Шабац не смее да падне

17.05.2014 15:20
Шабац не смее да падне

Сега е 19:41. Во 20:15 ќе тргнам на трамвајската станица. Со трамвај ќе стигнам до Центарот Сава за дваесет минути. Ќе бидам таму нешто пред 21:00. Премиерот на седницата на владата отворена за јавноста ги повика луѓето во тоа време да се соберат кај Центарот Сава и да тргнат за Шабац. Во Шабац недостасуваат 1.500 луѓе. Нема кој да полни вреќи со песок. И уште рече дека Шабац не смее да падне. Ако тоа се случи, ќе има потоп од библиски размери. (Помислив, можеше наместо Библијата да го спомене потопениот Њу Орлеанс од пред повеќе години. Таа поплава беше доволно страшна, нема причина да го замислуваме библискиот потоп. Но, премиерот е склон да забегува во областа на незамисливото. Мене, пак, најнезамислив ми е тој во улога на премиер.)

Шабац не смее да падне. Ако падне, тоа ќе биде библиски потоп. Илјада и петстотини доброволци од Белград можат да го спречат тоа. Иако бесмислен, апелот на премиерот делува. Морам да отидам во Шабац. Сакам да им помогнам на луѓето. Сакам и да видам што е тоа од библиски размери што 1.500 пара раце можат да го спречат. (За малку не реков - илада и петстотини праведници, кога сме веќе кај Библијата.) Изгледа дека тоа е некоја слаба Библија и бедна држава, кога спаднале на три илјади раце. Молебденот на Српската православна црква е многу сериозна мерка. Библиските катастрофи не ги спречуваат ни триста илјади раце. Знаат поповите, тука помага само добриот Бог. (Но што ако баш тој ја испрати оваа силна вода? Што сакал да ни порача со тоа? - би се запрашал да сум поп.)

20:00 - ми се јавува еден пријател. Вели, во Шабац живеат сто илјади луѓе. Мора да ги има доволно за песокот и вреќите. Од сто илјади барем четириесет илјади се мажи. Меѓу нив, барем десет илјади можат да работат со лопата. Тоа се доволно раце за песок и вреќи. Си велам, белки премиерот веќе сметал на нив. Тоа е некаква прецизна пресметка, вели пријателот, кога испаднало дека им фалат точно илјада и петстотини доброволци. Сега ѓаволот не ми дава мир. (Каде е добриот Бог, тука секогаш е и лошиот роглест створ.) Ако така прецизно пресметуваат, се прашувам, како тоа порано не пресметаа, и не ги наполнија и наредија вреќите песок долж брегот? И во Шабац и на други места, каде што ѓаволот веќе ја однел шегата.

Батали го тоа, си велам. Но ѓаволот ме подбуцнува: зошто отворена седница на владата? Што сака премиерот да покаже со тоа? За договорот со Етихад не може јавно, а за мерките против поплавата може? Првото би ја вознемирило јавноста, а второто не? Можеби премиерот мисли дека не му веруваме? Дека се сомневаме во тоа дека тој дава сѐ од себе да ја спречи катастрофата? Па само будала може да се сомнева во тоа. Друга работа е тоа што ние мислиме за тоа колку е тој способен да спречи што и да е. И баш затоа не треба да се држат такви седници. Кој дотогаш не подлегнал на паниката (цел ден луѓето од продавниците изнесуваа картони со вода), после седницата бил избезумен. На пример, јас, гледајќи ја седницата, помислив - ако овие треба да го спасат Шабац, ќе го спасат како што го спасија Ваљево.

Ми треба повеќе вера пред тргнувањето: ако се потребни 1.500 доброволци, ќе бидам еден од нив. Да не биде после дека сум седел со скрстени раце и сум се сомневал во премиерот и владата. А повторно, зошто премиерот мисли дека е потребно да се соберат 1.500 доброволци преку медиумите? Зарем нема и други начини за тоа? Откако положи заклетва, премиерот пред парламентот го пречекаа повеќе илјади луѓе, а никој не ги повика. Тука проработи телепатијата помеѓу премиерот и народот. Дали можеби водата со себе ги однесе и посебните телепатски врски?

