Специјална полициска единица ќе ја враќа опозицијата во парламент

16.05.2014 14:09
Специјална полициска единица ќе ја враќа опозицијата во парламент

Скопје, 16 мај 2014

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Велјановски, во брифинг со новинарите на „Коза ностра“, уште еднаш ја повика опозицијата да се врати во собраниските клупи, но истакна и дека ако овој негов апел не наиде на потврден одговор, тој има стратегија која досега се покажала како успешна во решавањето на кадровските проблеми на Собранието.

„По позитивниот пример од 24 декември 2012 година, разговарав со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, при што двајцата заклучивме дека е неопходно формирање на специјална собраниска полициска единица чија основна задача ќе биде брзо и интервентно да ги решава ваквите ситуации, односно по потреба да ги приведува опозиционерите во Собранието или да ги брка од таму“, рече Трајко Велјановски.

Спикерот објасни дека втора задача на единицата ќе биде да се грижи за безбедноста на новинарите, така што ќе ги брка од новинарската ложа.

Доколку и овие мерки не се покажат како доволно ефикасни, Велјановски најави дека има размислувања и за други демократски механизми од овој тип, кои не сакаше да ги прецизира.

Извор: kozanostra.net