Бојкот на волјата за бојкот

17.05.2014 08:59
Бојкот на волјата за бојкот

Инаугуративниот говор по повод вториот претседателски мандат на Ѓорге Иванов уште еднаш потврди дека е многу полесно да се види раска во туѓо око отколку трупец во сопственото. Бојкотот на свеченоста, поради непризнавањето на неговиот легитимитет од страна на ДУИ, и воопшто на изборот на старо-новиот претседател од страна на СДСМ, бил потценување на волјата на македонските избирачи, смета Иванов. И објасни: „Демократијата функционира кога се почитуваат правилата на игра, кога се почитуваат Уставот и законите, кога се почитува слободно изразената волја на избирачите на изборите, каков и да е резултатот“.

Притоа, тој свечено и со невидена леснотија ги бојкотираше оцените на набљудувачите, меѓу кои и тие на ОБСЕ/ОДИХР, дека на изборите не беа почитувани правилата, односно власта и опозицијата играа на нерамноправен терен; заборави дека со терминот за промоција на неговиот отчет прв го прекрши Изборниот законик и дека близу 1.200.000 избирачи (од вкупно 1.700.000) не гласаа за него. Ако знае дека во земјата не владее правото, што значи не се почитуваат Уставот и законите; дека таа е „делумно слободна“ (читај: поробена) кога се во прашање медиумите и слободата на изразување, тогаш треба да му е јасно дека е спорно и тоа дали гласовите што ги доби се израз на слободната волја на граѓаните или на нешто друго. А за неговиот личен придонес во деградирањето на институцијата претседател, ич да не зборуваме. Значи, ако сето тоа го имаше предвид, тогаш ќе му беше јасно зошто резултатот е ваков каков што е – поразителен. За државата, пред сѐ.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото