Смртта на поединецот

23.05.2014 00:07
Смртта на поединецот

Неколку часа пред убиството во Ѓорче Петров, пред мозаикот во вилата на Водно се случи бизарната средба на која старо-новиот претседател му додели мандат на старо-новиот премиер за да ја состави старо-новата влада. Документ, сертификат, официјална потврда дека нацијата, партијата, колективот, толпата, стадото, групата, тимот, првото лице множина... било, е и дека уште долго ќе биде единственото важно, нешто што е пред сѐ во државата. Гаранција дека поединецот, личноста, името и презимето се и ќе останат категории помножени со нула, не само во наредниот нов мандат на лидерите со кои ова општество нема ни теоретски шанси да стане граѓанско.

Тука секој нужно се раѓа како Македонец, Албанец, Ром..., а случајно станува човек. На политичките лидери, вклучувајќи ги и тие на Албанците, последна грижа им е разбивањето на предрасудите, посебно на етничките. Напротив, тие само го потсилуваат војничкото, униформното. Секој поединец ја претставува групата, сите се одговорни за секого, и обратно.

Ѓорге Иванов доби уште еден мандат, токму поради тоа што прифати да биде избришан како личност, што постојано се повикуваше на тимот, односно на партијата на неговиот ментор Груевски.

Оттаму, разбирливо што повиците трагедијата да не се претвора во масовна меѓуетничка пресметка, зашто уапсениот злосторник има име и презиме и дека мора само нему да му се суди, не дојдоа ниту од премиерскиот кабинет на Илинденска, ниту од претседателската вила на Водно.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња