1020 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 06:59
Со ќерката Анастасија, почетокот на седумдесеттите
Сценариото беше следново: со паѓањето на Крсте Црвенковски во почетокот на 70-тите години, требаше да се изврши ликвидација на сите негови дотогашни приврзаници - „либерали“. Пред сѐ - на Универзитетот. Под крајно недостојни и неславни услови беа казнети и отстранети од Правниот факултет секретарот на ЦК на СКМ Славко Милосавлевски, Томислав Чокревски, казнети пред исклучување Денко Малески и неговата сопруга, Миле Недков и др. Јас немав никакви политички контакти со горниве личности, макар што ги познавав и ги ценев нивните погледи и нивните морални квалитети. Во некои од комисиите на ЦК во областа на прашањата од доменот на културата застапував слични сфаќања. Но, никогаш не посакував ниту дозволував да ѝ припаѓам на група врзана за една или друга личност. Напразно. Некој од Градското раководство на Партијата беше „шушнал“ дека таков „опасен либерал“ на Филозофскиот факултет сум токму јас и дека со мене треба да се расчисти. А што и како тоа треба да се расчисти, како всушност Партијата се пресметуваше со луѓето кои всушност во основа ѝ беа приврзани, нека покажат нивните „обвинувања“ и моите одговори.
По тригодишни испитувања, проверувања, достави и докажувања, - сум обвинет, дека –
1. сум придонесол за создавање клима на недоверба на релација студентска организација - наставници;
2. сум манипулирал со дел од раководството на студентската организација;
3. сум настапувал од групашки позиции;
4. сум ја дезинформирал јавноста околу првиот неуспешен избор на декан и продекани;
5. сум го нарушил принципот на демократскиот централизам во врска со изборите за декан и продекани;
6. не сум пројавил самокритичност и
7. сум заземал неоправдано негаторски став спрема некои свои колеги итн. итн.
Своето видување на состојбите и причините за настанатиот проблем и моите „седум смртни гревови“ ги изложив во одговорите што во текот на 1974 и 1975 ги доставив до сите релевантни партиски тела и форуми, вклучувајќи го и ЦК на СКМ и неговиот тогашен претседател Ангел Чемерски. Суштината на тие мои одговори беше во следново:
А. Проблемот во 1971 г. околу изборите, според мене, изникнал и како таков продолжува сѐ до денес, затоа што во самоуправната практика на Факултетот започнаа да се јавуваат промени, затоа што дијалогот околу кадровските и другите решенија по силата на тој процес излегоа од некогашните рамки и се отворија на јавните самоуправни трибини.
Луѓето кои се заложуваат за проширување на кадровската база и за поинакви методи во градењето на кадровската политика и кои во тоа свое настојување го придобија мнозинството од колективот, вклучувајќи ги и студентите, со тоа ги нарушиле дотогаш утврдените навики и со самото тоа дошле во судир со носителите на дотогашните сфаќања кои не сакале да се помират со нарушувањето на стариот механизам на решавањето.
Со Ежен Гилвик и Зоран Мишиќ на СВП, во шеесеттите
Б. Досегашната „политика“ на решавањето на нашиот факултет, во најголем број случаи била импровизација и чаршиска комбинаторика водена според принципот „јас за тебе - ти за мене“. Поради таквата „еснафска политика“ се донесувани многупати крајно неправедни одлуки, се отстранувале, наместо да се привлекуваат способните луѓе, се испуштале најталентираните млади кадри, игнорирани се мислењата кои укажувале дека таквата затвореност е штетна и дека е погубно кога истите прописи на еден ист факултет за едни важат, за други не важат, нешто да биде за некого услов и норма, за друг да се заобиколува и дека е сосема бесмислено при таквата состојба меѓусебните односи да се регулираат на таков начин што некои треба постојано да молчат и да бидат попустливи, а други да продолжуваат да бидат агресивни и несправедливи.
В. На распитот пред Другарскиот совет, на едно место во своите „одговори“, мене ми беше поставено прашањето: „Зошто не се повлековте кога видовте дека некои професори не се за Вашиот избор?“ Одговорив: „Токму затоа и не се повлеков“. Затоа што сметав дека тие не се ни принципиелни, ни објективни, затоа што сметав дека тие не можат повеќе да имаат исклучив монопол во решавањето. Затоа што сметав и сѐ уште сметам дека секој способен и морално и идејно афирмиран човек на Факултетот може и треба да биде предлаган, бидејќи во општеството не може да има неосновано привилегирани и непривилегирани членови, - затоа што сметам дека е тоа ставот и на нашата Партија. Впрочем, - зарем таквото анонимно неприфаќање на одделни колеги е нешто што треба да им биде својствено на комунистите? Зарем не е право и обврска на комунистот отворено и јавно да го изразува своето мислење, а не тоа да го прави скриено и заткулисно?
Г. Мојата основна дилема и почетна основа од која тргнував беше следнава: дали залагајќи се за рамноправно учество на сите структури (не само за студентите, туку и за асистентите, лекторите и сите други работни луѓе) во решавањето јас се залагам за нешто што е од интерес за сето наше општество и неговиот иден развој и дали оние што се залагаат да се задржат досегашните методи и норми ги имаат исто така предвид тие општи и заеднички интереси, или бранат нешто друго? Јас се определив за првото, бидејќи сметав дека се нужни промени на Факултетот и дека во реализирањето на тие промени треба сите рамномерно да бидат вклучени.