20:18 - тргнувам, Шабац не смее да падне.

* * *

22:14 - Шабац ќе се спасува без мене. Во 20:50 бев кај Центарот Сава. Како и повеќе илјади други доброволци, главно тинејџери. Стоевме неколку минути, а потоа пред нас почнаа да поминуваат полни автобуси. Одеа за Шабац. (Каде ги примиле своите патници и кога ги примиле?) Со останатите тргнав во правецот од кој стигнуваа преполните автобуси. Баравме еден празен да влеземе во него. Околу мене луѓе со лопати, ранци, пакети вода - сите желни да помогнат. Една девојка му дава на еден младич пластична кеса, му вели - внатре има кабаница. За кого, прашува младичот. Очигледно не се познаваат. За тебе, вели таа.

Го поминавме центарот Сава и дојдовме до средина на паркингот на хотелот Crown Plaza. Конвојот автобуси и понатаму минува покрај нас. Сите полни. На паркингот пред Crown Plaza - премиерот. Околу него неколку луѓе. Неколку метри понатаму стои камерман и снима. Млади луѓе се собираат околу премиерот. Каде се автобусите, го прашаа. Отидоа, триесет и три автобуси со две илјади луѓе, одговори. (Телепатијата сепак работи. Кажано е во 21:00, но некои - навивачи, јавува РТС - стигнале порано и предвреме тргнале за Шабац.) Младите момчиња извикаа - сакаме и ние во Шабац! На премиерот како да му беше драго што Србија има таква младина, во истиот момент се преобрази во дежурен диспечер и ѝ нареди на девојката во близина да се јави во ГСП да испрати десет зглобни автобуси.

Почнав да пресметувам колку на еден зглобен автобус полн со луѓе по темница и дожд му треба да стигне до Шабац. Зафатен со таа пресметка, си отидов дома. Потоа помислив - што прави премиерот пред Центарот Сава? Зарем никој друг не може да го организира сместувањето на доброволците во автобусите? Во Белград има толку директори на училишта кои редовно водат деца на слична возраст на излети: некој од нив вечерва можеше да го замени премиерот на паркингот. Утре е решавачката битка за Шабац, би био добро барем малку да одмори.

22:20 - на интернет: од Ниш за Шабац тргнале педесет затвореници осудени за полесни кривични дела. Веста вели: осудениците „доброволно“ се јавиле. Меѓутоа, тие доброволно не можат ншто. Тоа што тргнале е добра волја на управникот на казнено-поправниот дом (а можеби и министерот за правда лично); а тој, повторно, не смее да ги пушти затворениците на овој начин. Од библиските илјада и петстотини доброволци стигнавме до навивачите (еден од нив на снимката на РТС ја фали помошта од Русија и вели дека ова е ново воскресение на патриотизмот во Србија: ќе го покажеме својот православен дух) и сто педесет затвореници (на послаб третман). Тие ќе го бранат Шабац, како да треба да го одбранат од усташите. Бидејќи ова сега веќе личи на она кога Србија во деведесеттите тргнуваше во војна.

Од Шабац повторно стигнува веста дека граѓаните се собираат и бараат да им се каже каде треба да помогнат. Ги има помеѓу две и три илјади. Непроверена е информацијата дека некои од нив упаднале во општината, незадоволни од тоа како локалната власт (партијата на Душан Петровиќ) ја организира одбраната.

22.56 - треба да се оди во кревет. Но вечерва нема спиење. Што се случуваше денес попладне, каква беше тоа седница во живо, каков тоа собир беше кај Центарот Сава, кој на крајот отиде во Шабац и што навистина се случува во Шабац - значи, во каква тоа земја од неодамна живееме, е сосема нејасно. Ме гризе совеста - спијам на суво, во својот кревет. Многу народ настрада во Србија, а веројатно, тоа не мораше да се случи. Се надевам дека и покрај сѐ, Шабац ќе го избегне потопот.

Извор: pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото