Уметноста на измамата

16.05.2014 11:09
Уметноста на измамата

1.

Ако, како што тврдат многумина економисти, нашава транзиција ја живееме токму како времето на првобитната акумулација на капитал – онаква, од типот „До балчак“ – тогаш, можеби, сосема ни одговараат и другите „дијагнози“ својствени за тоа време, за другите нормални држави одамна изживеани. Како на пример онаа карактеристика на кичот од Гринберг, кој вели дека „кичот бил продукт на индустријализацијата и урбанизацијата на работничката класа, материјал направен за консумација на работничката класа: популација гладна за култура, но без ресурси и образование за да ужива во врвот на авангардната култура“. И понатаму: „кичот, којшто го употребува сировиот материјал на снижениот и академизиран симулакрум на вистинската култура, ја поздравува и култивира оваа неосетливост“! Како да нѐ имал токму нас пред очи.

И дали тука, имено, можеме да ги бараме корените / причините за оној омилен џокер на нашиве шутраци за „сликање пред спомениците“ и зградите како доказ за приемчивоста и популарноста на новата „естетика“? Иако, се разбира, таквата „аргументација“ е тотално бесмислена и изместена. Како да, прво, сликањето пред идеологизираниот кичерај во центарот на Скопје е израз само и исклучиво на некакво допаѓање или прифаќање на новиот „амбиент“, а потоа веројатно и идеолошка припадност, прегратка, членска карта во друштвото на кичерите, што ли? Се разбира, нашиве „идеолози“ умеат така да ги спинуваат и растегнат во своја полза нештата, што не би ме чудело утре и на туристите да им нудат бесплатно фотографирање пред кичон, за „успомену и дуго сеќање“, и да ги регистрираат како нови љубители на скопската циркузана. Можеби некој има направено и некаква прелиминарна пресметка колкава бројност треба да достигнат овој тип „љубители“, за да т.н. проект дефинитивно биде прогласен за „проект на вечноста“? Не би ме зачудило филозофчено, минхаузенчено и по некој од страничнине упикувачи да смислат и таква „квака 22“!

2.

Се разбира, кон чинот на фотографирањето пред целиот оној помпезен кич можеме да пристапиме и од чисто теориски аспект, ползувајќи одделни (апсолутно брилијантни) согледувања на, на пример, Сузан Сонтаг, Барт или други теоретичари. Иако тоа нема којзнае колку да промени кај луѓето кои, ете, сакаат да се фотографираат пред тие грдотии. Заради разни причини. Сонтаг смета дека фотографирањето е и „учествување“ во случката, иако сакам да мислам дека малкумина од оние кои се фотографираат таму навистина го мислат тоа. Понатаму, фотографијата од тој тип може да сугерира дека тоа е вредно за гледање, интересен спомен, но и сведоштво за злосторството и (дури) чин на неинтервенирање односно пасивно набљудување! Токму тоа за што говорам. А Сонтаг пак го наведува примерот на будистичкиот свештеник кој се самозапалува, а фотографот снима зашто одбрал да не интервенира, да не помогне… да не учествува. И некому тоа може да му изгледа натегнато, пресилно и слично, ама конечниот избор е тој: реакција, интервенција, или – фотографија!

Самиот чин на фотографирање пред овие гротескни содржини е многузначен и превртлив, што ќе рече дека можеме да му придаваме различни значења. Од преносното (објективско) прифаќање да се „учествува“ и искажување на став дека станува збор за избор на вредност, до подеднакво точните интерпретации дека тој чин всушност е псеvдоприсуство односно знак на отсутност, потоа регистрација на злосторството, шокантен документ итн. Што ќе рече, никогаш целосно не ќе ги разбереме мотивите на луѓето што се фотографираат пред скопското злосторство. Па заради тоа, „аргументацијата“ и „толкувањето“ на овој чин од страна на човечено што сака да се гледа себеси како „режисер и публицист“ е само израз на бедна имагинација.

3.

