1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Недоделкан, невоспитан, непосреден и арогантен, гласен колку и приглуп, невешт и кој знае уште каков, во секој поглед „сиров“ лик... Сељак. Истото важи и за сељаче или селанче, како и за целиот женски род: сељандура, сељанка...
Сите (негативни) значења на тие зборови ги измислиле граѓаните. Тоа е сериозна неправда, бидејќи и градот и граѓаните се измислени и создадени од селаните. Во досегашната историја човечкиот род најмногу време поминал во фаќање и собирање, а едвај половина од тоа време - од пред околу 12.000 години - поранешните мајмуни се занимаваат со производство на храна, одбирање и негување, култивирање на билките и животните што се јадат.
Таа селска работа произвела вишок храна и раст на населението, товарни и запрежни животни, транспорт и сообраќај, го втемелила инженерингот и ја променила природната околина, специјализацијата во преработката го развила занаетчиството, а размената на производи го овозможила постоењето на првите градови, и со нив, на цивилизацијата. Што значи - и градското или „граѓанското“ потценување на селанството кое станува сопственост на секоја власт, прва жртва на секој грабеж или војна, едвај различно од стока, она кое поради секојдневното аргатење во поле нема време - ниту какви бiло потреби, од гледна точка на власта - да биде писмено, образовано, дури ни чисто.
Негова единствена обврска е да произведува храна и, откако ќе ги снабди градските магацини, да види како самото ќе преживее со остатокот до следната жетва.
Ниту за еден сериозен прелом во развојот на човечките општества не го врзуваат селанството како класа, во кое гледаат заостаната, конзервативна, несклона кон промени и во секој поглед несигурна, безлична маса. Никој нема да каже дека индустриската револуција пред двесте години ја започнале селаните, иако нивното - главно присилно - претворање во работници ја овозможило таа револуција. Од друга страна, речиси сите револуции на XX век се нарекуваат работнички, иако во нив имало најмалку работници. А најмногу селани: така било во Русија, Југославија, Кина...
Во новоговорот „сељаците“ се викаат фармери. Па и кај нас, откако новоговориме.
Извор: vreme.com
Слика: Меги Роув