Интелектуална автобиографија (12)

22.05.2014 12:29
Интелектуална автобиографија (12)

Со Данило Киш и Влада Урошевиќ на Вечерите на македонска поезија во Југословенскиот културен центар во Париз

 

ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА ВО ПАРИЗ; СРЕДБA CO ТИТО


Bo текот на 1976 гoдина во државната Комисија за културни врски со странство беше решено да се организираат идната година Денови на македонската култура во Париз. Беше тоа мошне смела замисла, иако и дотогаш слични манифестации се одржуваа во разни делови од Европа. По инсистирање на претседателот на Комисијата, Ацо Шопов, јас се прифатив да се ангажирам како Претседател на Организациониот одбор, но набргу сфатив дека навлегов во една сложена и макотрпна обврска која го апсорбираше речиси сето мое слободно време. Требаше да се подготват голем број приредби и манифестации од книжевен, ликовен, сценски, музички, како и научно-славистички карактер, па речиси цели дванаесет месеци тоа беше моја главна преокупација. Кога ќе се земе предвид дека во тој момент претседателот Шопов беше тешко болен човек, сета одговорност и работа паѓаше врз мене. Имав неколку добри блиски соработници (Влада Урошевиќ, Борис Петковски), но работата како да ги надминуваше нашите организациони и други можности. Ги ангажиравме сите наши париски пријатели, а пред сѐ, поетите Гилвик и Жак Гошрон кои сесрдно ни помогнаа, посебно во издавањето на тематскиот број на списанието „Europe“, за што им бевме бескрајно благодарни. Ги познавав добро строгите француски критериуми, француската немилосрдност и иронија кога се во прашање уметничките вредности и се залагав со сите свои сили да не потфрлиме. Мислам дека во основа оваа смела и рискантна акција беше успешно изведена и дека не ги изневеривме очекувањата од двете страни. Би можел да наведам многу осврти во прилог на една ваква оценка, но тоа не е овде моја намера. Мислам дека особен интерес предизвика претставата „Јане Задрогаз“ од Горан Стефановски, изведена во театарот „Champs Elysee“. He можам да го заборавам напрегнатиот интерес и внимание со кои публиката ја следеше изведбата, како и зборовите што ми ги упати една постара Французинка „Ви благодариме, професоре, што ни ја донесовте оваа пиеса во Париз“. По сјајот на нејзините очи и по кусиот разговор што го поведовме потоа верувам дека тоа беше речено сосема искрено.

Датумот на нашите „Денови“ во Париз се совпадна со два настани: со нашиот национален празник 11 Октомври и - со посетата на југословенскиот претседател Тито на Франција. Тоа беше три години пред неговата смрт и колку што знам негово последно патување во странство. Не помислувавме дека Тито за време на својата кратка посета ќе најде време и за нас. Но, ете, тоа стана неочекувано и одеднаш. Тито изрази желба да се сретне со раководството на „Деновите на македонската култура“ во Париз. Таа средба беше куса, но во неа го видов Тито во една друга светлина, отколку што го видов во други пригоди и отколку што го замислував, таа средба се врежа длабоко во моето сеќавање и затоа сакам неа да ја опишам поподробно.

На говорницата на УНЕСКО во Париз, на симпозиумот за Новата историја на балканските народи, 2002