А во контекстот на широките „народни маси“, порано веќе спомнатиот Алексиев во една прилика напиша: „Нашиве расипани политичари насила го наметнаа својот расипан вкус на набрзина збогатени простаци, на селски газди, на сопственици на јавни куќи, на гангстери и на нарко-босови. Тие трајно го расипааа секој, дури и наједноставниот личен вкус, дури и онаа, повеќе или помалку, вродена смисла за убаво кај сите луѓе и ова злосторство со умисла ги уби најневините чувства и сета искрена чувствителност на народот“.

Е, во тоа не сум сигурен. Не во она за политичарите (иако и во тоа малку се сомневам), туку во ова за постоењето на „вродена смисла за убаво кај сите луѓе“. Особено на Балканиве. (Иако, признавам, тоа би требало да важи особено на Балканиве, и особено кај нас).

Значи, прво, навистина по малку се сомневам во првата теза дека „нашиве расипани политичари насила го наметнаа својот расипан вкус“. Ако беше така, ќе нѐ расипеа сите, и него, мислам на Алексиев, и мене, и уште редица други кои секојдневно ги читаме и слушаме како отворени и аргументирани противници на кичот околу нас. Што ќе рече, не баш сите го прифативме понуденото. Велам понуденото, зашто ништо од ова околу нас не се случи преку ноќ какоинсталација со волшебно стапче. Сето тоа се одвиваше постапно, преку властелинската петта колона во културата и уметноста, но овој „невин“ народ имаше и време и можности за реакција. Тие што сакаа да реагираат – реагираа. И тоа не е за занемарување. И добија ќотек, што повторно не е за занемарување, како реакција на реакцијата. Но сепак, беа малкумина, недоволни, неподготвени. А народот, како и обично, си дремеше.

Но, можеби народов и не беше целосно подготвен за тоа што следи. Си има и други грижи, секако, а не да пази кој што прави низ градов. А сепак, контурите на новиот идеолошко – естетски центар на градот се влечеа доста долго. Со години. И повторно, тие што мислеа дека треба да реагираат – реагираа.

Но, жителите (народот!) на Скопје, особено граѓаните на Општина Центар, на крајот, во 2013 година, преку демократскиот чин на гласање (толку омилен кај нас), покажаа што и како мислат за понудената матрица (барем во оној нејзин визуелен дел / репрезент). Меѓутоа, прво, тоа ништо не промени во континуитетот и интензитетот на идеолошките инсталации во градот. Второ, тоа, а ни сите подоцна изнесени факти за очајните злоупотреби, не променија ништо во преземањето и практикувањето на одговорноста за направеното. Напротив. И трето, а во контекстот на Алексиев, дали со чинот на демократски отповик на идеологијата што им наметна таков град, граѓаните на Општина Центар ги измија рацете, ја отсрамија Македонија, си ја вратија онаа барана „вродена смисла за убаво кај сите луѓе“? Можеби!

4.

Но, поентата на Алексиев ја прифаќам и ретроспективно, историски, односно имајќи ја предвид уметноста со којашто токму овој народ се среќава(л) низ вековите, уметноста којашто сѐ уште е жива и му е пред очи, секој божји ден. Токму овој народ не заслужил вакво нагрдување на сопствената историја – зашто, сакале ние или не, нагрдени се сите оние значајни личности нацуцулени на сите страни – на сопствената уметност, на сопственото секојдневие. И не му се потребни којзнае какви примери од поновата (онаа грдана, проскрибирана) уметност, доволна е глетката во фреските и иконите по црквите (старите, не новиве!), во шарите / деталите на народните носии (за коишто пишуваа уште Лазески и Протуѓер!), во сѐ уште видливото отоманско градителско наследство итн.

Оттука, ако може овој народ, со такво историско, културно, уметничко, естетско наследство да не го болат очите, и умот, од сето ова околу него, тогаш некаде има проблем. Или само мислиме дека го има? Зашто луѓето точно знаат што опстојува, а што не? И знаат дека „идеолозине“ што им мавтаат со прстот се едно големо Ништо, магла, којашто ту се спушта ту се крева, или шутови кои ту ги спуштаат ту ги креваат? Но фактот дека во овие дваесет и пет години самостојност еродираше комплетната македонска мисла – образованието, културата, науката – дека толку генерации израснаа без основни познавања, ако новопечените полуписмени „аналитичари“ секој ден ни востановуваат нови вредносни системи со (ни криви ни должни) Венко Марковски и Јован Котески на чело, ако секоја шуша може себеси да се нарече уметник, архитект, професор… премногу „ако“ и „дека“ за сериозна држава. И кога на тоа ќе се надоврзе веќе општата сиромаштија, борбата за преживување, тоталната кичеризација и фолкеризација стандардизирана директно од државата... кога за три дена „Макфест“ државата двои 150.000 евра (пари што не ги добиваат сериозни институции за цела деценија!)… кога наместо уметност државата поддржува измама… тогаш народот се слика пред фонтаната со Аце!

5.

И се разбира, ваквите примери можат бесполезно да одат до недоглед. Во нашево мизерно секојдневие веќе никој ни сака ниту може да води дијалог. Нема со кого. Ние едноставно не сакаме да ја согледаме сопствената стварност, или таа е толку различна за сите што таквиот хаос ни е вистинското секојдневие? Плански хрането, развивано и мултиплицирано до здодевна леснотија на незаинтересираност и заборавање. Не само заборавање дури и на сопственото минато и традиција, она што некогаш била единствената гордост на оваа земја, туку и она што било вчера или завчера, заеднички вредности коишто нешто значеле.

Гропиус, Корбизје, ван де Рое … сите тие биле убедени дека дури иднината ќе има архитектура којашто едновремено ќе биде и уметност. Е треба да ја видат оваа македонска варијанта на таа иднина! Ние едноставно не признаваме никаков развој, никакви условености, не учиме на нашите и туѓите заблуди. Факт е дека секоја епоха, секоја генерација ја гледа / проценува историјата различно, па така и културата, уметноста, архитектурата. Ама според кои и чии стандарди, според кои и чии параметри, според кои и чии познавања? На една булумента полуписмени блефери?

Работата на интелектуалецот е резултатите на своето време да ги интегрира во некаква можна слика на комплексен развој. Каква е нашата слика? Комплексна лакрдија? И дали, како што треба, ги гледаме работите низ призмата на гледиштата на нашата епоха, или пак низ некои матни, замаглени пенџерчиња на балканската крчма полна кусогледи џаболебари? Ако пак генералната слика се формира врз база на вредностите на епохата, кои се тие вредности, денес и тука? Ова околу нас? Тоа може да се проценува само низ призмата на „уметноста на измамата“, на социјалниот и политичкиот инженеринг, на манипулацијата и културното профитерство од најлош вид, невидено до сега кај нас. Која и каква полза имаше оваа култура и уметност од тупкањето в гради и врескањето дека одиме во чекор со традицијата и дека државата ни е пред сѐ? Ова ли е таа традиција, онаа истата (квази)барокна традиција со којашто да ти била полна Битола (според зборовите на онаа хистерична баба)? И ако се ова токму чекорите со нашата традиција, да не, можеби, говориме за различни земји, гледаме различни традиции? Зашто ова не е, ниту може да биде традицијата и културата на Стоби и Хераклеа, на Курбиново и Нерези, на Мартиноски и Личеноски, на Мазев и една цела плејада големи творци целосно и намерно игнорирани и отстранети од денешниве митомани и измамници!

6.

На крајот, останува уште едно битно прашање сврзано со темата, поставено токму од омилениот ми стрип лик Ацо Станковски алијас Сарајлија. Прашање коешто, наназад неколку години од неговото славно и непрежалено „дело“, навистина има смисла. Прашањето гласи: „Се прашувам понекогаш, гонет од пеколните јазици на цел еден баталјон хејтери, кои не избираат зборови за напад врз објектите на нивната непресушна омраза, како би реагирале, на пример, кога проектот „Скопје 2014“ би бил дизајниран според одредени модернистички естетски постулати или барем во духот на постмодерната архитектура и уметност, поправо во стилот на онаа постмодерна, која се надградува на историската авангарда од почетокот на 20 век, или уште поточно, која ја рециклира уметноста на кубистите, рускиот конструктивизам или принципите на Баухаус“.

Е тоа е вистинско прашање, прашање коешто е типично Фројдовско и коешто ја вади на површина целата лага (мала и голема) на тековнава уметност на измамата. Од една страна прашањево ја открива комплетната скриена несигурност, скепса, неверување, дури дегутантност од ова што го гледа(ат) околу себе. Зашто знаат дека тоа – не е тоа што треба да биде! Но, од друга страна, само глупак би поставил такво прашање зашто сите досегашни критики кон т.н. проект не биле насочени само кон неговата (потенцијална) идеолошка и дневнополитичка манипулација, туку пред сѐ кон неговите уметнички односно естетски односно кичерски пројави и „вредности“. Што ќе рече, само глупак може да изедначи критичко мислење на сериозни професионалци со апологетско аплаудирање на квинтет полуписмени дилетанти.

Но, да речеме дека прашањето, повторно, завредува одговор. И тој може да биде едноставен: да! Кога т.н. проект „Скопје 2014“ би бил дизајниран во кој и да е друг (современ) дух / (современ) стил / (современа) комбинација на стилови, реакциите би биле поинакви. Но ако и тој хипотетички друг (современ) дух / (современ) стил / (современа) комбинација на стилови произведеше еднаков по „квалитет“ кич, реакциите ќе беа исти. Зашто, овде не станува збор за тоа што, туку – како! И тоа апологетиве не можат да го разберат. Значи, на страна „стилот“, на страна „духот“, на страна идеолошки сомнителните назнаки, овде пред сѐ станува збор за незнаење, непознавање, нестручност, глупост, идиотштина, малограѓанштина … Ако тие хипотетички модернистички постулати на Сарајлија, неговите постмодернистички комбинации и слични будалаштини беа реализирани на ист начин и од исти поединци како и овој т.н. проект, резултатот сигурно ќе беше ист и очите пак ќе нѐ болеа од секоја средба со центарот на градот.

Меѓутоа, апологетиве на кичот забораваат дека овде, сепак, не станува збор само и единствено за т.н. проект „Скопје 2014“ – иако тоа е дефинитивно главната идеолошка перјаница – забораваат дека овде сепак станува збор за назнаки за цел еден идеолошки систем којшто систематски ја уништува македонската култура. И на кратки и на долги патеки. Зашто, што ако „Скопје 2014“ беше во друг архитектонски стил, ама: во градот останеа сите оние идиотски „скулптури“ и „споменици“; во музејон на македонскиот хорор останеше истата „поставка“; министерствоно за леб и игри продолжеше со својата дегенерирана мисија; парите од граѓаните и понатаму продолжеа да одат во џебовите на фолкери и естрадни копуци кои се натпреваруваат со песни за многудетни семејства; ако и понатаму пропаѓаат средновековните цркви и им ги крадат иконите; ако и понатаму на директорските места во културата продолжат да седат домаќинки и неписмени идиоти; ако во културата и понатаму се стимулира петтата колона; ако на телевизиите и понатаму ги гледаме оние локални дијалектни „историчари“ како ни ја „објаснуваат“ нивната верзија на нашата историја; ако сѐ уште, во сите божји комисии седат минхаузени и среброљубци како Сарајлија и неговата банда; ако и понатаму слушаме кооперативни маалски филозофчиња со нивните „големи мисли“ за нашиот идентитет; ако и понатаму читаме како некоја хистерична баба видела барок во Битола а еден полуписмен „аналитичар“ го замислува новиот македонски вредносен систем; ако …! И има уште многу „ако“.

И дали, навистина, стилот и само стилот ќе ги сменеше работите и ќе ја претвореше измамата во нешто друго?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Дон Моер

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Јавни простори / Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото