Во македонската историска куќа на хоророт

16.05.2014 12:33
Во македонската историска куќа на хоророт

„Веројатно не постои држава во светот која има толку многу херои. До ваков заклучок се доаѓа доколку се прошетате низ центарот на македонскиот главен град или доколку го посетите „Музејот на македонската борба“. Тука се наредени цареви и поети, свештеници и борци, кои во изминативе години беа расфрлени како „плејмобили“ низ градот. Со изградбата на музејот покрај брегот на реката Вардар, владејачката ВМРО-ДПМНЕ си изгради и сопствен споменик.

 Нивната цел беше да конструираат историја на државата која го опфаќа периодот на борбата за ослободување со кој се идентификува партијата, која се смета за наследник на бунтовничката организација „Внатрешна македонска револуционерна организација“.

Оваа ексклузивистичка историска интерпретација не ги исклучува само Албанците и не-националистичките словенски Македонци, туку преку архитектонската презентација се настојува да се прекријат и сите други историски градби и згради во градот.

Во Музејот се поставени огромни слики од руски и украински автори кои „фрлаат нова светлина врз историјата на доминантната нација, осцилирајќи меѓу култот на жртвата и хероизмот“, како што објаснува славистот Тања Цимерман. Потоа се оди во детали за борбата против Османлиите.

Сами против Османлиите

„Се боревме сами против големата империја, но немавме никакви шанси“, раскажува музејскиот водич кој не води низ просториите. Неговото „ние“ инсинуира континуитет до денешно време. Атмосферата е авторитарна. Не смеете да се движите низ просториите без водич, ниту пак смеете да ги фотографирате сликите или 109-те восочни фигури.

Интересни се и потписите под сликите. Под името на авторот не се наведува годината кога е создадена сликата, туку датумот на историското случување. На тој начин имплицитно се фингира дека во Македонија уште од 19. век постои „историско сликарство на национални теми“, анализира Цимерман. Тоа, едноставно, не е точно.

На сцените се редат еден по друг бестрашни османлиски борци, за на крајот светот да чуе и за Димитар Мечев, еден од солунските атентатори кои на почетокот на 20. век организираа бомбашки напади. Повеќето слики прикажуваат крвави борби, самоубиствени напади, безброј мртви. Во историската куќа на хоророт виси и една 'егзекутирана' восочна фигура од кровот. Човек може и да се преплаши шетајќи низ полу-темните простории, бидејќи понекогаш не сте сигурни дали станува збор за живи суштества. „Нацијата тука го инсценира своето само-пронаоѓање како воскресение“, смета Цимерман.

По отпорот против Србија и Првата и Втората светска војна се доаѓа до времето на комунизмот. Музејскиот водич објаснува дека одлуката на Македонците да им се придружат на комунистите „била исправна“, но потоа се говори за „жртвите на комунизмот“. Апсурдно е што се наведуваат само македонските затвореници во југословенскиот затвор на Голи Оток, како затворот да бил изграден специјално само за Македонците.

Симболично уништување на градот

„Музејот на македонската борба“ е само еден дел од големиот проект „Скопје 2014“, за кој опозицијата обвинува дека чинел над 500 милиони евра. Важни објекти од југословенското време, како зградата на владата изградена од стакло, бетон и челик е преоблечена во „класична барокна фасада“.

Всушност Скопје е модерен град. По земјотресот во 1963 година, јапонскиот архитект Кензо Танге доби задача, одновно да го изгради градот кој беше речиси целосно урнат. Но неговиот план беше изобличен. „Градското планирање во последно време ја пренасочи оската на Скопје во спротивна насока од планот на Танге, и се насочи против социјалистичката социјалутопија на која и се спротивставува со империјални споменици и архитектонски пејсажи“, вели Цимерман.

Како да се работи на „симболично уништување“ на градот. Целиот центар на градот е трансформиран во една театрална кулиса“, пишува австрискиот весник „Дер Стандард“.

Извор: Дојче веле (Б. Георгиевски) / Дер Стандард, 15.05.2014
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото