издавачко претпријатие „Македонска книга“, но испаднав доста наивен по однос на очекуваното разбирање од страна на другите инстанци и влијателни луѓе, меѓу кои имав и лични пријатели. Беа констернирани од мојата одлука и не можеа никако да ја сфатат. „Па, знаеш ли дека тој е син на квислинг?!“ викаа речиси сите во хор. „Знам, велев, но тој имал тогаш пет години, а во неговите стихови нема ништо квислиншко!“, се бранев. Но, тоа немаше ефект. Сфатив: Ѓузел треба да биде, од нивна страна, доживотно дискриминиран и како човек и како творец! Тоа ми беше тотално неприфатливо. Бев депримиран. Мислеа дека тоа беше чин на некое мое своеволие, упорно објаснував дека не смееме така да се однесуваме, бидејќи ги погазуваме нашите начелни принципи и ја компромитираме нашата елементарна принципиелност. Интересна беше средбата со претседателот на Градската партија во Скопје, по фестивалските денови. „Па, како сето тоа така испадна“, ми рече со придушено прекорување. „Наградивме добра збирка, биди уверен“, му реков. „Да, но не очекувавме ти така да постапиш“. Знаев што значи тоа. Впрочем, тој самиот се испушти: „Знаеш, размисливме за твојата молба да бидеш ослободен од многубројни задолженија.“ Така, бев симнат од кадровската листа. Здивнавме и јас и мојата сопруга. Престанаа да ме викаат на бесконечните состаноци. Можев послободно да ѝ се посветам на својата книжевно-критичарска и научна работа. Следниве неколку години беа најплодни и најбогати во мојата библиографија.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел
Кон шестиот дел
Кон седмиот дел

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото