Што е Окно, уште еднаш

22.05.2014 12:56
Што е Окно, уште еднаш

Почитувани читатели, Ивор Мицковски веќе нема да ја пишува својата редовна четврточна колумна за Окно. Има повеќе причини за таа уредничка одлука. Најважната причина е што мошне скромниот месечен буџет (околу 1000 евра) сакаме да го прераспределиме малку поинаку: повеќе пари да има за уметниците и културните активисти отколку за дневно-политичките аналитичари. Тоа, се разбира, значи дека Окно делумно ќе ја зајакне својата културна димензија, а ќе ја намали дневнополитичката.

Но, важно е да се каже: ние и културата во голема мера ја разбираме како, меѓу другото, политичко дејствување. Дури, ми се чини, таквото „културно-политичко“ дејствување општествено и стратешки е многу поважно од дневнополитичките борби. Затоа и сакаме скромните ресурси да ги насочиме кон, според нас, вистинските и долгорочните општествени потреби и борби.

 

Впрочем, го создадовме Окно токму зашто сметавме дека медиумските можности на интернетот се шанса за делумна демократизација и еманципација на македонскиот тривијализиран и брутализиран медиумски простор. Затоа Окно од самиот почеток првенствено е културен портал, но со разбирање дека во современиот свет културата сè почесто се поистоветува со политиката (Жижек вели: Популарната култура е политиката на 21 век). Затоа спојот меѓу културата и политиката го разбираме како потенцијално продуктивен и еманципаторски; затоа се обидуваме истовремено да бидеме и уметнички и информативен и теориски и активистички медиум; медиум што поттикнува, едуцира, еманципира.

Ориентираноста кон уметноста и културата, кон посериозните аналитички текстови, отвореноста кон регионалните, европските и светските теми, јасната политичка спротивставеност на деструктивните политики на актуелната македонска власт - се некои од работите поради кои Окно е важно и поради кои сакаме да го работиме, и покрај малите пари и големите ризици.

Ако бидеме претенциозни би можеле да кажеме идејата на порталов е еминентно европска; дека станува збор за обид да се создаде и консолидира една активна европска граѓанскост ослободена од мистиката на идентитетот, од секоја илузија за нужноста на историското течение и, најпосле, од секое верување во непогрешливоста на власта. Осмислувајќи го и секојдневно создавајќи го Окно, се држиме до трите активни принципи на Етјен Балибар со кои се устројува граѓанскоста, односно демократската политика: тоа се еманципацијата, или колективното освојување на основните индивидуални права; општествената преобразба на структурите на доминацијата и односите на моќта; и најпосле, цивилноста, или произведувањето на услови и претпоставки, „теренски“ и „теориски“, за едно поинакво политичко дејствување воошто да биде можно.

На Ивор Мицковски му благодариме за интензивната едногодишна соработка.
Овде можете да ги видите сите негови текстови на Окно.

Фуснота
Убеденост или одговорност


Нескладот помеѓу „етиката на убедувањето“ и „етиката на одговорноста“, како што вели Макс Вебер, е можеби најсуштинското политичко прашање, особено суштинско за оние што владеат. Се разбира, Вебер ни во еден момент не ја поистоветува етиката на убедувањето со неодговорност, ниту етиката на одговорност со непостоење на уверувања; тој само укажува на една извонредно важна политичка динамика која со својата напнатост трагично го обои целиот 20 век (во таа смисла Вебер испадна несфатен пророк - причина повеќе и денес да го исчитуваме со внимание).

Самиот Вебер во славната книга „Повиканост за политика“ се повикуваше на старите христијани, но и на Упанишадите, за да укаже дека со светот владеат демони и дека оној што се впушта во политика, т.е. во примена на силата како средство, склучува сојуз со дијаболични сили. Клучната теза на Вебер е дека од доброто не произлегува само добро, а од злото само зло, и дека оној што не го гледа тоа во политичка смисла е дете.

Убеденоста, страсната вера во сопствените ставови е многу моќна работа во политиката, работа која владетелот знае да го искачи на огромни и застрашувачки силни бранови што тркалаат сѐ пред себе. И токму затоа, како некаков баланс, за владетелите е од извонредна важност етиката на одговорноста која треба да ја смирува понекогаш фаталистичката убеденост. Sine ira et studio (без бес и наклонетост), велеше Тацит, издвојувајќи ја непристрасноста како главна доблест при мислењето и владеењето.

Според Вебер, трите најважни одлики за политичарот се: страста, чувството за одговорност и мерката. Клучот е во нивната комбинација, во добрата избалансираност. Тие одлики произлегуваат од базичната поука која Вебер му ја дава на секој оној што е макар во близина на политиката: „Темелен факт што произлегува од целокупната историја е дека конечните резултати на политичкото дејствување често - речиси редовно - се наоѓаат во сосема неадекватен, често токму парадоксален однос спрема својата изворна смисла. Се разбира, смислата не смее да се изгуби: да ѝ се служи на стварта, оти инаку дејствувањето ја губи својата внатрешна потпирка“.
Утрински весник, 28.01.2008.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото