Слободното изразување и здружување клучни за елиминирање на хомофобијата и трансфобијата

17.05.2014 09:32
Слободното изразување и здружување клучни за елиминирање на хомофобијата и трансфобијата

ЖЕНЕВА (15 мај 2014)

Одбележувајќи го 17 мај, Меѓународниот ден против хомофобијата и трансфобијата (IDAHO-T), група на меѓународни и регионални експерти за човекови права* ги повикуваат Државите да стават крај на дискриминацијата и повредите против лезбејките, геј лицата, бисексуалците, транссексуалците и интерсексуалните луѓе и оние кои се залагаат за нивните права.

Во многу краишта од светот луѓето кои се лезбејки, геј, бисексуалци, транссексуалци и интерсексуалци (ЛГБТИ) се соочуваат со дискриминација, стигматизација и акти на насилство. Заштитата и унапредувањето на правата на ЛГБТИ луѓето на слободно изразување, здружување и мирно собирање е клучна за да се стави крај на дискриминацијата против нив и да се решат ужасните повреди на човековите права што им се нанесени. Овие не се само основни права, тие се исто така суштински во овозможувањето поединците да ги остварат другите права, особено правата на слобода од дискриминација и на еднаквост пред законот и можат да придонесат за поттикнување на јавна дебата во општеството.

Ние ги осудуваме актите на одмазда, заплашување или вознемирување во која било сфера (без разлика дали е јавна или приватна) врз основ на манифестацијата или изразувањето на сексуалната ориентација, родовиот идентитет или родовиот израз на една личност.

По повод на IDAHO-Т 2014, ги потсетуваме Државите на нивната обврска да ги штитат, унапредувааат и исполнат универзалните права, без дискриминација. Постоењето на општествено неодобрување на различни сексуални ориентации и родов идентитет не оправдува дискриминација или насилство против ЛГБТИ луѓето.

Затоа, длабоко сме загрижени од постоењето, и неодамнешното усвојување во неколку земји, на закони со кои се забранува ширењето информации за прашања на сексуалната ориентација или родов идентитет, и произволно ограничување на правото на слобода на здружување и мирно собирање.

Категорично ги отфрламе аргументите дека таквите ограничувања на правата на ЛГБТИ луѓето се неопходни за заштита на јавниот морал, здравјето или благосостојбата на ранливите луѓе. Наместо тоа, овие закони поттикнуваат стигматизација, злоупотреба и насилство врз ЛГБТИ луѓето. Да се забрани пристап до здравствени информации е штетно за физичката и ментална благосостојба на општеството во целина.

Бранителите кои се залагаат за правата на ЛГБТИ лицата се соочуваат со сериозни предизвици во вршењето на нивната работа, вклучувајќи и закани, напади, криминализација на нивните активности и клеветнички кампањи. Покрај тоа, мирните ЛГБТИ собири, митинзи и паради често се забранети и ограничени на места надвор од очите на јавноста. Во многу земји, безбедноста на учесниците на овие настани често не е адекватно заштитена од страна на органите на законот. Покрај тоа, организациите кои се залагаат за правата на ЛГБТИ луѓето се предмет на прекумерен надзор од страна на Државата и се соочуваат со произволни и дискриминаторски рации, парични казни, изнудување и затворање.

И покрај зголемувањето на бројот на Држави кои ги имаат укинато законите и отповикано политиките кои ги дискриминираат луѓето врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет, 77 земји сѐ уште криминализираат консензуални односи помеѓу возрасни од ист пол. Некои земји, исто така, криминализираат одредени родови идентитети и изрази, што ги погаѓа трансродовите луѓе. Таквите дискриминаторски закони ги кршат меѓународните норми за човекови права, го потпалуваат насилството и дискриминацијата против ЛГБТИ луѓето, придонесуваат за култура на неказнување и поттикнуваат непријателски средини. Овие закони треба да се укинат.

Државите мора да градат клима на толеранција и почит во која сите луѓе, вклучувајќи ги и ЛГБТИ поединците и оние кои ги бранат нивните права, можат да ги изразат своите мисли и мислења без страв дека ќе бидат нападнати, криминализирани или стигматизирани за тоа. Државите мора да обезбедат учество во јавните прашања на оние кои традиционално страдале од дискриминаторските практики или политики.

Соодветно на тоа, ги повикуваме Државите да ги обноват нивните напори за решавање на ова клучно прашање за човекови права во Советот за човекови права на ОН и регионалните меѓувладини тела и да ја исполнат својата обврска да ги штитат, унапредуваат и исполнат човековите права на сите без дискриминација.

(*) Експерти на ОН: Г-дин Френк Ла Ру, Специјален известувач за унапредување и заштита на правото на слобода на мислење и изразување; Г-дин Маина Кјаи, Специјален известувач за правата на слобода на мирно собирање и на здружување; Г-дин Анан Гровер, Специјален известувач за правото на секој да ужива највисок достижен стандард на физичко и ментално здравје; и г-ѓа Маргарет Секагја, Специјален известувач за состојбата на бранителите на човековите права.

Експертите за човекови права на Обединетите нации се дел од она што е познато како Специјални процедури на Советот за човекови права. Специјалните процедури, најголемото тело на независни експерти во ОН Човекови права, е општо име на независните механизми за утврдување на фактите и мониторинг на Советот за човекови права кои се однесуваат на специфични ситуации во земји или тематски прашања во сите делови на светот. Научете повеќе: www.ohchr.org

Како главен, самостоен орган на Организацијата на американските држави (ОАС ), IACHR го црпи својот мандат од ОАС повелба и Американската конвенција за човекови права. Интер- американската комисија има мандат да го промовира почитувањето на човековите права во регионот и делува како консултативно тело на ОАС во оваа област. Комисијата е составена од седум независни членови кои се избираат во лично својство од страна на Генералното собрание на ОАС и кои не ги претставуваат нивните земји на потекло или престојувалиште. Научете повеќе: www.iachr.org

Африканската комисија за човекови и права на народите е основана со Африканската повелба за човекови и права на народите. Комисијата се состои од 11 члена избрани од страна на Собранието на Африканската унија, од експерти номиниран од страна на Државите ќленки на Повелбата. Комисијата креираше субсидијарни механизми како што се специјални известувачи, комитети и работни групи за да ги постигне своите цели за промоција и заштита на човековите права на континентот. Специјалниот известувач за бранителите на човековите права е основан од страна на Африканската комисија за човекови и права на народите со усвојувањето на Резолуцијата 69 на 35 редовна седница одржана во Банџул , Гамбија од 21 мај – 4 Јуни 2004 Дознај повеќе: http://www.achpr.org/

Претставникот на ОБСЕ за Слобода на медиумите се придружува на текстот на оваа изјава колку што се однесува на областите опфатени со опфатот на нејзиниот мандат.

Извор: www.civil.org.mk