Општествена непогода

19.05.2014 10:58
Општествена катастрофа

„Во Лајковац каменуван пекар кој ги покачил цените“, се пренесува утрово непроверена вест од клик до клик по социјалните мрежи на општо одобрување. Вознемирените луѓе вчера до изнемоштеност се обидуваа да утврдат кој каде продава вода и гумени чизми по трипати повисоки цени, бесни и немоќни да излезат на крај со своите чувства. Голема е несреќата, преплавени сме.

Пукаат слабите брани кои ја држат заедницата заедно во цивилизиран поредок, каде и за најстрашните и најбесрамни дела би требало да важат процедурите на безличната, но неумолива правда. Општеството во Србија повторно се најде на вртелешката на својот морбиден циркус, што со полна брзина наизменично нѐ води во распад и солидарност. Не знаеме каде ќе запре овој пат, и чувствуваме дека немаме моќ да влијаеме на исходот.

Државните и парадржавните медиуми без грешка демонстрираа што навистина значи тоа повеќегодишно лелекање над судбината на новинарството во Србија. Во најкритичните моменти, кога информациите се токму она што може да ги турне луѓето во масовна хистерија или соработка, едвај неколкумина новинари и уредници беа во состојба не само да постават прашање кое има смисла - туку да пронајдат личност која може да даде одговор со смисла на такво прашање.

Како ударни слики од поплавените подрачја сајтовите на најтиражните таблоиди објавуваа глетки од минатогодишните поплави, од места кои оваа година останаа на суво; „ексклузивните“ вести и фотографии ги преземаа од социјалните мрежи не знаејќи ниту кој и од каде ги објавил; трачевите за труповите што пловат, загадената вода во Белград и хавариското исклучување на струјата ширум земјата, се пренесуваа преку медиумите и улиците во изопачената игра на расипаните телефони. Обичните, пристојни луѓе се фаќаа меѓусебно за гуша, заканувајќи се едни на други со кривични пријави поради дезинформирање.

Од Шабац синоќа стигаа налудничави приказни за хулиганите од Белград и Нови Сад кои пијани врескаат по градот, палат факли и бараат смена на локалните власти. Повеќе стотици пожртвувани луѓе кои со организиран или приватен превоз се упатија во овој град на Сава, да ја бранат земјата, животот, иднината... стигнаа во полумрачно, калливо и мокро никаде, без вода за пиење, чизми, опрема, објаснувања. Истовремено, од Крупањ, Уба, Параќин и посебно Обреновац одекнуваа престрашени повици за помош на напуштените, изгубените, животно загрозените.

Нема повеќе смисла да се поставуваат прашања за селските и градските канали од кои багерите деновиве вадеа за’рѓана бела техника, морето од ѓубре кое доаѓаше од одводите и дренажните сливници; бесмислено е да се прашува за снимките од метеорските сателити на кои со денови, ако не и недели, можеше да се следи формирањето на облакот кој над Србија наскоро ќе истресе рекордна количина дожд. Бомбастичните наслови на таблоидите од април - пред неполн месец - со закани дека некој поради штетите од (тогашните) поплави ќе оди во затвор, се јалово сведоштво за уште една од безбројните пропуштени можности. Архивските извештаи за поплавите од помал обем минатата година, две, пет, десет, сега не се од никаква корист.

Сега е само страшно. Во поплавените области владее смртен страв и се шири низ општеството брзо како зараза. Од потопените куќи, со разнесени патишта и пруги, уништени посеви, паниката одекнува и до најоддалечените краишта на земјата.

Тоа е онаа состојба во која значително слабее моќта за разумно промислување, кога и најприсебните тешко одолеваат на повикот за масовно безумие. Освен трговците кои ги кренаа цените на најбараната стока и „агентите“ кои намерно ја дезинформираат јавноста, на мета на сеопштиот бес и фрустрација се најдоа и испаничените граѓани кои прават залихи на вода и храна празнејќи ги рафтовите по продавниците, „салонските критичари“ со своите забелешки за организацијата и избраните приоритети на акциите за спасување, активистите на противничките партии кои ги бранат или напаѓаат локалните власти. А во Србија е посебно опасно кога ќе се кренат вилите и ќе почнат да потпукнуваат факлите. Тешко дека поплавата ќе ги угасне.

На крајот, несреќата од „библиски“ размери, како што е лажно претставена на јавноста, можеби навистина не можеше да се спречи. Можеби е сеедно во каква состојба се бедемите и каналите, и какви партиски будали во меѓувреме го земале главниот збор по локалните штабови за кризни ситуации и стручни служби. Мирните потоци можеби во секој случај преку ноќ ќе се претвореа во побеснет порој кој ништо повеќе не може да го спречи.

Меѓутоа, општествената непогода не е резултат на генот, менталитетот, ниту божјата волја, туку резултат на опасни - случајни или намерни, сеедно - постапки и одлуки на лице место.

Неколку сцени од попавата се настаните кои битно го одредија тонот и атмосферата во општеството погодено од тешка криза.

Без оглед на хронологијата, можеби клучни меѓу нив се чинат инсертите од телевизиските изештаи од вонредната седница на владата на Србија одржана во петок. Сцените траат помалку од минута, а во нив премиерот Александар Вучиќ со авторитарен тон на најблиските соработници, челници на службите кои учествуваат во спасувањето луѓе и ги санираат последиците од поплавите, им „испукува“ бесмислени команди (Седи! Тишина! Доцниш!).

Освен сликите на надежниот човек кој не е во состојба да ги смири сопствените емоции и конфузни впечатоци дури ни во ситуација во која нема време за чувства, оваа неуспешна демонстрација на цврстина го прикажа и фактот дека најблиските соработници на премиерот, луѓето од чија стручност и вештина зависат животите и имотот на илјадници граѓани - се всушност неспособни идиоти од кои нема никаква корист освен што фаќаат белешки на заповедите на Вучиќ, бидејќи сите заедно на наш грб го стекнуваат искуството и се учат што треба да се прави.

Прилично вознемирување кај јавноста предизвика и извештајот за посетата на Вучиќ на Обреновац кога премиерот пред камерите се исповедаше колку го нервираат луѓето кои не сакаат да се евакуираат. Повторена е пораката за нервозниот човек кој ја губи присебноста во кризните мигови, бидејќи навистина не сфаќа што се случува околу него. Третокласен пожарникар од Долно Гаштани би можел да му објасни дека од преплашените луѓе не може да се очекува разумна проценка на опасноста како и тоа дека постојат извесни спасителски вештини со кои се совладува стравот и недовербата кај загрозените. Третокласен советник за јавен настап би му објаснил дека револтираното дрдорење за жената со три деца која одбива да се евакуира е демонстрација на незнаење и бесчувствителност, а не одлучност. Кога би ги прашал.

Хистеричната авторитарност имаше и некои посериозни последици од оние по јавниот имиџ на неспособните власти. Очигледно пред ароганцијата на премиерот стручниот персонал се повлече, бидејќи никој не се осмели да му издаде професионална и одговорна команда да замолчи кога почна да изнесува полуинформации за бројните жртви во Обреновац - „за кои нема да зборуваме“ - да разгорува паника со несовесните изјави за „воените мерки“ во Шабац и можното планско пробивање на браната и пуштање на реката на „друга страна“; да предизвикува непотребна збрка меѓу луѓето спремни да одговорат на повиците да тргнат кон Шабац.

Вучиќ во петок глумеше главен командант на вооружените сили и врвен експерт за хидроградба, евакуација, сите локални комунални мрежи, меѓународни односи, државни залихи, кризен менаџмент, итни служби и сѐ останато. Лошиот настап не само што поттикна паника меѓу граѓаните - истовремено им попречи на стручните, обучени служби да ја работат својата работа.

Дилетантизмот и волунтаризмот во време на природни катастрофи можат да доведат до сериозни трагедии со својата неразумна глупост, дури и кога намерите им се хумани. Од друга страна, општествените непогоди - каква што, да речеме, во 2005 го следеше разорниот ураган Катрина во Њу Орлеанс и другите места на југоистокот на САД - можат да имаат значајни политички последици во заедницата.

Се чини дека една од нив веќе настапи: сфаќањето дека луѓето не ги поврзуваат фантазиите туку животните интереси, меѓу кои има и многу за кои стануваме свесни дури во трагичните денови.

И тоа се оние сили на нашата циркуска вртелешка кои деновиве повремено нѐ поврзуваат во солидарна и разумна заедница. Ги потврдија вестите кои вчера во раните вечерни часови стигнуваа од импровизираните прифатни центри - дека луѓето можат да престанат да носат вода, храна, ќебиња, облека, бидејќи центрите за сега се полни, и донациите итно да се пренасочат на други места, таму каде што е потребно.

На доброволната, солидарна мрежа на радио-аматерите можеа да се слушнат најточните и најважни информации; групи ентузијасти покренаа интерактивни инфо-сајтови; твитер е преплавен од известувања за соби, станови, викендици, спремни да примат луѓе од поплавените места.

Наместо бесмислените медиумски слики на премиерот и министрите кои удавени од патетика се пикаат во хеликоптерите и чамците за евакуација, да се потсетиме на сликата на спасителот кој синоќа своето место во чамецот ѝ го отстапи на една жена и остана да ја чека следната тура, ако стигне.

Нема сомнеж, кога водата ќе се повлече во Србија ќе остане ужасна штета. А овој пат можеби и малку памет.

Извор: pescanik.net