Д. И најпосле, во еден од тие мои „одговори“ не без меланхоличен и резигниран призвук, пишувам: „Драги другари, кога кадровската политика на нашиот Факултет би била поставена на здрави основи, кога во неа би доаѓале до полн израз објективноста и справедливоста, кога односите на Факултетот и меѓу комунистите би биле онакви какви што според визијата на СК би морале да бидат, т.е. кога тие односи би биле ослободени од крајно формализирани и строго хиерархиски стеги, кога секој би имал можност рамноправно да се искаже и да биде вреднуван според резултатите на својот труд, кога секој би ја имал можноста и еднаквото право да ги изразува своите мислења, а за тоа да не сноси никакви санкции и последици, (доколку тие мислења не дивергираат од темелните принципи на нашето самоуправно социјалистичко уредување), - јас веројатно и не би се ангажирал во 1971 година и не би имало потреба да ги пишувам овие редови. За жал, ситуацијата ниту тогаш, ниту денес сѐ уште не е таква, а тоа го принудува човека да зборува и да се бори“.
Со Рене Велек на меѓународен симпозиум за Достоевски во културниот центар Cerisy La-Salle
Се разбира, имаше и други мои ставови кои непосредно ги засегнаа бирократизираните и тврдокорно-конзервативните духови на Факултетот и кои тие никако не можеа да ми ги простат. „Крунски доказ“ за мојата антипартиска дејност беше изјавата што ја дадов по нивната опструкција во 1971 година и која дневниот печат ја објави, во која стоеше:
„Јас сум сигурен дека по неколку години ќе биде мошне смешно кога ќе се присетиме на сиве овие отпори што денес се даваат во врска со изборот на продекан-студент. Впрочем, во прашање е аномалија на еден факултет на кој живеат 3.000 студенти тие според сегашнава положба да бидат ставени во наполно подредена улога“.
Ho, работите ce одвиваа според добро подготвеното сценарио што беше „специјалитет“ на сите комунистички режими: што и да кажете, какви и аргументи да им спротивставите, со какви ноторни вистини да ги соочите, - лавината од обвинувањата против Вас само расте, Be поклопува и Вие сте беспомошен и јаден, - затоа што - cѐ е однапред решено: Вие сте безмилосно осуден, пред самото судење воопшто да почне. Јас и дотогаш знаев доста за сталинските методи и ликвидации на оние што не мислат како врвот. Но, за жал, сѐ уште не ги бев прочитал дебелите томови на „ Архипелагот Гулаг“ од Солженицин. Да го бев сторил тоа, сигурно дека и моите морничави бессони ноќи ќе се намалеа. А постојат и некои други специјалитети на истава метода: ако им се обратите во таквите моменти на некои влијателни луѓе за кои сметате дека Ви се наклонети и пријатели, тие ќе Be смируваат: „Па, нема сето тоа да биде толку страшно, го проверивме случајот, гледаме дека ти си прав, но зошто толкава вознемиреност, малку ќе те покритикуваат и – толку“. А, всушност, и покрај нивната божемна интервенција, сѐ продолжува по старо, свилениот гајтан се затегнува, отсекаде си елиминиран, луѓето те одбегнуваат, се плашат да ти проговорат или да седнат во твоја близина на седниците, ги веднат главите, ги кријат погледите, согледуваш во нивните очи сожалување, душевна болка, но и немоќ нешто да сторат, да се спротивстават. Се разбира, стравот завладеал и во нивните души...
И така, бесмислените расправи продолжуваат. Другарскиот совет врши истрага, на негово чело се наоѓа угледен академик (!), другите се безначајни, но послушни и лојални „партијци“. На состанокот на 19.XI 1974 г. на 00 на СКМ - наставници и други соработници е донесена Одлука со 24 гласа „за“ и 6 „против’ да ми биде изречена казната: „последна опомена во членството на СКМ“.
Се сеќавам на тој состанок... Атмосферата беше крајно напната. Сѐ уште не верував дека моите колеги ќе ја кренат раката за моја егзекуција. Во тоа ме уверуваат некои од пријателите. На состанокот присуствува „другарот одозгора“ (членот на Градскиот комитет на СКМ - Светомир Шкариќ). Тој долго зборува. Укажува дека обвинувањата се бесмислени, не држат, дека членот на СК има право да изнесува свои гледишта и дека за тоа не може да биде казнет. Партиското тело се бранува. Дали се поколебува? He, никако. He ги прифаќа препораките на „другарот одозгора“. Само поединци се колебаат. Но, тогаш стапува на сцената поетот Гане Тодоровски, за чија нова поезија пред некое време напишав дека е плакатерска и слаба. Никогаш досега не учествувал ниту присуствувал на партиските расправи, но, ете, разбрал дека мене ќе ми се суди. „Јас сум за најстрога партиска казна на колегата М. Ѓ.“, вели. Колебањата престануваат. Состанокот заврши. Казната е донесена.
Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел
Кон шестиот дел
Кон седмиот дел
Кон осмиот дел
Кон деветтиот дел