Груевски и Ахмети: дајте ни уште пратеници за подобар соживот

21.05.2014 10:50
Груевски и Ахмети: дајте ни уште пратеници за подобар соживот

Скопје, 21 мај 2014

Коалиционите партнери Никола Груевски и Али Ахмети по синоќешните немири ги повикаа граѓаните на Македонија на следните избори, по можност предвремени, да им дадат уште повеќе пратеници за да се формира постабилна влада што ќе гради хармонични меѓуетнички односи.

„Кој прави пресметки, тој и греши, па испадна дека шеесет и кусур пратеници не се доволни за сѐ да биде како што треба. Дајте ни 72 пратеника, па да видите што е рај“, изјави премиерот Груевски на прес конференцијата во крчмата „Глувчја дупка“.

„Разликата е во одличната меѓупартиска економска соработка и трговска размена и хармонични меѓуетнички односи, но ако сакате уште поубави разлики, дајте ни уште пратеници“, објасни Груевски.

Неговиот коалиционен бизнис партнер Али Ахмети изјави дека не ги признава вчерашните инциденти за легитимни, бидејќи во судир со полицијата дошле само Македонците.

„Нашата цел е правична застапеност во насилните инциденти и судирите помеѓу граѓаните и полицијата. Уште подобро би било кога Албанците и Македонците директно би се судриле, практикувајќи непосредна демократија. И тоа е дел од соживотот“, коментираше Ахмети и додаде дека за да се оствари тоа, на неговата партија ДУИ ѝ се потребни барем триесетина пратеници.

Долгогодишните коалициони партнери се согласни дека главен виновник за немилите настани е опозицијата, која некако магично секогаш има поголема моќ од власта.

„Никако не ги подгреваме етничките тензии за да го дефокусираме народот од економската катастрофа и криминалните зделки. Таквите обвинувања се познат метод на СДСМ“, изјавија не многу паметни извори од ДПМНЕ и ДУИ, кои сакаа да останат анонимни.

Екипата на Пара вести се обиде да стапи во контакт со претседателот Ѓорге Иванов, но тој беше недостапен, бидејќи, како што ни кажаа од неговиот кабинет, во моментов е на Хималаите и истражува ретки билки кои имаат македонско потекло.

Слика: Свирачиња