Во холот на хотел „Меридиен“ каде што бевме сместени спроти 11 октомври ме сретна Матеја и ми рече: „Подготви се, утре одиме кај Тито“. Бевме возбудени, сите на некој начин се подготвувавме. Експозето требаше да го поднесе Трајче Грујоски, кој беше и претседател на официјалната делегација, во која, освен него и Матеја, бевме Ацо Шопов, Хисен Рамадани и јас. За „зајакнување“ на подготовките во хотелот се појави и нашиот амбасадор Душко Поповски. Тој се држеше како да бил илјадапати кај Тито, ни даваше разни совети и не пропушташе да нѐ успокои: „Ма, не знаете Вие каков е Тито? Ма, тој веднаш ќе ја „раскрави“ атмосферата со своето расположение и ќе ја снема сета официјалност, ќе видите“. Матеја пак, раскажа за една слична возбуда кај ТВ снимателите, во една пригода кога настанала општа збунетост. „Земете си, рече, пo некој седатив во џебот, за секој случај“. Јас мислев на други нешта. Бев загрижен поради статијата што „Експрес“ ја беше објавил од својот репортер кој претходно беше во Скопје и разговараше со нас во врска со „Деновите“. Беше мошне љубезен, извонредно интелигентен, но она што го прочитавме спроти доаѓањето на Тито од неговото перо беше за нас големо разочарување. Наместо за нашава земја, состојбите, и друго, тој најмногу простор им посвети на Јованка и раскинот на Тито со неа. Помислував: дали Тито тоа го прочитал, или можеби на извесен начин му го соопштиле. Впрочем, тоа беше прва меѓународна мисија на Тито по разидувањето со неговата сопруга. На договорениот термин сите се најдовме во холот на хотелот. Мислам дека беше некаде околу пладне. Времето беше прекрасно, вистинска пролет и париските улици беа чудесни, навистина личеа повеќе на пејзажи, отколку на градски артерии. Врската требаше да се фати во еден друг голем хотел во центарот на градот. Стасавме до него. Влеговме во холот. На еден од чуварите требаше само да му се изговори името: „Копривица“. Една минута потоа дојде мошне млад човек, висок, ковчест, со големи црни мустаќи. Тоа беше одговорниот. Hѐ преброја и нѐ замоли да причекаме. По пет минути дојдоа пред вратите на хотелот четири црни лимузини, четири деголовски ситроени, со француски шофери. Влеговме во нив и тргнавме во непознат правец. Сѐ се одвиваше како во некоја пантомима. Меѓутоа, патувањето не потраја долго. По 5-6 минути застанавме пред голем ѕид во кој постоеше голема порта која на нечиј знак сама од себе се отвори и ја пропушти колоната автомобили. Влеговме во поплочениот двор и тогаш можев да забележам дека се наоѓаме во хотел Матињон, бездруго, париската резиденција на нашиот претседател. Се најдовме во холот каде што веќе беа собрани Милош Миниќ, Јаков Блажевиќ, Титовиот аѓутант, адмиралот, мошне скромен и ненаметлив човек, со загрижен поглед и проќелав. Се појави и шефот на протоколот, а имаше и други луѓе од нашата амбасада. Останавме така десетина минути. Адмиралот во меѓувреме се изгуби, a потоа се појави, придржувајќи го Тито кој излезе од една од собите лево и застана на влезот на вратата од салонот во кој беше закажан приемот. Бев, се разбира, возбуден, бев среќен, ќе бидам неколку мигови непосредно со и покрај Тито. Но низ тој бран од радост мина мала сенка - можев веднаш да забележам дека Тито не е најдобро расположен. Имаше по малку и уморен изглед (недобро проспиена ноќ, што ли, помислив), ништо од онаа разгаленост и атмосфера за која зборуваше Д. Поповски. Но, верував дека тоа брзо ќе мине. Тито се поздрави со секој од нас поодделно при што му бевме поединечно претставени. Освен нас, имаше и неколку фото и ТВ сниматели. Тито седна на канабето, до него од едната страна седеше Милош Миниќ, од другата Трајче Грујоски, нашиот известувач. Ние, заедно со Јаков Блажевиќ, кој беше особено расположен, седнавме на фотелјите спроти него. Грујоски веднаш започна со информацијата. Зборуваше сосема добро, прибрано, директно и без претерани отклонувања. Тито го слушаше внимателно, не гледајќи го, не гледајќи заправо никого од нас, туку, малку наведен гледајќи некаде пред себе. Мојот слух за време на експозето беше речиси исклучен. Го набљудував Тито. Иако го бев видел неколкупати пред тоа, ми се чинеше дека е понизок отколку што го замислував, освен тоа, неговото лице беше како пергамент. Го гледав и почувствував дека стојам пред човек кој беше определен многу да поднесе во текот на својот живот, можеби за десетици или стотици обични луѓе, ми се стори дека е тоа дури и за него премногу и дека сите ние на некој начин сме виновни што сите наши грижи и потреби сме ги стовариле врз грбот на тој еден човек кој во крајна линија, биолошки и физички, е сепак човек, што ќе рече нешто живо можеби и исклучително, но сепак со определени човечки граници. Дали тоа беше неговата индиспонираност поради наглиот раскин со сопругата Јованка, дали е веќе начнат од некоја потешка болест, или е пак некоја моментна инхибираност, ме мачеа овие прашања и јас го гледав неговото стемнето, но интелигентно лице, неговиот умен поглед со кој го слушаше нашиот портпарол, ги набљудував жолто-кафеавите дамки по неговите раце со кои го држеше томпусот кој лесно потреперуваше.

Со сопругата Аница, Тања Урошевиќ, Жак Гошрон и Матеја Матевски во 90-тите

По два дена Тито го видовме во стравотната мешаница на приемот на Жискар д'Естен во Версај. He можев да видам дали она облаче исчезнало од неговото цврсто, стамено лице. Имаше неколку илјади поканети и во близина на Тито беше тешко да се дојде.

Тито знаеше да слуша, стрпливо и по малку како занесено. Но неговите кратки реплики покажуваа дека сето тоа тој го сместува во некој поширок простор каде што сѐ си има свое место и своја тежина и смисла. Тито го одобруваше сето она што Грујески му го изнесуваше. Посебно нагласи: „Добро е што со вашата културна програма не ги предизвикувате Бугарите, треба да се клониме од тоа, не треба да ги прифаќаме нивните методи.“ Особено му беше драго што во Париз бевме добро примени. Тоа го сметаше за заеднички голем успех. Во неговиот поглед нешто како да се разблажи и заигра. Мислам дека сиот прием траеше околу 20 минути. Некој од нас успеа да уфрли дека не сме задоволни од третманот на југословенскиот печат, кој некако како да ја потцени нашата акција. Тито нешто му кажа на Миниќ. Се поздравивме со Тито. Веќе во холот се насобра цело јато новинари,
барајќи изјава за „Деновите“.

* * *

Средбата со Тито остави во мене стушени размисли. Тоа ни оддалеку не беше оној витален, полн со енергија и самоуверен државник кој со години и децении влеваше доверба, сигурност и спокојство кај милионите југословенски луѓе. Сега тоа беше еден уморен, исцрпен и регизниран човек во кого како да беа згаснале сите животворни импулси. Очигледно, во 70-тите години, по пресвртот во почетокот на оваа деценија (реафирмација на старите политички кадри и идеи и напуштањето на реформскиот курс) со него се случуваа работи кои го исцрпуваа и за кои ние обичните луѓе ништо не знаевме. Но, ваквиот исцрпен и индиферентен Тито значеше губење перспектива за опстанокот на земјава, потврда дека југословенскиот брод плута и се ниша врз разбранетото море на спротивставените внатрешни интереси и национални амбиции, без компас, без јасен правец на движење, без цврст кормилар на чело. Се потврдија зборовите што во една пригода ги чув од Темпо. Земјата се распаѓаше. Тито беше немоќен да ја зачува.

(Крај)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел
Кон шестиот дел
Кон седмиот дел
Кон осмиот дел
Кон деветтиот дел
Кон десеттиот дел
Кон единаесеттиот дел

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото