Потсетување на скопската поплава од 1962

19.05.2014 12:24
Потсетување на скопската поплава од 1962

Страотните поплави кои ги зафатија Србија и Босна и Херцеговина, а ѝ се закануваат и на Хрватска, и ужасните последици кои тие сѐ уште ги предизвикуваат, се повод да се потсетиме на 16 ноември 1962 година, денот кога Скопје поради обилни дождови настрада од излевањето на реката Вардар од тогаш нерегулираното корито.

Во тогашната поплава немало жртви, но биле поплавени 5.000 куќи и била предизвикана голема материјална штета. Поплавата како да била најава за уште поголемата и поразорна катастрофа - страшниот земјотрес што ќе се случи на 26 јули 1963 година.

По овие две катастрофи, Скопје повторно застанува на нозе благодарение на помошта која доаѓа од сите страни, а особено се памети несебичната помош од граѓаните од земјите на тогашната СФРЈ.

Затоа, фотографиите и видео снимката подолу, нека бидат не само потсетник на еден страшен историски настан, туку и повик за сите македонски граѓани да не заборават што значи солидарноста во најтешките мигови.

Помош за луѓето погодени од поплавите во Србија и Бих може да се испрати преку преку Црвениот крст на Република Македонија, со телефонска донација од 100 денари на бројот 143-400 од кој било оператор, како и на повеќе други пунктови.