Бразил на работ: „Нема да се одржи светското првенство!“

23.05.2014 10:47
Бразил на работ: „Нема да се одржи светското првенство!“

За оние кои штотуку се вклучуваат, идејата дека луѓето во Бразил протестираат против светското првенство во фудбал има онолку смисла колку и тоа њујорчаните да се побунат против пицата. Па сепак, еве нѐ тука, помалку од еден месец пред почетокот на првенството, а демонстрациите се одржуваат под слоганот #NãoVaiTerCopa или „Нема да се одржи светското првенство“.

Додека се ближи светското првенство во фудбал ФИФА 2014, протестите, штрајковите и директните акции се разгоруваат ширум земјата. Пред сѐ, дури 10.000 луѓе во Сао Паоло под знамето на Движењето на бразилските работници бездомници, или MTST, го окупираа градилиштето покрај Арената Коринтијанс, местото на кое ќе биде одржан првиот меч од светското првенство. Тие својата окупација ја нарекуваат „Народно светско првенство“ и истакнуваат дека оние речиси половина милијарда долари потрошени на изградба на „стадионот со ФИФА квалитет“ кој се наоѓа покрај нив би можеле да бидат употребени за борба против сиромаштијата или за подобрување на здравствента заштита. Слоганот „сакаме болници и училишта со ФИФА квалитет“ сѐ уште одекнува како што одекнуваше пред една година, кога Бразил за време на Купот на конфедерациите се соочи со најголемите протести во последните 25 години. Сега, како што се ближи првенството, гневот е уште посилен. Марија дас Дорес Циркера, 44-годишна жена и координатор на MTST, изјави за Лос Анџелес Тајмс: „Кога владата ни рече дека ќе бидеме домаќини на Светското првенство, се надевавме дека ќе ни биде подобро. Но тие не го организираат првенството за народот, тие го организираат првенството за грингосите.“

Ова уверување дека лавовски дел од трошоците за светското првенство е направен за странците да можат да трошат, додека бразилските маси на своите плеќи ќе го поднесуваат унитшувањето и болката, е сеприсутно. Секој протест, секој митинг, секој очајнички крик е поврзан со „три D“: раселување (displacement), долг (debt) и одбрана (defence). Статистичките податоци за раселувањето, долгот и одбраната на аутсајдерите можат да бидат неинтересни или лесно можат да се игнорираат. Бројките за луѓето кои се исфрлени од своите куќи неверојатно варираат, но несомнено, стотици илјади најранливи жители на земјата се или ќе бидат релоцирани со помош на стап или морков, или преку финансиски надомест на трошоците или пак со помош на пушка.

Што се однесува до долгот, ова ќе биде најскапото светско првенство во историјата, чија најниска проценка на цената изнесува 15 милјијарди долари. И потоа тука е „одбраната“. Покрај острите „антитерористички закони“, бразилската влада ќе има повеќе чизми на теренот од кое било светско првенство до сега: повеќе од 170.000 вработени во обезбедувањето, 22% повеќе од Јужна Африка во 2010. Овој бренд на „одбрана“ ќе доведе до пораст на раселувањето и задолжувањето на теренот во Бразил, бидејќи „безбедноста“ станува сеопфатно оправдување на претседателката Дилма Русеф и за секој чекор на владејачката Работничка партија. Исто така „одбраната“ е таа која ги тера луѓето и организациите да излезат на улица и да кажат Não Vai Ter Copa. „Одбранбената“ операција речиси бескрајно се фокусира на интерните мети, што создава впечаток дека сите тие пари се потрошени за да ги заштитат богатите туристи од самиот бразилски народ. (Иако некои од интерните безбедносни мерки не поминаа без протести, откако обезбедувањето на стадионите неодамна штрајкуваше велејќи дека сака „плата со ФИФА квалитет“.)

Додека Бразилците и Бразилките го трпат ова нарушување на нивните животи без преседан, зборовите на оние кои се на власт се сосема без такт. Бразилскиот министер за спорт Алдо Ребело во март се фалеше дека секој облик на гнев ќе се распрсне до почетокот на светското првенство, велејќи: „Луѓето повеќе ќе се интересираат за славјето отколку за протестирањето.“ Генералниот секретар на ФИФА Жером Валке изгледа дека изрази копнеж по бразилската диктатура од минатите години, кога рече дека „работата со демократски избраната влада може да го комплицира организирањето на турнирот.“ Валке исто така рече нешто поради кое ќе зажали кога во еден неодамнешен коментар рече дека ФИФА поминала „низ пекол“ обидувајќи се да го подготви светското првенство на време. Слободно може да се смета дека „пеколот“ на уривање на куќите или претепувањето и прскањето со солзавец од страна на полицијата е нешто полошо од сѐ што Валке морал да поднесе.

Повиците на протест имаат цел да ја истакнат болката и да му покажат на светот кој стои зад завесата и ги влече конците. Врз основа на исклучително добрата информираност постои свест за тоа дека баш како што владините планови за Бразил во врска со светското превенство се дизајнирани за меѓународна потрошувачка, исто така постои и глобален фокус без преседан. Големиот новинар Едуардо Галеано во една прилика напиша: „Постојат видливи и невидливи диктатори. Структурата на моќ на светскиот фудбал е монархиска. Тоа е најтајното кралство на светот.“ Учесниците во протестите имаат цел ништо помалку од извлекување на ФИФА од сенка на светлина. Ако бидат успешни, ќе остават зад себе наследство кое ќе трае подолго од самиот спектакл.

Извор: The Nation