Скротувач на луњи

23.05.2014 09:46
Скротувач на луњи

На седумдесет години дедо ми Божоле-ла-Пивуан можеше сѐ уште како од шега да ви скроти една луња од прва категорија.

Дарбата преминува од татко на син; откако ги минав искушенијата, појдов на пат престорен во патувачки продавач на кошници. Можам да бидам виден на раб од некоја шума, на срт од некој рид, во часовите кога небото добивa оловна боја и кога се слушаат првите татнежи, сѐ уште придушени: го чувам родот.

Еден добар скротувач вреди злато колку што е тежок во времето на жетвите и бербите. Јас ќе го сторам знакот и луњата ќе избувне, но јас ја држам в раце, таа ме слуша. Ја оддалечувам од нивите и од лозјата, ја одвратувам од несреќниците што таа се готвеше да ги погоди со гром. Понекогаш, заради игра, ја испраќам кај некој колега кој, од своја страна, ми ја враќа назад. Видени се луњи што се одбиваат четири или пет пати од скротувач до скротувач.

Кога некоја исплашена чобанка ќе истрча пред мене, јас користам еден друг знак: таа запира, ме следи и јас правам со неа што ќе посакам во некоја колиба или во некој амбар. Тоа се нашите дополнителни заработки.

А какво задоволство е да тргнеш одново по испраните патишта, додека првата птица ги стреснува капките и ги мазни своите пердуви во седум рајски бои!

Превод: Влада Урошевиќ
Слика: Sam Sidders

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото